Зелен дизајн и еко производство

26.11.2019 23:53
Зелен дизајн и еко производство

Кога зборуваме за зелените производи, односно зелениот дизајн, важно е да се разјаснат некои нешта. Самиот факт дека некој производ е изработен од „природни“ материјали не значи дека неговиот еколошки отпечаток е позитивен. Важно е да се разбере целиот производствен процес за да ги сфатиме вистинските последици на модерната индустрија.

Почнувајќи со материјалите кои се користат во производството, мора да утврдиме дека она што звучи позелено не мора навистина и да биде така. Иако произведувањето пластични производи во минатото беше сфатено како мошне наивно, тоа остави длабок белег на планетата Земја. Речиси сосема занемарените можности за рециклирање во комбинација со апатијата кај повеќето граѓани резултираше со загадување на океаните до ниво кое е тешко да се сфати.

Педесетте години произведување пластика оставија белези кои ќе останат видливи многу долго. Сметот кој плута по океаните влијае на комплетниот биосистем. Од микрочестиците кои преку разградувањето во водата влегуваат во организмите на рибите и во прехранбениот ланец, на крајот влегуваат во човечкиот организам, до умирањето на коралните гребени и планктоните - последиците не се во далечната иднина. Тие се тука и сега и влијаат на сѐ.

Иако логиката на нештата би наложила сосема да се престане со користење на пластиката, тоа не е најдобро решение. Еколошки (и економски) гледано, најисплатлив начин е користењето рециклиран пластичен отпад од океаните. Така наместо собирање пластичен отпад од морето и негово повторно исфрлање (што повторно доведува до разградување и впивање во тлото), или уште повеќе, согорување, отпадот повторно се воведува во производствениот циклус. Иако таа карактеристика е еколошка катастрофа, долготрајноста на пластиката сепак има предност преку можноста за нејзино континуирано користење во производството.

Производите од природни материјали како дрвото на почетокот звучат како фантастична идеја. И така е - но само ако се произведува одговорно. Неодговорноста на светската дрвна индустрија доведе до сечење на шумите, и како последица на тоа, намалување на бројот дрва кои произведуваат кислород.

Но тоа не е сѐ! Научниците предвидуваат дека светските прашуми (освен заштитените паркови и резервати) ќе исчезнат во рок од 40 години ако исчезнувањето продолжи со ова темпо. Повеќе од 100 хектари светски прашуми исчезнаа откако почнавте да го читате текстов, приближно 1 и пол хектар во секунда.

Тоа има катастрофален учинок не само на екосистемот на прашумите, туку на целокупнатта светска биосфера. На Земјата постојат повеќе од 14 милиони видови, од кои најмалку 50 проценти живеат во прашумите. Само заради дефорестацијата на тропските прашуми дневно изумираат околу 350 видови.

Тоа е најголемо масовно изумирање после она од пред 65 милиони години, кога заради удар на астероид во Земјата изумреле поголем дел од видовите, меѓу кои и диносаурусите. Најзаслужна за новото изумирање во тропските прашуми е токму дрвната индустрија и сечењето на шумите. За да се забави изумирањето и за да се спасат прашумите, потребно е да се намали извозот на тропското дрво за 90 проценти!

Сепак, не е сѐ толку црно. Иако повеќето произведувачи сѐ уште се во фаза на негирање, некои компании тргнаа по вистинскиот пат. Меѓу нив е и скандинавскиот гигант ИКЕА. Тие користат само дрво кое го одобри Forest Stewardship Council, приватна организација која врши надзор над шумите и производството за да осигураат минимална еколошка штета.

После материјалите кои се користат во производството можеме да одиме понатаму во производствениот процес - самото производство кај сите нас креира слики на фабрики и облаци кои излегуваат од нивните оџаци. Тешко дека постои некој кој се сомнева дека тоа е штетно - модерните производствени процеси молат за повторно обмислување. Има малку нешта кои се позитивни во модерната индустрија - од кршење на правата на работниците во помалку регулираните региони, користење фосилни горива, до лошо управување со отпадот.

Нема позитивни ни кога производот ќе ја напушти фабриката. Воздушниот и патниот сообраќај се големи загадувачи и некои компании трудејќи се да бидат зелени се пренасочуваат кон транспортот со брод и воз. Еден таков пример е H&M кои ја превезуваат облеката со бродови, а од дистрибутивните центри во Европа облеката се превезува преку патниот сообраќај.

Пред производот да дојде на полиците во продавниците или да биде изградена некоја куќа, пред самата фаза на производство доаѓа до оној клучен дел - дизајнот.

Појдовна точка на секој производ, градба или облик на визуелна комуникација е идејата на дизајнерите. Наместо потпирање на добавувачите и дистрибутерите, и најпосле крајните потрошувачи кои во идеален свет одговорно управуваат со отпадот, од самиот зачеток на идејата потребно е да се посвети грижа за еколошкиот отпечаток на крајниот производ.

Секако, невозможно е да се очекува примена на принципот за зелен дизајн ако не ги учиме дизајнерите за тоа. Факултетите главно не се занимаваат со оваа тематика, но состојбата се менува полека. Се воведуваат колегиуми кои подучуваат обновлив дизајн, а дизајнерите кои веќе го завршиле школувањето можат да се усовршуваат преку работилници и конференции и да користат нова литература.

За жал, примената на знаењето не им е често овозможена. Притисоците на пазарите и трката за профит ги присилуваат на еколошки неодговорни одлуки. Иако им носат привремена заработка, тие креираат долгови за човештвото чија наплата ќе дојде побрзо одошто мислиме.

Слики: Alex Safavinia

Извор: http://www.radiostudent.hr

Слични содржини

Свет / Наука / Екологија
Свет / Екологија / Теорија
Европа / Свет / Екологија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото