„Фронт 21/42“ до Пендаровски: Продолжува деструкцијата на Охридскиот регион

21.11.2019 12:14
„Фронт 21/42“ до Пендаровски: Продолжува деструкцијата на Охридскиот регион

Еколошкото здружение „Фронт 21/42“ алармира за законски прекршувања во процесот на усвојување на Планот за управување со Охридскиот регион. Тие упатија отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски во кое тврдат дека Министерството за култура лажира информации.

Од еколошкото здружение посочуваат дека проблемот се јавил кога дале забелешка до Министерството за култура и Министерството за животна средина за нецелосна јавна објава на сите документи и информации поврзани со Нацрт планот и стратегиската оцена на влијанието врз животната средина. Од „Фронт 21/42“ велат дека Министерството за култура ја изменило својата веб-страница и ги објавиле документите со стар датум.

Во продолжение, отвореното писмо упатено до претседателот Пендаровски:

„Откако, на јавната расправа на 11.11. 2019 во Скопје, презентиравме дел од законските прекршувања, меѓу другото и нецелосна јавна објава на сите документи и информации поврзани со Нацрт планот и стратегиската оцена на влијанието врз животната средина (на 03.10.2019 на интернет страницата на МЖСПП и 22.10.2019 на интернет страницата на Министерството за култура) и врз основа на ваквото прекршување побаравме рокот за консултации да започне да тече откако надлежните институции ќе си ја исполнат обврската за информирање на јавноста, онака како што им налага законот – Министерството за култура ја измени (дополни) својата интернет страница, креирајќи лажна информација дека на 22.10. 2019 ги има објавено документите кои на 11.11.2019 им посочивме дека недостасуваат.

Со ова, нашите коментари немаат никаква смисла, но уште поважно – барањето за вистински консултации со јавноста, за кои се неопходни сите потребни документи и почитување на законски гарантираните рокови, станува неосновано. Ова е последната од серијата на флагрантни лаги и манипулации на домашната и меѓународната јавност од страна на актуелната власт, со кои се прикажува формална посветеност кон зачувувањето на нашето најголемо природно и културно богатство, а всушност се овозможува продолжување на неговата деструкција:

– на незаконски и нетранспарентен начин Владата го измени новиот Закон за управување со Охридскиот регион и ги избриша одредбите кои уредуваа инспекциски надзор од областа на градежништвото и урбанизмот. Во мај 2019, веднаш по објавувањето на Нацрт одлуката на Центарот за светско наследство со која се бараше впишување на Охридскиот регион на листата на светски наследства во опасност (поради несиполнување на препораките од Реактивната мисија од 2017) и нашата бурна реакција во јавноста – овие одредби се вратија во Нацрт законот. Она што тогаш не ни беше познато е дека Владата ги вратила овие, но изменила други одредби;

– непосредно пред 43-тата сесија на Комитетот за светско наследство во Баку, надлежните институции се обидоа да инсценираат консултации со јавноста за Нацрт планот за управување со Охридскиот регион (и со тоа прикажат дека ја исполнуваат оваа препорака) – без објавување на Нацрт планот, документот за кој наводно се организира јавна расправа! По нашата бурна реакција ја поништија „јавната расправа“;

– на самата сесија во Баку сите бевме сведоци како Министерот Адеми во својата презентација на „активностите на оваа влада сериозно посветена на зачувувањето на светското наследство“ соопшти пред меѓународната јавност дека е изработен Планот за управување и во тек се консултациите со јавноста за стратешката оцена на влијанието врз животната средина (тие кои започнаа, повторно со законски прекршувања, три месеци подоцна). Врз основа на оваа и други невистини нашата држава доби последна шанса да ги исполни сите препораки и поднесе извештај до 01.02.2020, а доколку тоа не го стори повторно да се разгледува впишување на Охридскиот регион на листата на светски наследства во опасност;

– по сесијата во Баку дознавме дека Владата (незаконски) изменила клучни членови во новиот Закон за управување со Охридскиот регион, внесувајќи го принципот на Бадентер како пресуден за избор на членови во Советот кој ќе управува со Охридскиот регион и начинот на носење одлуки. Откако за ова ги алармиравме УНЕСКО и дипломатските претставници во земјава, вклучувајќи го и претставникот на Европската унија, амбасадорот Жбогар – Владата го повлече новиот закон од собраниска процедура, на 23.07.2019;

– и покрај фактот дека од јули 2019, со повлекување на новиот закон од собраниска процедура, Владата го блокира донесувањето на овој правен акт со врвно значење за суштинско зачувување на Охридскиот регион (за чие „усвојување“доби и пофалба во последната Одлука на Комитетот за светско наследство) – продолжува манипулацијата со домашната и меѓународната јавност, односно лагата дека законот е усвоен и е во собраниска процедура. Оваа лажна информација може да се најде и во Нацрт планот за управување со Охридскиот регион.

Ова е само еден мал дел од манипулациите кои ги сведочиме веќе 3 години (посебна приказна се официјалните извештаи од нашата држава до УНЕСКО кои изобилуваат со манипулации, премолчуваат важни информации и креираат сосема лажна слика; заклучоците од надзорната расправа во Собранието со нула значење; „спроведувањето“ на препораката бр 6, односно „одлуките за воспоставување на мораториум“ на општините Охрид и Струга кои на ниеден начин не спречуваат крајбрежна и урбана трансформација, итн.), а кои со последната интервенција на Министерството за култура и креирање на лажна информација дека на 22.10.2019 се објавени сите документи поврзани со Планот за управување со Охридскиот регион, нам на граѓаните на оваа држава фактички ни го оневозможуваат законското право да учествуваме во носење одлука за нашето најголемо природно и културно богатство.

Сите овие постапки според Законот за административни службеници (член 73) претставуваат дисциплински престап, за кој законот им налага на надлежните органи да покренат дисциплинска постапка („Дисциплински престап претставува потешка повреда на службената должност, работната дисциплина, угледот на институцијата или угледот на административниот службеник, и тоа: одбивање на давање или давање на неточни податоци на институциите, односно на граѓаните и правните лица, доколку давањето на податоци е утврдено со закон).

Јасно ни е дека е апсурдно да очекуваме спроведување на овој закон токму од страна на надлежни органи кои го прекршиле (и овој и многу други).

Немоќни поинаку да ги спречиме манипулациите на актуелната власт кои овозможуваат фактичко продолжување на уништувањето на (ионака алармантно уништените) вредности на Охридскиот регион, додека пред домашната и меѓународната јавност формално се прикажува исполнување на препораките на УНЕСКО – Ви се обраќаме Вам, почитуван Претседателе, со апел да направите се што е во Ваша моќ да не дозволите и нам и на сите идни генерации да ни биде одземено најголемото национално природно и културно богатство. Бараме и средба на која подетално ќе Ви ги презентираме ставовите, фактите, како и размислувањата за можни начини за зачувување на Охридскиот регион.

Овој допис го завршуваме со јавен коментар и барање кон сите надлежни институции:

Имајќи ја предвид планетарната вредност и значење на регионот за кој се донесува планот, фактот дека станува збор за наследство кое опстоило милиони години и кое го чувале и го предавале на своите наследници сите генерации кои ги населувале овие простори од предисторијата до осамостојувањето на нашата држава, и дека за истото од 1979/ 1980 имаме обврска пред Обединетите нации дека ќе продолжиме да го чуваме и предаваме на сите следни генерации; повикувајќи се на презентацијата на состојбата на исклучителните универзални вредности од страна на Синиша Шешум, шеф на Антена канцеларијата при Регионалното биро на УНЕСКО, одржана на 6ти јуни 2018 год., во Охрид, кој јасно демонстрираше видлива деградација на вредностите од 1991 година наваму, особено драматична од 2011 наваму; особено повикувајќи се на последните извештаи на советодавните тела на УНЕСКО – ИУЦН и ИКОМОС, во кои недвосмислено се констатира дека деградацијата на вредностите во 2019та е толку сериозна што Охридскиот регион ги задоволува критериумите да биде впишано на Листата на светски наследства во опасност, и како еколошко здружение на граѓани и како граѓани на оваа земја:

Бараме под итно и Владата и надлежните институции да почнат да постапуваат свесно, совесно и одговорно со нашето најголемо природно и културно наследство и да го стопираат донесувањето на овој план, се додека не се усвои Законот за управување со Охридскиот регион.

Бараме Законот за управување со Охридскиот регион (верзијата за која се орханизираа консултации со јавноста и која е единствена правно важечка верзија) да биде усвоен во најбрз можен рок и укажуваме дека за истото нема никакви препреки – Нацртот е објавен, завршени се консултациите со јавноста, добиено е мислење од УНЕСКО.

Исто така, бараме уште веднаш надлежните да пристапат кон вистинско спроведување на сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија од 2017“, стои во отвореното писмо на „Фронт 21/42“

 Извор: Радио МОФ