Жената која во светот ги донесе сексуалните играчки

19.11.2019 12:19
Жената која во светот ги донесе сексуалните играчки

На многу Германци со децении самото споменување на името Беате Узе им ги вцрвувало образите. Самосвесната и елоквента Германка од спалната соба во излогот на својата продавница го изнела сиот свет на секот, но помагала и за разни сексуални игри. Тоа се случувало во време кога за сексуалноста не се говорело јавно, а немало ниту свест за тоа дека сексуалноста можела да биде порзана со радоста и задоволството.

Беате Узе е родена во 1919 во тогашната Источна Прусија, област каде по Втората светска војна станала дел од Русија. Родителите ја воспитувале во отворен и либерален дух. Татко ѝ бил земјоделец и во шталата ѝ покажал како се парат животни. Мајка ѝ била една од првите жени кои завршиле медицина во Германија. Таа отворено ѝ говорлеа за женската сексуалност и дури ѝ препорачувала контрацептивни средства. Беате во родителската куќа научила дека девојчињата се исто толку талентирани како и момчињата.

Во 1937 година одлучила да стане пилотка во Берлин. Наскоро била спортска и уметничка летачка. Потоа во 1939 влегла во брак со својот инструктор за летање Ханс-Јирген Узе, а в 1943 се родил нивниот син. Година подоцна нејзиниот сопруг настрадал во авионска несреќа, но таа продолжила да лета. Од 1944 година била во германскиот Бермахт. Со капетански чин транспортирала авиони до фронтот. До крајот на животот не сакала да зборува за својата улога во тоа време ниту чувствувала вина. На крајот од војната успеала со еден од последните летови да го напушти Берлин заедно со синот. Заминала во Фленсбург на северот од Германија.

Тоа биле тешки времиња за самохрана мајка. Во разговор со жените чии сопрузи се враќале од војната дознавала дека тие жени се плашеле од бременост во време на тешка сиромаштија. Беате Узе се сетила на контрацептивните методи кои ѝ ги препорачувала мајка ѝ и запишала еден од нив, календарски метод за пресметка на плодни денови познат како метод Кнаус-Огино.

„Тоа не беше сигурен метод, но беше подобро од ништо“, рекла Беате подоцна. „Документ Х“ е насловот на брошурата што ја продавала по многу висока цена во 32.000 примероци. Од тоа стекнала капитал за основање фирма која подоцна ќе стане светски интерес.

Но, нејзиниот начин на продажба, кој се базирал на тогаш невообичаено праќање формулари за нарачување на сите адреси до кои можела да стигне, ѝ ги носи и првите судски процеси. Подоцна во нејзината кариера ќе има околу две илјади судски процеси. Најчесто подносителите на тужби сметале дека на нивните адреси пристигаат непристојни материјали кои ги наведуваат на неморално однесување и секс пред брак.

Едни се лутеле, а други ѝ се восхитувале. Сексот не бил веќе само машка работа. Беате Узе ги ослободила жените така што им го признала правото на самостојна сексуалност. Таа својата идеја ја гледала од прагматична страна: „Тогаш немаше време за емоции во она што се работеше. Гледав да преживеам и да излезам на крај со детето.“



Ја обвинувале за ширење неморал

Во 1951 го направила следниот чекор – ја основала „Куќата за достава на Беате Узе“. Продавала кондоми и публикации за „брачна хигиена“, како што тогаш се нарекувал брачниот секс. Нејзиниот деловен модел се состоел од продажба на нешта кои им биле потребни на сите, но никој не зборувал за нив. Но тонот бил нов – за производите гарантирала со своето име и директно им се обраќала на клиентите.

Резултатот бил брз раст на фирмата. После првата деценија вработила 200 луѓе. Во Фенсбург во 1962 го отворила првиот секс-шоп во светот. „Специјализираната продавница за брачна хигиена“ поттикнала бран на негодување. Некои граѓани сметале дека продавницата поттикнувала неприродно задоволување на сексуалните потреби. Локалниот тениски клуб исто така не сакал да соработува со неа. Тоа ја разлутило Беате Узе па изградила сопствено тениско игралиште.

„Мислам дека мене ми беше полесно. Мажите многу побрзо се критикувани поради негативни мисли и валкана фантазија отколку жена која е мажена и има деца, па ништо од тие области не ѝ е туѓо. На неа повеќе ѝ веруваат“, рекла во едно интервју во 1997.

Новите деловни импулси се појавиле во седумдесеттите. Се менувале и законите и моралните претстави на луѓето. Во центарот на вниманието веќе не била „брачната хигиена“ туку желбата и задоволството. Покрај кондомите и списанијата, одамна се продавале и еротски помагала и играчки, долна облека и средства за потенција. Порнографијата во 1975 била легализирана во Германија па Беате Узе вклучила видео-содржини во својата понуда. За многу феминистки овде дошло до радикален раскид. Зошто Узе продавала филмови во кои жените биле деградирани на ниво на сексуални објекти? Критичарите до денес ѝ замеруваат што не ѝ била важна рамноправноста туку профитот.



Неуспех на семејната фирма

Узе имала уште два сина во вториот брак со трговецот Ернст-Валтер Ротермунд. Нејзините синови се вклучиле во работата. Додека бизнисот се развивал, синовите започнале да се караат. Фирмата се поделила во 1981. „Беате Узе“ останала кај мајката и нејзиниот син Улрих, а „Достава Орион“ оттогаш припаѓа на двајцата други синови.

Застојот за фирмата бил незамислив. Новите идеи станувале реалност. Беате Узе во 1996 го отворила Музејот за еротика во Берлин а во 1999, две години пред смртта, со фирмата излегла на берза. Акциите прво астрономски растеле а потоа континуирано паѓале. Фирмата се борела со намалениот промет, некои филијали се затворале. Преголема била и конкуренцијата на интернет, постојало биле во ризик од банкрот. Инсолвентност прв пат била прогласена пред две години, но основачката на фирмата не го доживеала тоа.

Велат дека Беате Узе многу патела поради конфликтите меѓу синовите и поделбата на фирмата. Но и нејзиниот втор сопруг изгледа не бил за неа. Брзо се повлекол од бизнисот и се свртел кон други жени. По дваесет години брак Беате Узе се развела и потоа нашла нова љубов, Американец кој бил помлад од неа 25 години.

Пред крајот на нејзиниот живот бизнисот бил нестабиен но за својата пионерска улога во ослободувањето на сексуалнсота започнала да добива општествени признанија. Долго во својот Фленсбург била отфрлана, а за својот осумдесетти роденден се впишала во златната книга на градот. Меѓутоа не станала почесна граѓанка. Десет години пред тоа, во 1989, добила Сојузен крст за заслугите. Таа се наметнала во машките области - како пилотка и како деловна жена. Несомнена е нејзината заслуга дека некои теми кои тогаш биле табу го пронашле патот до јавноста. Не отстапила ниту пред тужбите и обидите да ја маргинализираат.

Катрин Реник, авторката која ја напишала нејзината биографија, изјавила дека на Беате Узе не ѝ била многу важна женската еманципација. Таа, според Реник, е ран пример за инфлуенсер, личност која преку лично маркетиншко посредување ги продава своите производи.

Беате Узе починала во 2001, на осумдесет и една година, од воспаление на белите дробови.

Извор: www.dw.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото