Дванасет македонски фотограф(к)и

15.11.2019 13:08
Дванасет македонски фотограф(к)и

Од книгата „Дванасет македонски фотограф(к)и“, која денес ќе биде претставена во Тетово, издвојуваме 12 фотографии и предговорот на уредниците, Драги Неделчевски и Никола Гелевски. Во книгата се застапени авторите Зоран Шекеров, Маја Аргакијева, Иван Блажев, Васе Аманито, Владимир Арсовски, Дејан Колевски, Билјана Јуруковски, Иван Илиев, Весна Каревска, Самир Љума, Лилика Стрезоска и Натали Башоски.

Зоран Шекеров

Маја Аргакијева

Иван Блажев

Васе Аманито

Владимир Арсовски

Дејан Колевски

Билјана Јуруковски

Иван Илиев

Весна Каревска

Самир Љума

Лилика Стрезоска

Натали Башоски

ПРЕДГОВОР

Фотографијата стана лудо присутна, насекаде, и во огромни количини. Постои пролиферација и инфлација на фото слики, до степен на заситеност и дезориентираност. На некој начин, тоа зборува за артифициелноста на преовладувачката „слика на светот“. Оти фотографијата е псеудоприсуство, т.е. знак на отсуство. Затоа ја има толку многу, таа на некој начин е надоместок за изгубената „реалност“, клучен медиум на „консензуалната халуцинација“. Сузан Сонтаг во својата славна книга За фотографијата (1977) вели: „Допремувајќи го во овој веќе пренатрупан свет неговиот дупликат составен од слики, фотографијата ни создава чувство дека светот е поприсутен одошто тој всушност е.“

Од друга страна, фотографирањето значи и присвојување на фотографираната работа, тоа дава чувство на моќ, иако е тоа моќ над „мртвото“, над нешто што поминало. Фотографијата отсекогаш била блиска до смртта (во некои филмови блиска до убивањето!) бидејќи токму исечениот миг ја потврдува неповратноста на времето, неговото топење.

Од трета страна, фотографијата е граматика или, уште поважно, етика на гледањето, како што вели Сонтаг. Фотографијата е и сентимент, ресентиман, носталгија, чувствување... Со фотографиите работите не се разбираат туку се чувствуваат. За да се разберат потребно е знаењето на разглобувањето, на временските текови...

Сите тие комплексни, противречени работи што со себе ги носи (и во себе ги има) медиумот на фотографијата, сакавме да ги прикажеме и во книгава. Низ фотографии, како поинаку?! Се сосредоточивме на македонската фотографска сцена бидејќи ни е блиска и релативно добро ја познаваме (иако е невозможно да се познава дури и една мала сцена, среде сеопштата хипер продукција на фотографии!).

Заправо, главната намера на книгава е комплексноста на фото медиумот да ја претстави преку погледот врз еден дел на современата македонска фотографска сцена. Богатството не медиумот сакаме да го доловиме претставувајќи ја таа сцена што покомплексно и поразлично ‒ во стилска, поетичка, идејна, техничка, родова, генерациска... смисла. Ако сакаме да бидеме претенциозни, книгава може да биде и придонес за воспоставување, за артикулирање на овдешната фотографска сцена. Таа сцена веројатно постои на некои можеби мистични начини, дисперзирана во илјада правци, но ѝ требаат фокус, репери, критика, артикулација...

И заради тоа се потребни вакви книги. Како што се потребни, на пример, што позачестено, антологии (и современи и историски) на македонскиот расказ, поезија, карикатура итн. И не само на македонскиот, се разбира. За жал, таа „антологичарска култура“, култура на систематизирање, избор и критика многу слабо вирее кај нас и многу се ретки потфатите од овој тип.

Затоа се потрудивме околу книгава. Кој знае кога ќе имаме нова шанса. Затоа и првичната идеја за десет застапени автор(к)и ја поместивме: сега се дванаесет. Просто не можевме да се откажеме од некои автори, но најмногу во желбата да прикажеме што похетерогени пристапи спрема фотографијата. (Иако се откажавме од најмалку десетина други важни фотограф(к)и кои исто така ги сметаме за репрезентативни за овдешната фото сцена: Ѓорѓи Личовски, Томислав Георгиев, Роберт Јанкуловски, Роберт Атанасовски, Кире Галевски, Андреј Гиновски, Александар Наумчески, Јелена Белиќ, Влатко Деков, Наташа Гелева итн.) Се откажавме од некои автори кои ги сметавме за доволно етаблирани, професионализирани и широки познати; се откажавме и од некои талентирани автори кои допрва ќе ја градат својата кариера во овој медиум...

Нашиот избор можеби влече малку повеќе кон „арт“, кон ексцес, експеримент и шаренило... Иако се трудевме да ги почитуваме и техничката виртуозност и високите фотографски стандарди.

Сакавме, исто така, книгава да има своевидна „хемија“, суптилни релации меѓу застапените фотографии, и покрај нивната јасно видлива хетерогеност. Темата идентитет, на пример, ги поврзува речиси сите 12 застапени автор(к)и, а особено е нагласена во циклусите на Шекеров, Аманито, Јуруковски, Љума, Стрезоска, Башоски... Занимавањето со самиот фотографски медиум и автореферентноста исто така се заеднички за повеќето автори: Блажев, Каревска, Илиев, Колевски, Стрезоска, Арсовски... Склоноста кон експеримент и преиспитување е понагласена кај Блажев, Каревска, Илиев,Стрезоска, Башоски... Хуморот, лиричноста, фотографијата сфатена како сведоштво (најмногу кај Аргакијева, Шекеров, Аманито, Илиев...) исто така се карактеристични за повеќето застапени автори.

Се разбира, добар дел од „хемијата“ е во очите на набљудувачот, во случајов во очите на уредниците на книгава. Но, за да ја пронајдеме внатрешната поврзаност меѓу различните фотографски поетики многу ни помогнаа и дизајнерите од графичкото студио „Кома“ (Ема Велковска и Небојша Гелевски). И за тоа им благодариме. Фотографијата во книга, велеше Сузан Сонтаг, е слика на сликата, но бидејќи е печатен, мазен предмет, фотографијата репродуцирана во книга губи многу помалку од својот суштински квалитет отколку сликата на платно. И тоа ни беше мотив да ја создадеме книгава, блискоста на двата медиума, книгата и фотографијата.

Најголемата благодарност сепак оди кон автор(к)ите кои љубезно ни ги отстапија фотографиите и педантно одговорија на единствените две прашања што им ги поставивме: „Што е за вас фотографијата?“ „Кажете ни неколку зборови за конкретните фотографии застапени во книгата“.

Од уредниците

 

Книгата и нејзината промоција (во рамките на акцијата „Новиот бран“) поддржани се од Министерството за култура на Северна Македонија.

Слични содржини

Фотографија / Уметност
Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Фотографија / Уметност
Фотографија / Живот / Уметност
Фотографија / Уметност / Историја
Активизам / Фотографија / Уметност
Фотографија / Живот / Уметност
Фотографија / Психологија / Живот / Уметност

ОкоБоли главаВицФото