Почнува вториот дел од КРИК – Фестивал за критичка култура

20.11.2019 14:29
Почнува вториот дел од КРИК – Фестивал за критичка култура

Вториот дел на годинешово четврто издание на КРИК – фестивал за критичка култура почнува на 22 ноември (петок) со предавањето на Ариане Шпаниер, од Германија насловено како „Современиот дизајн и независните издавачки практики како глас на маргините“. Предавањето ќе се одржи во Чифте амам, Национална галерија, со почеток во 19, 30 часот. Коорганизатор на овој настан е здружението „Проектен простор Прес ту егзит“.

КРИК – Фестивал за критичка култура го организира Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики (http://www.kontrapunkt-mk.org/).

Четвртото издание на Фестивалот, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините“, ги спојува различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои критички ги истражува и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

„Оваа година „КРИК - фестивал за критичка култура“ се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која, во постојан разговор и конфронтација се сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното. Токму затоа, ве повикуваме и низ овој втор дел на КРИК да бидеме заедно и отворено да разговараме за сите можни патеки низ кои би сакале да го движиме нашето тело како стратегија на отпор“, велат програмските уредници и организатори, Искра Гешоска и Артан Садику.

Во предавањето на Ариане Шпаниер ќе стане збор за списанието „Fukt“, кое во изминатите 20 години го истражува современиот цртеж. Низ годините има изградено богата архива на рачно цртани уметнички дела. Во последните изданија критички истражува теми како што се родот, текстот и зборовите во цртежот и системите. Предавањето ќе се фокусира на приказната за издавањето, паралелно на лична перспектива, како и на пошироката слика на создавањето траги, дизајнот и креативниот процес. Изминатите декади сведочат пораст на самостојни издавачи, особено помеѓу уметничката заедница, преку уметнички саеми на книги насекаде низ планетата и многу нови можности за продукција и дистрибуција. Кои се придобивките, а кои препреките во креирањето независна платформа и да се биде независен издавач во денешното општество?

Преку визуелна имагинација и интервјуа списанието подеднакво ги застапува веќе етаблираните, како и новите уметници. Последното издание на „Fukt“, насловено „The System Issue“, комуницира со читателите преку адптирана и модифицирана насловна страна и дизајн на мрежно прекршување. Препознавајќи ја внатрешната човечка потреба за создавање системи, 18-то издание на „Fukt“ истражува како уметниците ги интерпретираат и инкорпорираат системите во нивната работа. Без разлика дали е критика на политички ситем, или метедолошка група на правила која уметникот ја следи за да создаде дело, преку следење на специфични распореди и развивајќи структури за неговиот креативен процес, или измислувајќи нови утописки системи – списанието прикажува голем број на различни перспективи поврзани со системите на цртање, уметничко создавање и начин на размислување.

Aриане Шпаниер е родена во Вајмар, Германија. Студирала визуелна комуникација на Академијата за уметност во Берлин. По престој во Њујорк во 2005 година таа отвара дизајнерско студио во Берлин. Голем број од нејзините клиенти доаѓаат од културното милје, тие се галеристи, уметници, режисери, музичари, издавачи и архитекти. Нејзиното студио е фокусирано на дизајн на книги, каталози, постери, како и идентитети, анимации, илустрации и дигитален дизајн. Од 2006 година Ариане е креативен директор на Fukt, годишно списание за современ цртеж. Шпаниер е интернационално многукратно наградувана, нејзината работа била публикувана во многу списанија и дизајнерски книги. Од 2013 година е член на Alliance Graphique Internationale, а од 2018 година е дел од постојаното жири на годишниот натпревар Kieler Woche. Моментално живее и работи во Берлин.

До крајот на ова, четврто издание на Фестивалот ќе гостуваат и познатите филозофи и теоретичари Борис Буден, Бранислав Димитријевиќ и Стефан Новотни, како и домашни учесници.

Во првиот дел на фестивалот КРИК, кој се одржа во текот на јуни, учесници беа: Нејтан Браун, професор од Канада, Петар Милат, филозоф од Хрватска, Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија. Во рамките на годинешното издание на КРИК, во септември се одржа и работилница за анализа на дискурс наменета за млади истражувачи со предавачите Мира Беќар, професор по применета лингвистика од Скопје и Викторија Костадинова, која предава на Универзитетот во Амстердам.

КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 - 2020, Град Скопје. Дизајнот на Фестивалот КРИК е на Студио КОМА.

Логистички партнери на фестивалот се: Национална Галерија (http://nationalgallery.mk/), КОТУР (https://www.facebook.com/KoturKafeiFilm/) и порталот окно.мк (https://okno.mk/)Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад.

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото