Кога Тито му кажа „Не!“ на Сталин

18.11.2019 02:36
Кога Тито му кажа „Не!“ на Сталин

Карикатури во печатот, летоци фрлани од воздушни балони, па дури и шишиња со пораки испратени преку пограничните реки... Советскиот сојуз и неговите сателити не бираа средства да го оцрнат раководството на поранешна Југославија откако дојде до драматичното разидување меѓу комунистичките раководство во Белград и Москва во 1948 година. Изложбата насловена „Тито и Југославија во карикатурите на Информбирото“ деновиве е актуелна во Нови Сад, и таа во детали доловува како изгледаше пропагандата на Информбирото против социјалистичка Југославија откако Тито му го кажа историското „не“ на Сталин во 1948 година.

Со изложбата се одбележуваат 70 години од резолуциите на Информбирото во 1948 и 1949 година.

„Одбрав тоа да го сторам преку информбировските карикатури за кои сметам дека со својата бруталност на добар начин го отсликуваат големиот притисок, во овој случај пропаганден, на кој била изложена тогашната југословенска држава“, вели за ДВ авторката на изложбата Кристина Менеши.

Уште на самиот влез на изложбата, од левата страна ќе ве пречека голема фотографија на насмеаниот Јосип Броз Тито, а од десно- намуртениот Јозеф Сталин во заканувачка поза, со подигнат прст.

Меѓу експонатите се и шишиња со пропагандни брошури, бидејќи и тие преку реките стигнувале во Југославија.

Пропагандата била објавувана во гласилата на информбировските земји, а карикатурите биле дистрибуирани и со фрлање од воздушни балони, по пошта, со бродови... Биле користени и филмови, но и емитување говори преку мегафони во пограничните подрачја.

„Пропагандата во најголем дел била вршена преку информбировските радио-станици. 24 часа во текот на денот биле емитувани 56 емисии на српско-хрватски, македонски и словенечки јазик, односно вкупно 26,2 часа пропагандна програма, од кои само Радио Москва емитувала 12 емисии во траење од шест часа. Понекогаш тоа било само читање на содржината на летоците“, вели Менеши.

Белградскиот „Јуда“

Дел од материјалот кој бил запленет од југословенските државни органи се чува во Музејот на Војводина и сега за првпат и е претставен на јавноста. Посетителите имаат можност да видат летоци на кои Тито се прогласува за американски шпион и белградски „Јуда“, а Југославија за фашистичка земја во која се гледаат американски филмови кои го шират „капиталистичкиот отров“. Како противтежа на таа пропаганда, прикажани се и стриповите на Дизни кои во тоа време се објавуваат во изданијата на белградска „Политика“.

Менеши вели дека е интересно тоа што поголемиот дел од карикатурите и пропагандата на Информбирото биле насочени кон критика на аномалиите на југословенското општество како култот на личноста, репресиите и прогонот на политичките противници, погрешната аграрна политика, нискиот животен стандард, контролата над медиумите...

„А токму тоа се карактеристиките на системот на сталинизмот, односно на државите кои ја вршеле пропагандата“, вели Менеши.

Југославија, меѓу другото, тогаш била обвинувана дека сака да влезе во НАТО. Пропагандата, која траела од 1948 до 1954 година, била сирова, сурова и вулгарна.

Но изложбата не е апологетска за што сведочи и фактот дека еден дел му е посветен на логорот за политичките затвореници Голи оток. Во тој дел посетителите имаат можност да го видат филмот на Мирослав Антиќ „Светиот песок“ од 1968 година, посветен токму на репресијата на Голи оток. Филмот е дел од „Црниот бран“ во југословенската кинематографија чии автори ги прикажуваа и темните страни на југословенскиот социјализам и го критикуваа системот.

Историчарот Миливој Бешлин за ДВ вели дека нема сомнеж оти репресијата на Голи оток била брутална и дека била „дамка на југословенската револуција“, бидејќи против сталинизмот и советскиот обид да се покори Југославија се водела борба со сталинистички методи.

„Фашистичкото куче и неговите газди“- карикатура во „Правда“ од 1949 година.

Нов молк за Голи оток

„Голи оток бил внатрешна пресметка меѓу комунистите. И бил многу брутален. Треба да се знае дека Комунистичката партија на Југославија во периодот на формирањето меѓу двете светски војни била огранок на Коминтерната и за југословенските комунисти Сталин бил вистински лидер и голем учител. Поради тоа, раскинот на Тито со Сталин за многумина бил многу болен и многумина не можеле да се помират со тоа. Од друга страна, не смее да се заборави дека Југославија тогаш живее во атмосфера на необјавена војна, и дека во тие години југословенските војници гинеле на државните граници“, вели Бешлин.

Иако Голи оток беше табу тема во времето на социјалистичка Југославија, прашањето сепак се отвораше во периодите на обиди за либерализација на социјализмот, кон крајот на 1960-те години, пред се на филм, во литературата и театарот. Во 1980-те прашањето за насилството на Голи оток практично беше целосно отворено во Југославија. Во 1990-те се тргна во историски ревизионизам, во согласност со новите политички определби.

„Она што во деведесеттите стана доминантен наратив во врска со Резолуцијата на Информбирото беше претставување на Информбировците исклучиво како жртви бидејќи Србија и Црна Гора тогаш се враќаа во интересната зона на Москва, од која Југославија излезе во 1948“, вели историчарот Бешлин.

Денес за тој период во Србија воглавно се молчи, веројатно поради нејасниот надворешно-политички курс на земјата, која официјално се залага за пристапување кон ЕУ, но во исто време се „флертува“ и со Русија.

„Се молчи затоа што денешна Србија политички е свртена кон Русија и себеси се гледа како политичко предворје на Истокот, а не на Западот, па не сака да се сеќава на моменти кога Југославија излегла од руската интересна зона.

Во Србија минатата година, наместо Титовото „не“ кон Сталин, беше прославувана 1838 година кога наводно биле воспоставени дипломатски односи меѓу Србија и Русија, иако Србија тогаш била во вазалски однос со Османлиската империја“, вели Бешлин.

„Пендрек демократија“

Извор: https://www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото