Во Тетово одржана промоција на книгата „Дванаесет македонски фотограф(к)и“

16.11.2019 18:40
Одржана промоција на книгата „Дванесет македонски фотограф(к)и“ во Тетово

Во петокот, на 15 ноември, во LOJA центарот за балканска соработка во Тетовo се одржа промоција на книгата „Дванаесет македонски фотограф(к)и“ во издание на Темплум, придружена со разговор на тема „Сликата на другиот“. Учесници во разговорот и промоцијата беа Искра Гешоска, Бојан Иванов, Драги Неделчевски и Елмедина Шафи и Никола Гелевски.

Дванаесетте македонски фотограф(к)и застапени во книгата се авторите Зоран Шекеров, Маја Аргакијева, Иван Блажев, Васе Аманито, Владимир Арсовски, Дејан Колевски, Билјана Јуруковски, Иван Илиев, Весна Каревска, Самир Љума, Лилика Стрезоска и Натали Башоски.

Во предговорот уредниците Никола Гелевски и Драги Неделчевски истакнуваат:

„Заправо, главната намера на книгава е комплексноста на фото медиумот да ја претстави преку погледот врз еден дел на современата македонска фотографска сцена. Богатството не медиумот сакаме да го доловиме претставувајќи ја таа сцена што покомплексно и поразлично ‒ во стилска, поетичка, идејна, техничка, родова, генерациска... смисла. Ако сакаме да бидеме претенциозни, книгава може да биде и придонес за воспоставување, за артикулирање на овдешната фотографска сцена. Таа сцена веројатно постои на некои можеби мистични начини, дисперзирана во илјада правци, но ѝ требаат фокус, репери, критика, артикулација... И заради тоа се потребни вакви книги.“

Настанот беше последниот во рамки на проектот „Медиумот е порака“ кој се спроведуваше изминативе два месеца, и имаше за цел да развие дискусија околу состојбата на медиумите и нивната улога и интеракција со останатите важни сектори во нашето општество.

Фотографии: Зоран Шекеров

Проектот „Медиумот е порака“ е поддржан од Министерството за култура во рамки на манифестацијата „Нов културен бран“.

ОкоБоли главаВицФото