Изложба „Јосиф Михаиловиќ – творец на модерното Скопје“ во Музеј на г. Скопје

15.11.2019 02:53
Изложба „Јосиф Михаиловиќ – творец на модерното Скопје“ во Музеј на г. Скопје

Вечерва (15 ноември, петок) во 19 часот во Музеј на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Јосиф Михаиловиќ – творец на модерното Скопје“. Изложбата е во организација на Спона - Културно информативниот центар на Србите во Македонија. 

Изложбата е посветена на основоположникот на модерно Скопје, кој со својата визија и стручност успеал да ги даде првите урбани правци во кои треба да се развива главниот град.

Јосиф Михаиловиќ (1887-1941) е роден во Тресонче. Тој бил градоначалник на Скопје од 1929 до 1936 година, а потоа во 1939 година повторно бил назначен за прв човек на градот, функција на која останува до крајот на својот живот кој трагично завршува во 1941 година.

Во текот на својот речиси десеттогодишен мандат, тој својата активност ја насочил кон модернизација на градот и неговото комунално уредување.

На почетокот на 1929 година, за да добие целосен приказ на состојбите во Скопје, тој повеќе пати го надлетувал градот и околината. По авионското снимање го изработил Генералниот регулационен план на Скопје и извршил геодетски премер на градот. За таа цел, бидејќи градот немал доволно кадри, Јосиф се вклучил во планирањето, проектирањето, мерењата и изведувањето на работите, а вклучил од околните школи за геометри 450 ученици и 25 дипломирани геометри на кои им била потребна работна пракса. Тие освен премер биле ангажирани и за попис на населението. Генералниот регулационен план го работел според идејниот проект на белградскиот архитект Димитрије Т. Леко, школуван во Цирих и Минхен. Леко во 1914 година ја добива првата награда на конкурсот за планот на Скопје. По усвојување на Генералниот план во 1930 година Михаиловиќ се посветил на својата визија.


За задоволување на потребите со електрична струја на градот изградена е термоцентрала под Кале, а потоа на реката Треска започнала и изградбата на хидроцентралата „Матка“, лачната брана „Свети Андреа“,(проф др. Миладин Пеќинар, пуштена во погон 1938). Во истиот период започнала изградбата и на водоводот Рашче кој е завршен во 1936 година и се поврзува со Скопје во 1937 година. За заштита на градот од поплава од водите на реката Вардар, го изградил насипот во Градскиот парк и ја извршил и регулацијата на реката Серава, која дотогаш ги полавувала населбите Чаир и Топана.

За време на неговиот мандат твореле плејада квалитетни архитекти: Иван Артемушкин, Богдан Несторовиќ, Драго Иблер, Сотир Томовски, Милан Злоковиќ, Михаил Дворников и многу други. Изградени се повеќе објекти меѓу кои, училишта, општински згради, индустриски објекти, скулптури: Народното Собрание, Општинската зграда, Завод за осигурување на работниците, денес Градската Болница, Хигиенскиот завод денес во склоп на Клинички центар, Старата железничка станица, Народната Банка, Трговско-индустриската комора, Лекарската Комора, Домот на сојузот на инженерите и архитектите, хотелот „Јадран“, железничката зграда, Железничката станица, Конзервната фабрика „Вардар”, фабриката за тутун, позната како Монопол, четири основни училишта, женска гимназија, сапунарата „Аеро“, подоцна „Цверан Димов“, армирано бетонските мостови на Вардар, биле уредувани улици,калдрмисанисе 280 километра улици, направени 20 нови крстосници, формирани се плоштадите „Крал Петар“, „Ослободување“ и „Слобода“, Золошката градина, двете коњанички скулптури на Антун Аугустинчиќ пред Камениот мост и многу други.

Проектот „Домот на Црвен Крст“ во Скопје, проектант: Јосиф Михаиловиќ (1930)

Јосиф Михаиловиќ се занимавал и со архитектонско проектирање. Позначајни негови реализирани објекти се: зградата на Црвениот Крст во Скопје (1930), Јавната берза на трудот (денес социјално), ја проектирал својата куќа во Скопје (1939), која државата 2010 година ја отстапува за Амбасада на Република Албанија; Фабриката за текстил во Скопје (1939).

Јавна берза на трудот (денес Социјално), архитект, Јосиф Михаиловиќ (1939)

Тој се занимавал и со публицистичка дејност.

Граѓаните на Скопје особено го ценеле градоначалникот на Скопје кој знаел пеш или со пајтон да шета низ градот и да ги бележи сите проблеми.

Првиот човек на Скопје, Јосиф Михаиловиќ починал на 11 март 1941 година, само еден месец пред почетокот на Втората светска војна. Тој починал на скопската клиника за време на хирушка интервенција на слепо црево. Грѓаните на Скопје достоинствено го испратиле до неговото вечно живеалиште, но за жал ни до денешен ден не е познато каде е гробот на овој голем скопјанец. Во погребната поворка која ја следеле повеќе од 15 илјади граѓани, голем дел биле облечени во мијачки народни носии. Целата церемонија траела повеќе од пет часа, а повеќе од 20 лица одржале проштални говори.

Извор: Порта 3