Изложба „Пост вистина / желба“ на ФЛУ

18.11.2019 12:53
Изложба „Пост вистина / желба“ на ФЛУ

„Пост вистина/желба“ е насловот на групната меѓугенерациска изложба (едновечерен настан) која ќе се отвори вечерва (18 ноември), во 20 часот на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (објект Педагошка). Изложбата ќе се оддржи во неконвенционален/негалериски простор, како што се ходниците и делови од факултетскиот двор, со цел да се најде креативно решение за занемарените делови на институцијата.

„Фокусот на нашиот проект околу терминот пост-вистина е апсолутната дефиниција за ерата во која живееме, ироничен термин кој е дизајниран да предизвика емотивен одговор на новата политичка динамика, водена од самите интензивни емоции. Тоа е ера во која човештвото се опкружува со лажни вести, создавајќи своја сопствена субјективна, социјална реалност, со избегнување или отфрлање на фактите и доведувајќи до нелогични заклучоци, приказни, ситуации... Желба за пост- вистина / желбата пред потребите е феномен што придонесува за развојот на оваа ера; желба за конзумеризам; забрзани климатски промени; желба како страст. И тоа што ние се обидуваме да истражиме, се всушност, акциите и реакциите во уметноста во релација со оваа тема“, се вели во најавата за настанот.

Учесници: Ненад Тонкин, Софија Григориаду и Александра Анагностопоулу, Никола Славевски, Марија Трпеска, Зоран Шекеров, Драгана Пендовска, Петранка Иванова, Мартина Спасовска, Ивана Самандова и Ангела Савевска.

Во рамките на проектот, а со цел на проширување на знаењата на овие и блиски теми, во текот на октомври беа реализирани две предавања и дискусии со историчарите на уметност Владимир Јанчевски и Бојан Иванов.

Проектот е реализиран во организација на Ивана Самандова и Ангела Савевска и е делумно поддржан од Министерство за култура.