Реакции по прославата на „Шверцери“ во МНТ

25.11.2019 18:14
Реакции по прославата на „Шверцери“ во МНТ

По снимката на која се гледа како навивачката група „Шверцери“ во петокот го прославувала своето 30 годишно постоење во МНТ, со скандирања и скокање по столчињата, на социјалните мрежи и од официјалните претставници се осудува дивеењето и штетите. Други пак, потсетуваат на случаи на непочитување од пред само неколку години. 

Директорката на МНТ Симона Угриновска, за МИА рече дека во петокот биле предвидени серија настани. Централната манифестација - свечена академија по повод прославата на Денот на албанската азбука ја организирала Владата, а настанот на којшто се случил инцидентот бил најавен како проекција на докуметарен филм.

„Вториот настан, не ни беше најавен дека ќе биде во такви рамки. Беше најавено дека ќе има проекција на документарец, по истиот повод – Денот на албанската азбука. Ние не знаевме до последен момент ниту дека документарецот не е во контекст на одбележување на Денот, тука дека е сосема друга темата и воопшто не знаевме дека се повикани навивачи на фудбалски клуб“, вели Угриновска.

Според соопштението од владата, настанот на кој се случило несоодветното однесување на навивачка група не бил во организација на ниту една државна институција.

„Владата го оценува несоодвеното однесување како злоупотреба на гостопримството во Македонскиот народен театар, и истото најостро го осудува. Очигледно е дека организаторот на овој настан, како и иницијаторот тој да биде одржан во МНТ, не го подготвиле и организирале настанот согласно стандардите и очекувањата за манифестации што се организираат во национални културни установи од највисоко значење“, стои во соопштението и се додава дека очекуваат организаторот и иницијатор на настанот да ја надомести направената штета во МНТ и да се се извини на граѓаните за несоодветното однесување.

Осуда стигна и од премиерот Заев, кој присуствуваше во петокот во МНТ, на претходниот настан, Свечената академија по повод прославата на Денот на албанската азбука

„Секој вандалски чин е за осудување, тука нема дилеми. Но, испадна дека вториот дел не бил баш културна манифестација. Мора да има одговорност за кршење на инвентарот и мора да се надоместат штетите“, рече Заев.

По објавените снимки се огласи и навивачката група „Шверцери“. Тие се оградуваат од тврдењата дека направиле штета, дека дивееле и ширеле говор на омраза.

„Вистината е дека ние како организирана група влеговме во објектот каде беше закажано одбележувањето на јубилејот, при што беше прикажан краток документарен филм за оваа навивачка група како и доделени признаници на еминентни личности од фудбалскиот живот кои дале својот допринос за нашиот клуб. Ние сме навивачи и навивањето е нашиот живот, нема друг начин на навивање од скандирање и пеење песни, тоа и го направивме таа вечер, без никакво дивеење , кршење, со ниту еден навредлив збор а камоли говор на омраза. Како влеговме организирано така и организирано излеговме од објектот на театарот и при излез проверивме да не случајно е направена некоја штета но не приметивме ништо такво“, стои во објавата на групата.


Ова се дел од реакциите на социјалните мрежи: 


Александар Ковачевски

Вистинското прашање за мнт е: па дали е можно такво совршено репрезентативно собирање на друго место на цел тој национализам и омраза? стадионите одразуваат помалку наци вредности од таа светликава, со боја позлатена, дупка чија функција беше упад во јавниот простор и креирање културни џебови кои промовираат националистички нарации засновани на чисти нации, континуирани истории и романтичарски митови.
Сега формата ја исполни функцијата, а ваквиот мнт го достигна својот врв.

 

Ненад Стевовиќ:

„Ќе кажат некои релативизирам ама баш ми е гајле.
Уште поголема брука од оваа брука во МНТ, беше пред некоја година во Драмски кога публиката мораше да чека еден час за да влезе во театар на претстава оти салата била зафатена од вмро - дпмне за таму нешто нивно. И никој не смееше да зуцне, најмалку оној Љутков, полтронот, што денес на прес е многу засекиран.
Само Лиле Велјанова имаше реакција, инаку не ќе се ни знаеше.“

 

Милан Дамјаноски:

„Мислам дека Министерство за култура треба да финансира како национален проект Мајски Демо(лирање) Вечери, каде што навивачките групи ќе настапат со сплет песни, скокања, шутки и хорско пеење на песни со говор на омраза по сите културни институции во градот и државата.
Предлагам да има посебни награди за најдобар дизајн на транспарент со националистичка содржина, најдобра песничка за Голема (Македонија, Албанија, Србија, итн.), како и натпревари по трчање низ паркови, симулирани масовни тепачки, синхронизирано напаѓање на малолетници по автобуси и слични традиционални активности. Се разбира, неизбежно е да има награда „Артан Груби“ за најдобар водач на навивачка група со политички амбиции.

Барем партиите да можат на мира да ги одберат најдобрите претставници кога ќе има требаат за дигање на тензија пред избори или после избори, како и најталентираните да добијат стипендии.


Јасна Шоптрајанова:

„А во тек на дивеењето немало ли кој да ги запре?
Организатор, водител да се обрати?
Обезбедувањето од театарот?
Водачите на групата (пошто обично јака хиерархија)?
Другарчето до нив да им каже - Леле бе, немој вака, сепак сме тука за азбуката? 
Ако затаило внатрешното обезбедување, некој да викнел надворешно, ака полиција?“

 

Никола Писарев:

Вандализмот во МНТ не треба СДСМ, ВМРО, владата, директорката и Перо бричикур да го осудуваат, туку треба судот да ги осуди вандалите и организаторите.

 

Ивор Мицковски: 

Црквата на Кале, Артан Груби и тепачката, Груби и Шверцерите, етнички тензии, градоначалници - навијачи, навијачи - градоначалници, киднапирачи на спортски победи, ширачи на ксенофобија, партиски инструменти.
Има сешто во врската меѓу политиката и навијачите, но навијачите не се некој неутрален агент, некоја отцепена реалност од остатокот од општеството, сам по себе неагресивен и бенигнен.
Исто срање е со политиката и може да се каже дека кај нас линијата на разделба меѓу двете групировки на мажиња со мали куриња е комплетно исчезната.
Политиката го користи и се камуфлира во навивање, навивањето и навивачите се камуфлираат во политички лидери, лидери на кланот, и слични срања.
Заемно си делуваат, комплементарни се, и сите најголеми срања ги прават заедно.
Ништо ново на Балканот, но тоа што е иритантно е кога навивачиве ќе продрат, а политичарите ќе излезат од институциите, кога влијаат на етничкиот соживот, кога немаат обзири кон никого и кон ништо.
Ееее еден коњ ко Груби да ти киднапира држава.
Ме заболе во која зграда, ме нервира коњот што ми ја моча државата.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото