На годишнината од Кадифената револуција, Чесите повторно на улиците

16.11.2019 13:07
На годишнината од Кадифената револуција, Чесите повторно на улиците

Кадифената револуција во Чехословачка започна на 17 ноември 1989 година откако специјалната полиција брутално ги нападна студентите кои излегоа од утврдената рута на протестниот марш и се упатија кон центарот на Прага.

Насилството без преседан, но и лажните гласини дека е убиен еден студент, веднаш предизвикаа реакција. Беше формирана опозициската групација Цивилен форум, а студентите на Универзитетот прогласија штрајк.

Вит Поханка, тогаш студент во градот Оломуц, беше избран во набрзина формираниот комитет со задача да ја координира протестната окупација на неговиот факултет

„Дел од организаторите беа сигурни дека ќе нè исфрлат, но и дека ќе завршиме во затвор“, вели Поханка, кој планирал да побегне на Запад откако ќе дипломира. „На моменти во таа прва недела навистина бев исплашен“.

Но револуцијата во зародиш набрзо прераснува во нешто големо: Бројот на антирежимските демонстранти се зголемува секојдневно, се одржува и генерален штрајк, па Централниот комитет на Комунистичката партија поднесува оставка, и на 29 декември 1989, дисидентот Вацлав Хавел е избран за претседател, ставајќи му крај на четири децениското владеење на комунистите.

Поханка вели дека тоа бил највозбудливиот период во неговиот живот. „Имав 23 години и сè беше можно. За нас, тоа беше нешто многу еуфорично“.

Вит Поханка, студентски лидер во време на Кадифената револуција

Враќање на улиците

Но таа еуфорија одамна заврши. Чесите повторно масовно протестираат, но овојпат не против едноумието, туку поради чувството дека политичарите со корени во системот пред 1989 година повторно владеат со земјата.

„Сè уште се соочуваме со остатоците на комунистичкото раководство“, вели студентот Бенјамин Рол, втор човек на граѓанската група Милион моменти за демократија.

Рол алудира на актуелниот чешки премиер, некогашниот комунист Андреј Бабиш, кон кого е насочено неговото движење. Бабиш бил агент на тајната полиција во ерата на тоталитаризмот, откриваат документи во Словачка, а се соочува и со обвинение за корупција поврзано со концернот Агроферт, кој го направи еден од најбогатите луѓе во Чешка. Неговата партија АНО ја предводи малцинската влада која преживува благодарение на поддршка на Комунистичката партија во парламентот.

„Андреј Бабиш има голем конфликт на интерес и поседува преголема моќ“, вели Рол. „Бараме оставка од Бабиш и од министерката за правда Мари Бенешова“.

Во јуни годинава, Милион моменти за демократија привлече речиси 250 илјади луѓе на протести - најголеми во земјата од 1989 година - против Бабиш.

Рол, кој има 24 години и кој планира да стане протестантски свештеник, вели дека дел од организаторите на протестите се инспирирале од духот на Кадифената револуција.

„Ситуацијата околу Бабиш и Земан потсетува многу луѓе за што се бореле во 1989 година“, вели тој. Чешкиот претседател Милош Земан е близок сојузник на Бабиш и се залага за поблиски односи со Русија и Кина.

Речиси 250 илјади Чеси излегоа на протести против Бабиш годинава

Носталгија

Рол вели дека многу Чеси се разочарани со развојот на состојбата во последните три децении. „Многу луѓе се навистина сиромашни, а тоа не го очекуваа по револуцијата“.

Последните анкети велат дека 38% од Чесите над 40 години веруваат дека нивните животи биле подобри пред промените. Социологот Јан Хартл вели дека многу постари Чеси кои мислат така, во времето на комунизмот живееле во „приватно бегство“ фокусирајќи се на своите викендички и погодностите кои ги нудело тоа време. „Тие не преземаа никаква одговорност. Комунистичкиот режим беше таков што немаше обврски и не постоеше време. Немаше големи можности, но ниту големи напори“.

Лидер на новите протести во Чешка, Бенјамин Рол

Некогашниот студентски лидер Поханка вели дека расудувањето на некои е замаглено од носталгија. „Доколку се сеќавате само на интересните нешта кои ги правевме, како излегувањето или слушањето музика, разбирам зошто некој би мислел дека тогаш животот бил поубав“.

Членовите на движењето Милион моменти за демократија денеска организираат централен протест против Андреј Бабиш во Прага, додека утре, на годишнината од почетокот на Кадифената револуција, се планирани над 150 помали протести ширум земјата.

Бенјамин Рол вели дека датумот не е избран случајно.

„Сакаме луѓето да ја запаметат Кадифената револуција. Не започнуваме нова револуција или нешто слично, само сакаме да го заштитиме она што беше постигнато во 1989 година“.


Извор: Дојче Веле

 

Слични содржини

Општество / Европа
Европа / Историја

ОкоБоли главаВицФото