Бај Бојко Борисов

25.11.2019 13:04
Бај Бојко Борисов

Читам по нашите портали како бај Бојко Борисов, премиер на владата на соседна Бугарија, им одржал на некои наши политичари не баш „уютна“ лекција на средба „на маргините“ во Загреб, а на тема што треба да направат со некои Македонци кои зборувале дека Бугарија била „фашистички окупатор“ во Втората светска војна, дека тоа не било „историска вистина“, дека тој немало да дозволи да се „искривува“ непобитната вистина.

Дали ме вознемирува тоа што го читам од бај Борисов? Ни најмалку. А дали ме вади од такт или – од кожа? Уште помалку! Дали, најпосле, ме загрижува како, на пример, со соседна Бугарија на нашиот пат кон Европа? Помалку - и од тоа помалку! Значи ли тоа дека сум јас рамнодушен на тоа „безуютие“ на бај Бојко? Јас, кој знам дека рамнодушноста е друго име за нихилизмот? Воопшто не, затоа што таа „безуютна“ лекција на бај Борисов е капка вода во морето слични кои почнаа да никнуваат како печурки по дожд во бугарската наука и политика од времето (1859) на Петко Р. Славејков кој се подбиваше со велеучениот (знаеше грчки, латински и санскрит) Партениј Зографски од Галичник само затоа што предлагал некој „општ јазик“ за Македонците и Бугарите а не оној што сега го зборуваат Бугарите со основа во дијалектите околу Копривштица.

Ако не ме вознемирува, ако не ме вади од такт и кожа, ако не ме загрижува или фрла во нихилистичка рамнодушност таа „безуютна“ лекција на бај Борисов, тогаш што ми прави? А дека нешто ми прави, за тоа сведочи простиот факт што јас сум си зел на себе да зборувам јавно за тоа „безуютие“ на бај Борисов. Што прави? А што друго да прави освен да ме натера да прашам што би рекол на тоа неговиот славен, велеучен компатриот Цветан Тодоров кога би бил жив (тој почина во 2017)? Кога би бил жив и кога би го чул тоа од премиер на влада, сега членка на ЕУ, тој секако би го повторил она што го рече во мај 1981, кога власта на бај Тодор Живков славеше 1300 години од првата бугарска држава. На еден научен собир, по полни осумнаесет години, за првпат долета од Париз во Софија и тогашниот „родотстъпник од отечеството му“, Ц. Тодоров. А што рече на таа меѓународна конференција во чест и слава на бугарската држава?

Тој рече, на пример, дека национализмот не е ништо друго туку еден вид „колективен егоизам.“ Дека тој „колективен егоизам“ има, по обичај, еуфорични форми во периферните земји на Европа каква што е и Бугарија. Дека земјите на Западна Европа немаат некој слух за таков „еуфоричен национализам“. Дека културата која слави национални вредности ризикува да се затвори во себеси, да се изопачи во примитивизам и варварство затоа што влијанијата во областа култура не се „коруптивни“, туку напротив, „корисни и плодотворни“. Најпосле, вели Тодоров, секој народ треба да ги исчита „во целост“ не само славните страници на својата историја туку и срамните - како оние на пример кои зборуваат за тоа како Бугарија во периодот 1941-1945 се нашла во орбитата“ на Хитлер а не во орбитата на Черчил, Рузвелт и Сталин.

Дали, кога би можел да ги чуе тие „безуютни“ зборови на премиерот на влада која членка стана благодарение и на една книга на истиот тој Тодоров, „Кревкоста на доброто: спасувањето на бугарските Евреи“ (1999), не би внел некоја модификација на одредбата „еуфоричен национализам“ што било обична појава во земјите од периферијата на Европа? Секако би го сторил тоа затоа што сега околностите се понакви од оние во 1981, кога власта на Т. Живков ги бркаше Турците од Бугарија само затоа што давале отпор на бугаризацијата. Кога би го сторил тоа, каква би била таа модификација на „еуфоричниот национализам“.

Јас сум повеќе од сигурен дека тој „еуфоричен национализам“ тој сега би го нарекол уште и „пароксистички“ затоа што по интензитет е многу поголем од оној за кој зборува еден „апостол на хуманизмот“, како што го нарече Европа Тодоров во 1981. Таков „пароксистички национализам“ слушаме сега од устата на еден премиер на  влада, и со него, изгледа, се гордее: демек ја брани честа на Бугарија!

Нема посериозен портал во Бугарија на кој нема да најдете список на видни Бугари кои ја прославиле таа земја во светот. Меѓу тие имиња се наоѓаат и оние на Цветан Тодоров и Јулија Христева кои, додуша, сè што напишаа, напишаа на француски, но затоа пак не пропуштаат при погоден повод, да кажат дека ја носат „со себе“ својата родна земја. Модерна Бугарија со право се гордее со нив. А дали може да се гордее со „безуютните“ лекции на бај Бојко Борисов, проценете сами. Нема да го употребам тука зборот кој го заслужува премиерот на соседна Бугарија, од почит кон функцијата премиер. Впрочем, не е ни тешко да се досетите за кој збор се работи.

Слики: Jay Senetchko