Уште една европска лага

15.11.2019 01:41
Уште една европска лага

Последниот попис на „Проектите од заеднички интерес“ (ПЦИ) во енергетскиот сектор кои Европската комисија ги прогласи како поволни за кофинансирање од заедничките фондови содржи 32 проекти со природен гас, вклучувајќи ја и изградбата на ЛНГ (течен природен гас) терминали. Се работи за очигледна контрадикција која сега веќе им пречи и на самите бриселски бирократи, особено оние задолжени за одржување на еколошката маска на Унијата. Поентата за постоење на овој попис со енергетски проекти е да се промовира енергетската сигурност надвор од границите на земјите членки. Откриената противречност е последица на сѐ почесто критикуваната поделеност на европските политики, односно неповрзаноста, на пример, на еколошката, енергетската и социјалната политика.

Комисијата се брани со аргументите дека 70 проценти од проектите од овој попис доаѓаат од секторот за обновливи извори и дека бројот на проекти кои се темелат на природен гас паднал од 53 на 32 (односно на 21 процент) и дека тие се усогласени со европските декарбонизациски цели“, пишува Еурактив. Во останатиот дел проекти кои се темелат на обновливи извори на енергија главно се работи за проекти за развој на паметни мрежи за електродистрибуција, транспорт на оддалечени места и системи за складирање електрична енергија од ОИЕ (обновливи извори на енергија), а присуството на проекти со природен гас ЕУ го оправдува со зголемувањето на учеството на проекти со обновливи избори.

Ова објаснување ги налути еколозите од огранизацијата Friends of the Earth кои истакнуваат дека информацијата за 32 енергетски проекти е невистинита, зашто впрочем се работи за 55 проекти со природен гас на пописот проекти од заеднички интерес. Имено, комисијата третира одредени проекти како кластери и 55 поединечни проекти со природен гас бирократски се сокриени под категоријата кластери. Friends of the Earth сметаат дека со овој попис Комисијата се подбива со сопственото ветување за изградба на климатски неутрална Европа.

Така меѓу проектите од заеднички интерес се наведуваат ЛНГ терминали во Грција, Кипар и Полска „како и два особено контроверзни терминали на островот Крк во Хрватска и на островот Шенон во Ирска“ кои се градат заради гасот од шкрилци увезен од САД, наведува Еурактив.

Инструменти за поврзување на Европа

Сите овие проекти ќе се кофинансираат од фондот Инструмент за поврзување на Европа (ЦЕФ) тежок околу 30 милијарди евра. Се работи за фонд наменет за вложување во инфраструктурни приоритети на Европската унија во областите дистрибуција, енергетика и дигитална технологија. Прва цел му се јакнење и модернизација на моменталните мрежни инфраструктури на подрачјето на Европската унија. Втора цел на ЦЕФ е да ѝ овозможи на Унијата до 2020 година да ја намали емисијата на гасовите од стаклената градина за 20 проценти, да ја зголеми енергетската ефикасност за 20 проценти и да го зголеми учеството на енергија добиена од обновливи извори на енергија за 20 проценти. Програмата завршува заклучно со 2020 година, а буџетот бил распределен така што 23,2 милијарди евра одат за транспорт, 5,12 милијарди евра за енергија и 1 милијарда за телекомуникациски мрежи.

Благодарение на тоа проектите што се најдоа на пописот сега ќе поминат преку забрзан процес за добивање на потребните дозволи. На тој начин Европската унија со уште еден пример покажува дека европските политики немаат основа во демократските процеси. На пример, хрватскиот ЛНГ терминал во Омишаљ на Крк толку очигледно продолжува понатаму и покрај повеќедецениската борба на разни социјални групи против плинските и нафтените терминали и цевководи на тој остров кој својот економски успех во голем дел го должи на туризмот и зачуваната природа.

Friends of the Earth сметаат дека со изборот на овие проекти ЕУ јасно дава до знаење каде лежат нејзините приоритети. На тоа ЕУ одговара дека отсекогаш била јасна во артикулацијата дека природниот гас е потребен како транзитно гориво кое е поевтино и значително помалку штетно од јагленот и нафтата. Исто така се брани дека независно од бројот 55 или 32 проекти, учеството на проекти со природен гас опаднал на листата вкупни енергетски проекти кои ги финансира ЕУ со 40 проценти.

Сепак, тоа не е објаснување со кое можеме да се задоволиме. Имено, плинските терминали имаат очекуван век на траење од 50 години што значи дека ЕУ уште толку години ќе дава субвенции за природен гас. Но, ЕУ има одговор и за тоа - дека истата инфраструктура во иднина наместо за транспорт на природен гас може да се користи за биометан и водородни горива добиени со електролиза. Иако, заради бројните проблеми со овие горива тој аргумент е толку далекусежен што е поблиску до научна фантастика отколку до реалноста. И покрај фактот дека ЕУ уште во 2009 година ги натера членките да се обврзат на постапно укинување на природниот гас како ресурс и на укинување на субвенциите за плин најдоцна до 2025 година, од тој одговор до денес малку нешта се променети, за што сведочи и студијата која ја плати Европската комисија, а од која се гледа дека во периодот од 2014 до 2016 година земјите членки го субвенционирале природниот гас со 55 милијарди евра годишно.

Поделените европски политики

Од перспектива на топол дом затоплен со природен гас, лесно е да се согледа социјалната логика на Европската унија за понатамошно субвенционирање на природниот гас. И покрај тоа, во контекст на индустриската зависност на цели земји од валканите енергенси, на пример, јагленот, како што е случај во Полска, речиси е невозможно да се заговара транзиција на ОИЕ веднаш и сега. Затоа, можеби инфраструктурата за природен гас е нужна во Полска, но на пример во Хрватска и новоизградената гасификација во Далмација се покажа како бесмислена зашто приклучоците и цената се толку скапи што Далмација веројатно никогаш нема да се грее на плин. Наместо тоа, во овој крајбрежен регион кој го грее сонце постои традиција на греење на струја. Државното вложување во соларни покриви и системи за складирање на оваа енергија можеше да има социјално поповолни ефекти во Хрватска. Значи, плинот можеби е оправдан во Полска, но во Хрватска, особено со оглед на тоа дека во рок од една година веројатно ќе престане дотокот на руски плин по оваа цена од Украина и ќе почне дистрибуција на поскап плин од Германија (Северен тек 2), вложувањето во ЛНГ терминал во Омишаљ на Крк нема социјална, а ни економска оправданост. Тој термин е исклучиво европски политички компромис со САД, земја чија влада ги негира климатските промени. Некои прашања и натаму остануваат отворени. На пример, дали Европската унија ги троши нашите пари на најдобар можен начин? Дали имаме некакви можности за да влијаеме на тоа како ЕУ ги троши нашите пари?

Најважните аргументи ги оставивме за крај - оној за поделеноста на европските политики можеби е најлесно да се анализира преку примерот на енергетиката. Прашањата за струјата и греењето имаат неверојатна моќ за социјална мобилизациија, цените на овие ресурси засекогаш ќе мора да бидат социјални, особено на истокот од ЕУ. Ако Германија не ја почитуваше европската енергетска стратегија која бара укинување на социјалните цени на струјата и плинот, нема потреба да ги почитува ни европската периферија. Значи, распаѓањето на европската енергетска стратегија не се случува исклучиво по класна основа, центар кој го контролира капиталот наспроти енергетски загрозена периферија. ЕУ сериозно се дели и по линијата политички мејнстрим наспроти еколошки посвесни граѓани и политичари. Тука не станува збор за поделбите кои досега се навикнавме да ги гледаме. За тоа сведочи и самата инаугурација на новата претседателка на Европската комисија Урсула вон дер Лејен. Така, за еколошките прашања левицата ќе се најде на иста линија со либералите и двете страни од иста перспектива ќе го истакнуваат проблемот за противречноста на европските енергетски и еколошки политики. Но, притоа либералите и левицата нема да бидат на иста страна кога се работи за унификација на европскиот енергетски пазар, каде првите ќе заговараат државна апстиненција, а вторите социјална цена за енергенсите, односно помоќна државна интервенција.

Поделеноста на европските политики би можела да конвергира во точката каде либералите и левицата наоѓаат заеднички минимален именител во демократските облици на борба за децентрализирани обновливи извори на енергија. Но, ми се чини дека од оваа борба сме оддалечени уште десетина години и дека тоа ќе биде борба само ако климатските промени бидат благи кон нас во тој период. Ако бидат немилосрдни, можеби нема ни да има конфликт, зашто на сите ќе им биде јасно дека капитализмот е систем што итно треба да се надмине. Сепак, нужно е да се постави прашањето кој ќе ја донесе таа одлука? Ние, според социјални критериуми, или политичката елита според профитните? Противречностите на европските политики сѐ почесто се откриваат во својот пауновски облик, прашање е дали деловно-политичката елита некогаш ќе одговара за сѐ што е објективно одговорна?

Слики: Tyrone Layne

Извор: https://www.bilten.org

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото