Не фрлајте со дрвја и камења по Визбеговци

25.11.2019 12:17
Не фрлајте со дрвја и камења по Визбеговци

Не фрлајте со дрвја и камења по Визбеговци. Тоа сме сите ние, тие што сме изолирани, што никому не веруваме, толку пати заведени, толку често исклучени и изманипулирани.

„Сега три, утре дваесетитри (деца), не можеме ни со своите да се справиме, а камо ли со нив“, е реченицата што кажува сè. И колку не им веруваме на институциите, и колку никогаш не сме ги почувствувале како поддршка за себе, и колку пати сме биле игнорирани, излажани, и зошто нашата толеранција кон било каква промена, па нека е и за наше добро, да не зборуваме за доброто на другите, едноставно не можеме да ја поднесеме. Затоа, да развиваме толеранција СО толеранција, наместо со напади, да се обидеме да ги разбереме тие што не разбираат, и да побараме сојузници и соработници меѓу нив. Не мора, притоа да се сложиме со нивните ставови, но мораме да покажеме трпение, и кога го немаме, и време, и кога времето е одамна поминато. Зашто само така ќе почнеме да ја градиме довербата од ново, речиси од нула, а ќе направиме и тие да се чувствуваат слушнати и вредни.

Деинституционализацијата на децата без родителска грижа, е голем и предолго одложуван проект. Малите групни домови со сите слабости и пропусти, се огромен и храбар чекор кон похумано и подобро општество во кое овие деца, конечно ќе се приближат до идејата за еднакви можности за сите, а државата сериозно и целосно, за првпат се обврзува да ја преземе одговорноста за нивниот развој, и за квалитетот на нивните животи. Колку тоа ќе биде одржливо, повторно ќе зависи од нас, и од истите тие институции на кои сè уште многу малку им веруваме. Но, децата немаат време за чекање, па разговорите ќе мора да продолжат на некое друго место....

Ѝ требаа на Македонија 20 години, од првите, повеќекратни обиди, да успеат во овој проект. На Визбеговци, сигурна сум ќе им треба не повеќе од неколку месеци да сфатат дека не се загрозени, и дека можат и самите да придонесат кон идејата ниту едно дете повеќе да не помине ниту една ноќ во институција, само затоа што нема доволно успешни, или живи родители.

Да се обидеме, без разочарувања, плукања и напади... да престанеме со удирање тупаници по сопственото тело и глава. Ќе ни требаат, ќе си требаме за следните уште поголеми предизвици.

 Слика: Tetsuya Ishida

ОкоБоли главаВицФото