Туристички центар наместо пошумување на Водно, немало место за многу дрвја

22.11.2019 00:28
Туристички центар наместо пошумување на Водно, немало место за многу дрвја

Механизација за изградба на гасовод на врвот на Водно. Извор: Го сакам Водно

Активистите од „Го сакам Водно“ објаснуваат дека Владата обезбедила средства за директна намена - пошумување односно ревитализација.

„Бидејќи е невозможно тоа да се изврши на самата траса беше предвидено парите да се употребат за пошумување на останатите делови од Водно. Така пишува во договорот меѓу МЕР, Владата и Град Скопје. Трошење на владините средства надвор од намената пошумување, која може да опфаќа и проектно-плански процес и слично е спротивно на препораките на Владата“, велат од „Го сакам Водно“.

Во однос на прашањето дали биле консултирани за ваквата пренамена, оттаму велат дека поадекватни термини би биле „ислушани“ и „известени“ без директно учество во одлучувањето и без можност за сугестии.

„Што се однесува до одлуката на Град Скопје за пренамена на средствата, прв пат за неа слушнавме на излагањето на градоначалникот по повод две години од неговиот мандат“, реагираат од „Го сакам Водно“.

На отчетот за двегодишното работење, Шилегов најави дека дел од владините пари наменети за пошумување ќе се искористат за нов туристичко-рекреативен центар на Водно. Проектот за „натурализација“, како што го нарече градоначалникот, ќе чини 450.000 евра или околу 27,7 милиони денари, кои ќе се обезбедат од повеќе извори.

„Обезбедените средства кои се потребни, коишто ги имаме буџетирано, се 9 милиони денари дел од редовните приходи, 3 милиони денари се од буџетот на Град Скопје, 6 милиони денари се од меѓународната соработка што ја имаме остварено и околу 18 милиони денари се дел од средствата што служат за ревитализацијата на Водно“, најави Шилегов, аргументирајќи дека делови од Водно не можат да се пошумат поради карпест предел.

На нашето барање, од Град Скопје не ја открија деталната финансиска контрукција за новите содржини на Водно. Во официјалниот одговор посочија дека „се работи на правење на студија за давање на поголем број на содржини за зголемување на атрактивноста на Водно, без притоа да дојде до оштетување на животинскиот и растителниот свет“.

„Првично во план се одбележување на нови патеки, поставување на нова урбана опрема (летниковци, клупи, корпи за отпадоци, набљудувачници...). Оваа студија треба да биде готова до крајот на годината, а првичната проценка е дека ќе бидат инвестирани околу 450.000 евра“, велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.

Тендер за оваа студија Градот распиша летоска, а отворањето на понудите беше во октомври. Потоа, на 12 ноември Град Скопје склучи договор со фирмата „ЈУМАК-Киро“ ДООЕЛ чиј управител е Горјан Николовски. Вредноста на договорот за изработка на студијата за туристичко-рекреативен центар на Водно што го потпишаа двете страни е 1.230.000 денари.


Кликнете тука за да го прочитате целиот договор

Тендерската документација, меѓудругото, бара анализа на постоечката состојба на планината, теренска анализа, потоа одржување на работилници со главните чинители на спортско-рекреативните содржини, но и концептуален план. Побарано е да се предвидат неколку видиковци и места за одмор, предлог-локација за пункт за продажба, сервисирање и изнајмување велосипеди, како и идентификацијата за најдобрите локации за поставување зип-лајн, адреналински парк и предлог за слични содржини кои „ќе придонесат за развој на авантуристичкиот туризам и активен одмор“.

Носителот на набавката е должен да ги изработи побараните точки во рок од 60 денови и да ги презентира во Град Скопје.

На ваквиот потег на Град Скопје се противи и Бајрам Реџепи, директорот на МЕР, компанијата што ја спроведува гасификацијата Скопје-Тетово-Гостивар и преку која беа одобрени 700.000 евра како компензација за сечењето дрвја на Водно. Реџепи вели дека проблемот настанал во работните групи формирани за оваа проблематика бидејќи не можеле да се најдат доволно парцели каде ќе се насадат нови дрвја.

„Ние препорачавме уште да истражуваат, да најдат нови парцели и парите целосно да се користат за пошумување, она што им е намената. Реално, ние не може да ги тераме вака или онака, но, секако, мора да ја почитуваат одлуката на Владата. Малку загрижувачки е за нас, бидејќи немаме правен механизам како да ги натераме парите да ги трошат наменски. Но, секако, има одлука на Влада каде пишува дека е препорачливо е да се потрошат наменски. Значи, за пошумување“, забележува Реџепи.

Сепак, во договорот од 22.08.2018 меѓу МЕР и Град Скопје стои дека, во случај на спор, надлежен е Основениот суд. Таму е нагласена посебната наменска сметка на Градот, каде од МЕР се префрлени парите наменети за пошумување. Тоа беше услов Градот да даде решение за корнење, сечење и кастрење на дрвја за гасоводот.

Техничкиот директор на „Паркови“, Игор Велјановски потврдува дека проценката за штетата од август 2018 година е направена со експертиза од Шумарски факултет, a била формирана работна група - Водно, за изнаоѓање на локации за пошумување.

„Средствата со одлука на Влада се предвидени за рекултивација и пошумување. Одредени локации за пошумување беа детектирани со излегување на терен и тоа е во делот на прва фаза. Меѓутоа, ќе има и други фази. Да, навистина, има намален број на локации каде може да се изврши пошумување. Бидејќи, во принцип, вие можете да потрошите парите на други локации, меѓутоа некаде експертите не ни препорачуваат да се изврши пошумување, бидејќи индексот на успешност е многу мал“, потенцира Велјановски.

Работната група на својот последен состанок донела заклучок да му предочи на Градот да се побараат измени во одлуката на Влада и повторно средствата да бидат врзани за Водно. Според Велјановски, последниот збор го имаат Град Скопје и Владата.

Од Владата, до објавување на текстов, не одговорија каков е нивниот став по решението на Град Скопје голем дел од парите за пошумување да ги пренамени за изградба на нови содржини на Водно.

Има ли доволно парцели за пошумување на Водно?

Од „Го сакам Водно“ се согласуваат дека има делови на Водно што се исклучиво тешки за пошумување, како и дека некои делови можеби не треба да се пошумуваат за да не се случи промена на хабитатите кои сега постојат. Сепак, според активистите, не е точно дека нема доволно парцели кои се подобни за пошумување.

„Дури има и парцели, особено на источната страна, на кои, поради опасност од ерозија, е итно потребно пошумување. Но, некои парцели кои и ние сме ги посочиле или кои биле разгледувани, имаат проблем од правна природа, односно се предмет на постапки за денационализација. Истите да се напуштат и да не се разгледуваат, само затоа што во срцето на парк-шумата некој започнал постапка за денационализација на имот, за нас е апсурд. Самата ревитализација подразбира пошумување и евентуално воведување на некакво парковско зеленило на одредени места. Но, дефинитивно не претставува адреналински паркови, зип-лајни и спортско рекреативни центри. Тоа веќе е релативизација“, сметаат активистите од „Го сакам Водно“.

Кирил Сотировски, декан на Шумарски факултет, објаснува дека повеќе од една година имаат контакти и соработка на различни нивоа со Град Скопје. Во работните групи членуваат двајца наставници од Шумарски. Врз основа на „Посебен план за одгледување и заштита на шумите во Парк -шумата Водно“ и „Студија за ерозија со акциски план за град Скопје“, е предложена поширока листа на локации за пошумување на Водно.

„После проверката на имотно-правните аспекти на локациите, дел од парцелите се исфрлени од оваа листа, а по извршување на теренските активности се избрани локалитети за приоритено пошумување на северните падини на Водно, поточно во делот кој гравитира кон централното градско подрачје“, објаснува тој.

Освен оваа, условно кажано помала активност, или активност на помала површина која би требало да се реализира во најскоро време, вели Сотировски, од Градот и од Шумарски постои согласност и следниот период, односно во 2020 година да се продолжи со студиозно анализирање и проектирање на следни активности за пошумување.

„Морам да истакнам дека претставниците на Градот сакаа да се зафатиме со анализа односно одредување на поголеми површини и во изминатиот период, но преовлада нашето мислење дека со брзање може само да се погреши во експертизата, и заради тоа активностите продолжуваат во текот на следната година“, забележува тој.

Во поглед на најавениот туристичко-рекреативен центар, неговиот личен став е дека Водно не смее да се претвори, или пополека да трансформира во површина за разонода на граѓаните за сметка на основните неколку функции кои ги има.

„Звучи помалку контраинтуитивно, особено кога една од омилените работи заради кои Водно е толку популарно и омилено за скопјани е што овозможува достап до природа која е толку близу до градот. Да потсетам, се работи за град кој долги години и официјално има многу лоши услови за живеење, почнувајќи од неквалитетен, загаден воздух, до лошо регулиран сообраќај, лоша здравствена состојба, намалени површини и волумен на зеленило и уште многу други аспекти“, вели тој.

Според Сотировски, на Водно не смее повеќе да се отвораат нови објекти, инсталации, инфраструктура, колку и да се тие блиски до природата. На Водно, дополнува тој, и без тоа во моментов има нефункционални објекти од угостителски тип, а и пристапот до Водно се одвива низ една единствена сообраќајница, која во делот блиску до градот е константно „запушена“ од возила, односно е речиси постојано непроодна.

„Какво било натамошно отворање на нови објекти, дури и да се работи за спортски, или објекти 'блиски до природата’, ќе имаат контраефект во однос на суштината на Водно. Надлежните, мора да разберат еднаш засекогаш дека Водно е веќе доволно отворено, и вистинските љубители на природата наоѓаат доволно начини да уживаат во убавините кои ги нуди. Наместо тоа, многу поголем 'сенс’ ќе се покаже доколку такви објекти се отворат и инсталираат во самиот град, и тоа не во веќе постоечките паркови, туку напротив, на површините под бетон. Во тој случај, освен таквите објекти, на тие површини ќе треба да се поработи и на зазеленување“, потенцира Сотировски.

Неговиот колега од Шумарски, експертот по ерозии, Иван Блинков, објаснува дека пошумувањето на Водно би се реализирало според сезоната и условите. Тој ја нагласува еко-системската односно безбедносната улога на Водно.

„Делот на Кисела Вода - тука треба да се фокусираме. Овој дел би страдал, пороите одат накај Кисела Вода. На јужната страна ризикот е помал. Приоритетно е прво овој дел кај Кисела Вода да го средиме. Тој би го нападнал градот при порои. За пошумување на јужната страна е навистина тешко. Останати се места, тешки локалитети што би дигнале и цена, карпест предел, што е исто проблем. Плус јужна екпозиција, не можеш да бираш - црн бор или чемпрес, друго не би преживеало. Предизвик е, да не чини многу, а да преживее. Тоа го размислуваме. Мора стручно анализирање“, нагласува Блинков.

Критики за Студијата за валоризација на Водно

Предлог Студијата за валоризација, како што и самиот градоначалник Шилегов најави, треба да биде „стратешки документ за Водно“ и основа за изработката на Законот за Водно, кој го подготвува Град Скопје со УНДП. За Студијата критики преку јавна презентација и дописи упатија активистите, „Паркови и зеленило“ и експерти. Тоа е сеопфатен документ за белите дробови на Скопје, настрана што Градот ја тера Студијата за туристичко-рекреативен центар.

„Овие два процеси не можат да се туркаат паралелно. Најпрвин е потребно да се донесе Закон за Водно, кој ќе се потпре на Студијата за ревалоризација, а потоа да се размислува за Студија за туристичко-рекреативен-центар. Без да биде готово зонирањето и дозволените активности, како може да зборуваме за воведување на нови содржини? Во каква релација ќе бидат тие со остатокот на парк-шумата? Каков ефект и последици би имало тоа?“, велат активистите.

За Студијата за валоризација, најголемите забелешки се во однос на намалувањето на границите на парк-шумата, степенот на заштита кој се нуди, само V категорија, наместо велат тие, IV-та која ја има паркот Гази Баба, а се неспоредливи по површина и значење. Забелешки има и во однос на одредувањето на зоните и активностите кои се дозволуваат во некои зони.

„Во сегашната верзија постојат опции за нови градби на индивидуални семејни објекти, но и хотели, интензивно земјоделство со придружни објекти (кои потоа можат да најдат и друга намена) и сл. Повторно се спомнуваат и ски патеки и сл. слободно да кажеме, будалаштини. Еве, веќе сме втора половина на ноември, а на Водно имаме температури од по 18 степени. За какви ски-патеки треба да стане збор? И зошто? Самата студија недоволно, или речиси воопшто не обрнува внимание на заштитата од ерозија“, велат од „Го сакам Водно“.

За содржините во Студијата за валоризација реагира и Блинков. Според него, тоа што на планината денес има повеќе садена шума која не е автохтона не смее да ја намали важностана планината бидејќи Водно има и безбедносна функција. Во овој контекст ја споменува и поплавата од 1951 година, кога имало една жртва.

„Во 1951 година, Водно има 451 хектар шума, а во 2017 година 2.790 хектари. Од каде се тие 2.300 хектари шума? Од времето кога било пошумување од 1951 година, мајка ми и татко ми пошумувале, баби, дедовци, вујковци, затвореници, сите пошумувале на Водно. Водно треба да се заштити. По Закон за природа - тоа не е доволно! Не е реално. Значи, во природа се вреднуваат природни вредности. Водно е вештачки подигнато и има битна безбедносна улога за Скопје“, вели тој.

Биологот Митко Караделев смета дека на Водно му е доста од урбанизација бидејќи се наоѓа до голем град и е под постојан притисок. Тој додава дека при валоризацијата се воспоставени границите, но некаде урбанизацијата е многу навлезена. Како пример го дава Сончев Град.

„Губи смисол некаде да се заштитува, бидејќи е уништено, и најдобро е да се тргне од границите на Водно. Нема логика да стои такво нешто - узурпирано. Тешко е да се направи валоризација, и таму каде има малку позачувани шуми, делот кај Матка го ставивме во зона на строга заштита. Инаку реално гледано, дабови шуми има во цела Македонија, не би ги ставиле во таква зона. Водно е целото антропогенизирано, вештачки пошумувано. Променети се природните заедници. Ние според Закон за природата, мора да видиме кои хабитати ги има и дали се во хабитат директивата. Моментално нема друг Закон, освен овој за природата. Не може да вршиме валоризација според нешто што не постои. Инаку, целта е тоа - да се заштити Водно, да нема градби. Да се прифати Закон, па веќе да се престане со зонирање на планината. Да се знае во која зона што можеш да правиш“, потенцира Караделев од Институтот по биологија.

Според него, треба да се финансира ново јавно претпријатие, а не „Паркови и зеленило“, што ќе се грижи за заштита на Водно. Тоа го ставиле и во планот - Студијата за валоризација.

„Го сакам Водно“ за планината бараат Lex specialis, посебен закон со кој се уредуваат правни прописи за даден предмет, во случајот Водно. Објаснуваат, тој потекнува од општите закони, но со предност над нив. Посебен степен и начин на заштита, со посебни правила за него. Не само заштита согласно Законот за заштита на природата.

„Тоа би помогнало во стопирање на изградба на разни штетни проекти низ ткивото на планината, но и во стопирање на урбанизацијата кон неа. Сончев град е еден таков штетен пример, а особено патот кон него, кулата на АЕК, гасоводот, Шпанско село, а и да не ги спомнуваме на пример комплексите кај поранешна Панорама, кои иако не се во парк-шумата, сепак гравитираат кон неа. А, сега се најавува и амфитеатар, спортско-рекреативен центар и сл. Немање на посебен закон за Водно, со стриктни форми на што може, а што не на планината, остава простор за најбезобразни манипулации“, сметаат активистите.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Извор: http://samoprasaj.mk

Слични содржини

Јавни Простори / Став / Екологија

ОкоБоли главаВицФото