Источна Германија по егзилот

28.11.2019 03:16
Источна Германија по егзилот

Судбината ја поштедила Ана Зегерс (1900 – 1983) на 3 октомври, 1990 година да сведочи на исчезнувањето на Демократска Република Германиja ( Deutsche Demokratische Republik - DDR). Да поживеала уште некоја година, романсиерката сигурно би го потпишала апелот од 28 ноември, 1989 година со барање да се одржи Источна Германија верна на социјалистичките вредности. Апелот бил покренат на иницијатива на писателката Криста Волф. Потписниците на овој апел се спротивставувале на проектот на канцеларот Хелмут Кол, со визијата за „DDR не каква што била порано, туку каква што би морала да биде“. Утопија? Можно е.

Во годината кога се одбележува триесетгодишнината од падот на Берлинскиот ѕид, никој не се ни обидува да ја доведе во прашање легитимноста на последното германско обединување. Оние кои порано го оправдувале постоењето на Источна Германија, процениле дека е оправдано и нејзиното исчезнување. Воспоставениот режим секогаш се прикажува како рационален. Меѓутоа, како што минатиот јуни, нè потсети Кристоф Хејн на Прославата на летото, организирана на гробиштата Доротенштат во Берлин, пред гробницата на Ана Зегерс, а недалеку од гробот на Бертолд Брехт: „овде лежи генерацијата која се жртвуваше за иднината која никој веќе не ја посакува“. Таа генерација претрпе двоен пораз зашто речиси потона во заборав – освен кога се изведува на обвинителна клупа.

Без сомнение, Ана Зегерс е една од најадекватните претставнички на оваа генерација повратници од прогонство по Втората светска војна, покрај Брехт, писателите Штефан Хермлин и Арнолд Цвајг, како и историчарот на економијата, Јирген Кучински, да наведеме само некоклкумина од нив. Изгледа како нејзината лојалност кон комунистичкиот режим, засилена од вербата дека направила вистински избор да се врати во овој дел на Германија, ја осудила на молк кој ѝ се забележуваше по падот на ѕидот. Но, кога нејзината кореспонденција ќе се спореди со архивите на партијата или уште подобро со архивите на Сојузот на писателите, со кој претседавала во период од многу години, се разбира, не заборавајќи го и досието на Штази, кое непрекинато ја надзирало најверната и најпознатата романсиерка на ДДР – може да се наслика портрет кој значително се разликува од она како до смртта се пртставувала во јавноста. Кога Ана Зегерс побегнала од Берлин, во моментот кога на власт дошле нацистите, веќе била етаблирана писателка и добитничка на наградата „Клајст“. Била сопруга на унгарски комунист, пријател на Ѓерѓ Лукач и активна членка на Германската комунистичка партија (KPD). Притоа, имала еврејско потекло. Брачната двојка со децата прво заминале како бегалци во Париз, а потоа по влегувањето на германските сили во Франција, побегнале во Марсеј од каде заминале во 1941 година со помош на американскиот новинар Варијан Фрај и Комитетот за итно спасување.

Од искуствата од тоа патешествие Ана Зегерс ќе ја извлече основата за романот „Транзит“, кој во 2018 година го екранизираше режисерот Кристијан Пецолд, за група германски антифашисти и нивното исчекување на бродот во Марсеј. А биејќи била означена како комунистка, таа не добила дозвола да остане во САД и се преселила во Мексико, каде во 1942 година го објавила романот што ќе ја прослави „Седмиот крст“, прва книга за нацистичките логори.

Ана Зегерс

Бројките што се однесуваат на германофонската емиграција од 1933 година, никогаш не биле прецизно утврдени. Се проценува дека од нацистичкиот режим побегнале околу половина лилион луѓе, од кои околу 130 000 заминале во Америка.Помалку од половина одлучиле да се вратат по завршувањето на војната (само 4 отсто Евреи), меѓутоа не постојат официјални податоци за бројката на повратници. Ниедно тело не било задолжено да води сметка за тоа, ккао во западна, така и во источна Германија.

Да се врати иднината

Едно е сигурно: за разлика од емигрирањето, враќањето во родната земја не било толку масовен феномен. Не само што обелоденувањето на големината на нацистичките злосторства ги обесхрабрило бегалците, без разлика дали биле Евреи или не, туку и тоа што повратниците морале да се покорат на волјата на окупаторските власти. Исто така, западните сојузници кои со Советскиот сојуз ја поделија контролата врз поразената Германија, настојувале да ги спречат да се вратат, уште повеќе ако се работело за комунисти. Германската бирократија била соучесник во тоа. Дали заради ресантимен, омраза кон антинацистите или заради тоа што ги потсетувале на грижата на совест, жителите на Германија н гледале со благонаклоност кон повратниците. Во пределите под контрола на западните сили не постоел никаков план за нивно згрижување.

Наспроти тоа, советската окупациска зона настојувала да ги привлече. До создавањето на ДДР, 7 октомври, 1949 година, советските офицери кои биле стационирани на оваа територија, воделе ефикасна културна политика. Така, прва претстава што се играла во Берлин по капитулацијата на Германија, била „Натан Мудриот“ од Готхолд Ефраим Лесинг. Студијата на филологот Виктор Клемперер за нацистичкиот јазик LTI, била меѓу првите објавени книги, додека Волфганг Штауте го режирал својот голем поствоен филм „Убицијте се меѓу нас“. Сето тоа требало да ги охрабри потенцијалните повратници. Покрај тоа, советската зона им нудела иднина, онаа иднина што им ја одзел нацистичкиот режим. На Брехт му ветиле театар, на филозофот Ернст Блох професорско место на Универзитетот во Лајпциг, а на Алфред Канотовиц во Берлин. А што се однесува на Кучински, тој основал свој Институт за економска историја.

Ана Зегерс, која во Берлин стигнала во 1947 година, според нејзините зборови „таму наишла на луѓе со камени срца“. Раскажувала за „лудилото на мажите и жените на кои упорното бомбардирање им одзело сè , мебелот и облеката и кои од тоа ништо не научиле. Буквално ниту една работа“. Меѓутоа, оние кои одлучиле да се вратат во овој дел на Германија ги мотивирала моќната желба за враќање дома, желбата повторно да се пронајдат по егзилот и другите маки.

Преку создавањето на ДДР, своевидна анти Германија, тие сакале не само да изградат социјализам, туку и да им се одмаздат на оние што ги прогнувале. Со други зборови, со сите сили се фрлиле на изградба на „првата германска држава на работниците и селаните“, обидувајќи се да замижат за сето она што, во најмала рака, не им се допаѓало. Ана Зегерс, повеќе од кој било друг се посветила на таа цел. Нејзината современичка, американската новинарка Едит Андерсон пишува: „Таа е постојано во јавноста, секаде ја туркаат, ја водат да посетува фабрики и училишта кои го носат нејзиното име, ја одвлекуваат од нејзината работна маса за да ја праќаат на конференции во Германија и во странство. Таа не се осмелува да ги одбие“.

Меѓутоа, Ана Зегерс, Брехт, Блох, Кучински или дури и Цвајг кој се вратил од Палестина не биле само интелектуалниот рбет на источна Германија. Тие, исто така, служеле како ментори на младината која била уништена од откровението на чудовишноста на режимот во кој растеле и барале нови примери да се угледаат на нив.

„Оваа поддршка за ДДР“, морал да признае драматургот Хајнрих Милер „беше поврзана со Брехт; Брехт беше оправдание на тоа што сте за ДДР. Доказ за супериорноста на (социјалистичкиот) систем беше и фактот дека неговата литература беше подобра: Брехт, Зегерс, Шолохов, Мајаковски“. Според Криста Волф, улогата на моралниот интегритет ѝ припаѓала токму на Ана Зегерс.

Во последната година од постоењето на режимот, угледот на Ана Зегерс бил извалкан заради исповеста на Валтер Јанка, жртва на последното оркестрирано судење во режија на источногерманската власт. Охрабрена од објавувањето на злосторствата на Сталин на 20-от конгрес на Комунистичката партија на Советскиот сојуз во 1956 гоидна, група критички ориентирани марксисти се собрала околу издавачката куќа „Ауфбау“. Меѓу нив била и Ана Зегерс и министерот за култура, поетот Јоханес Р. Бехтер. Внимателно го следеле востанието во Будимпешта и стравувале за судбината на филозофот Лукач, чиишто книги ги издавале, а кој застанал на страната на побунетите. Лукач го прифатил местото на министер за култура во владата на Имре Наѓ. Ана Зегерс и Бехтер планирале да го испратат уредникот Јанка во Будимпешта за да го врати Лукач во источен Берлин. Во последен момент, Валтер Улбрихт, генерален секретар на партијата се спротивставил на ова. Јанке бил уапсен со обвинение за заговор и е осуден на десет години затвор, на судењето на кое Ана Зегерс и Бехтер биле повикани како сведоци и одлучиле да молчат.

Кога во 1989 година, Јанка ги објавил своите „Мемоари“ и ги осудил за отсуството на нивната поддршка, двајцата биле починати. Писмата кои биле пронајдени во архивите сведочат за тоа дека Ана Зегерс се обидувала да интервенира кај Улбрихт во корист на Јанка. Се разбира, ниту збор за тоа не излегол во јавноста, иако Јанка бил пуштен на слобода многу пред истекувањето на казната. Од друга страна, Бехтер им пратил подароци на децата на Јанка, чијшто татко бил уапсен пред Божиќ. На денот на судењето бил мртов пијан, кратко време потоа се разболел и умрел една година подоцна. Молчењето си има своја цена.

Во Сојузот на писателите, Ана Зегерс го покажала своето несогласување со тоа што го зголемила бројот на „инфраполитички“ симболи (Џејмс С. Скот). Останало запаметено дека често на состаноците одела со насмевка на аголот на устата, за која на сите им била јасно што значи. Еден нејзин збор бил доволен да ја промени атмосферата на собирот, но таа ретко директно интервенирала. Милер се сеќава дека во една прилика кога ја нападнал некој апаратчик на службата, Ана Зегерс едноставно станала, „му пријде на Инге (нејзиниот сопруг) и мене, се ракуваше и замина“. За време на конференцијата за Франц Кафка во Либлице, 1963 година, таа наводно се оградила од своите догматски сонародници кои дошле за да се спротивстават на обидот на чешките писатели да го реинтегрираат Кафка во книжевната традиција на нивната земја. Во февруари 1966 година, по фамозниот втор пленум на партијата, Ерик Хонекер, човекот кој за неколку години ќе застане на чело на државата, источногерманската книжевност ја изедначил со „порнографија“, Ана Зегерс ги повикала писателите и писателките да заздрават преку работа. „Да се работи“ е термин кој често го користела и идеја од која се водела. Пишувањето било нејзина терапија.

„Пуштете го да ја прими наградата!“

Иако за Ана Зегерс во јавноста секогаш се зборувало со најпофални зборови, таа била под постојан надзор на тајната полиција Штази. Сите нејзини изјави кои и малку отстапувале од официјалниот дискурс биле снимани. На 2 октомври, 1963 година, полициски доушник јавил дека одбила да работи на сценарио инспирирано од нејзиниот роман „Сдмиот крст“. Доушникот кажал дека таа без колебање, сценаристот го нарекла „Калтенбрунер“ - името на нацистичкиот службеник погубен по Нирбершкиот процес, иако тој се викал Калтофен. Кога било отворено за јавност нејзиното досие, се дознало дека по враќањето од егзил, Ана Зегерс искажала „резерви кон германското раководство на партијата, заради тоа што е Еврејка и имала одреден отпор кон Германците“. Во неколку наврати на состаноците била исклучително критична. Ги изненадила сите кога во руската амбасада кажала: „Ма што правите со Солженицин? Пуштете го да ја прими наградата!“ (Писателот на „Архипелагот Гулаг“ добил дозвола да оди во Стокхолм за да ја прими Нобеловата награда во 1970 година). Подоцна се открило дека го критикувала начинот на кој се постапувало со дисидентскиот пејач Волф Бјерман, кој бил лишен од државјанство во 1976 година. Сепак тогаш не им се придружила на потписниците на протестното писмо против таа одлука.

Како и Ана Зегерс, повеќето „ремигранти“ останале лојални, поврзани со заедничкото минато и со изборот на источна Германија и отфрлањето на другата Германија. За да ја спасат својата визија на идниот свет, го прифатиле полицискиот надзор како нужно зло ( не знаејќи колкави биле неговите размери), беспоговорно се покориле на догматските водачи и партиските апаратчици, убедени дека нивното време ќе помине и дека Партијата и нејзината историска задача ќе постојат и по нив. Било доволно да се чека подобро утре. Секако дека го обликувале критичкиот дух на следната генерација, онаа на која ѝ припаѓала Криста Волф, Фолкер Браун и Милер, но ѝ го пренесоа и правилото на молк. Во текот на настаните од 1989 година, „ремигрантите“, кои сè уште биле меѓу живите, како и нивните следбеници – критичките марксисти кои сè уште ѝ припаѓале на Партијата или биле блиски до неа, не се огласиле јавно сè до последниот момент, до демонстрациите на 4 ноември на Александарплац во Берлин, само пет дена пред паѓањето на Берлинскиот ѕид. Нивниот углед веќе бил изгубен и тие не можеле да бидат политичка сила која би била способна да преговара за што било освен за безусловна анексија на ДДР.

Извор: Le Monde diplomatique

 

Слични содржини

Европа / Теорија / Историја
Европа / Свет / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото