Крај на проектот „Медиумот е порака“

22.11.2019 18:34
Заврши проектот „Медиумот е порака“

Минатата недела во Тетово, со промоција на книгата „Дванаесет македонски фотограф(к)и“ и разговор на тема „Сликата на другиот“ заврши двомесечниот проект „Медиумот е порака: 25 години Маргина, 10 години Окно“.

Проектот имаше за цел да поттикне дискусија за медиумите како простор и контекст на општествената и приватната комуникација. Познато е дека свеста за влијанието на структурата, карактеристиките и природата на медиумите врз суштината на информациите е клучен аспект во комуникацијата и релациите што ги воспоставуваме. Држејќи се до таа позната фраза на Меклуан - „Медиумот е порака“ - се обидовме, преку културни настани во пет градови - Охрид, Струга, Штип, Кавадарци и Тетово – да ја опфатиме комплексноста на терминот медиум, состојбите на разните медиуми во локален и глобален контекст, спротивставените толкувања... Освен тоа, преку размрдување на меѓусебните канали за комуникација, се обидовме да понудиме нова платформа за размена на идеи, креирање релации и градење нови модели на соработка.

Двата јубилеја, 10 години интернет портал за култура „Окно“ и 25 години списание за култура „Маргина“ беа мотив за проектот. Затоа важен сегмент беа изложбата на корици од „Маргина“ и промоцијата на книгата „Сто насловни страници на Окно“ од Свирачиња. Во изминативе децении овие два медиуми посветено се трудеа да придонесуваат на македонската културна сцена, да бидат достојни платформи за акција и интеракција на домашните но и регионалните и светските уметници, писатели, теоретичари... и да бидат прозорци кон пошироките простори на културата и уметноста, често низ нивните преплети со политичкото.

Во разговорите учествуваа: Ѕвездан Георгиевски, Снежана Трпевска, Сашо Орданоски, Ардита Истрефи Иљази, Тијана Радеска, Румена Бужаровска, Магдалена Хорват, Оливера Ќорвезироска , Игор Стојанов, Галапче Галапчев, Драги Неделчевски, Искра Гешоска, Владимир Јанчевски,Бојан Иванов, Драги Неделчевски и Елмедина Шафи.

Благодарност и до нашите локални соработници: здружението ИНКА, Христијан Томаноски, Кристина Тодороска Петреска, Милорад Ангелов, Ненад Јовановиќ и Драги Неделчевски.

Во петте разговори, благодарение на дваесетината посветени учесници од сферата на медиуми и култура, се обидовме да направиме што посеопфатна анализа на темата. Преку обединување на теорија и практика и допирајќи и до популарнта култура, ги протресовме релациите помеѓу традиционалните и новите медиуми, новинарството и културата, уметничкото изразување и јавноста, ги потврдувавме возбудливите рефлекси на општеството осетливо на најмали информациски импулси.

Се обидовме да ги поддржиме и поттикнеме различните уметнички форми и домашните автори. Така, беа одржани промоции на книгите „Десетте најдобри раскази на светот“, и „Дванаесет македонски фотограф(к)и“, како и конкурс за гифови на тема „Книга“ на кој беа наградени дванаесет уметници.

На крајот, во рамки на еден ваков проект, сметавме за особено значајно да обрнеме внимание на важноста на ревитализацијата на локалните библиотеки како базични културни простори со значаен потенцијал за еманципација. Поради тоа, издавачката куќа Темплум донираше вкупно 1000 книги на пет локални библиотеки во петте посетени градови.

Дисеминација, децентрализација и деметрополизација на културата и уметноста беа клучни идеи на проектот „Медиумот е порака“. Зацврстувањето и создавањето на нови културни простори, модели и релации е постојан предизик кон чие остварување, со нашиот проект, се надеваме дека придонесовме.

Редакцијата на проектот беше составена од Никола Гелевски, Фросина Крушкаровска и Александра Бубевска.

Проектот„Медиумот е порака“ беше поддржан од Министерството за култура, во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.

ОкоБоли главаВицФото