Синдикатот на култура најавува штрајк

28.11.2019 14:05
Синдикатот на култура најавува штрајк

Синдикатот за култура на РМ (СКРМ) најавува штрајк кој ќе се одржи на 16 декември, доколку во најкус можен рок не се финализираат преговорите за колективниот договор и тој не биде потпишан со обврска за негово целосно спроведување од 1 јануари 2020 година.

„Причината за активирање на штрајкот е заради ненадејното и за нас, неоправдано прекинување на работата на работната група за изготвување на Предлог колективен договор.

Имено, последниве 10 дена работната група за колективен договор во Министерството за култура не е активна, односно работата е неосновано прекината од страна на Министерството. Како синдикат кој директно е вклучен во преговорите, изминатите денови се обидувавме да ги дознаеме причините за ваквиот застој во работата, особено во време кога требаше да се финализира предлог колективниот договор и да се пушти на јавна расправа. Испративме неколку дописи со барање за продолжување на работата до повеќе официјални лица, но сè уште немаме никаков одговор од кабинетот на министерот Хусни Исмаили или неговиот заменик Владимир Лазовски.

Бидејќи Министерството за култура е сервис на вработените во уметничките и културните институции, а притоа и најодговорен управен орган за сите проблеми што произлегуваат од работниот однос, бараме јавно на сите вработени да им одговорат на следните прашања:
Зошто работата на работната група за колективниот договор е прекината без никакво образложение?
Зошто и покрај сите апели за нејзино продолжување, работната група не се активира?

Дали може Министерството јасно и недвосмислено да каже дека сè уште е на ставот за потпишување на колективен договор со спроведување од 01.01.2020 година?

Да потсетиме, вработените во културата не бараат покачување, туку уредување на платите и правична валоризција на трудот по основ на Колективен договор кој Министерството, а со тоа и државата, им го должи цели 15 години. Не сакаме да веруваме дека ваквиот „традиционален“ однос на Министерството е тактизирање со цел продолжување на оваа агонија уште една година или како што покажува праксата, можеби уште една деценија. Ги повикуваме сите одговорни лица во Министерството за култура, на чело со Министерот и неговиот Заменик да се фокусираат со сите капацитети за итно решавање на проблемот и да не помислуваат да се запишат во редот на личности од неуспешната историја на Министерството кои проблемите ги „туркаат под тепих“, затоа што овој пат вработените стојат цврсто на барањата за остварување на своите „згазени“ права и ќе ги искористат сите можни форми на социјална борба“, стои во соопштението од Синдикатот за култура.

Одговор од Министерство за култура:

Во врска со реакциите на Советот на СКРМ дека е прекината работата на работната група за колективниот договор, Министерството за култура информира за следново:

Не е точно дека е прекината работата на работната група за потпишување на колективниот договор, туку во изминатите денови подгрупите работат на детална анализа и финансиската пресметка на средствата кои се потребни за потпишување и примена на колективниот договор.

Министерството за култура како и досега, така и во иднина ќе ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК ќе работи на унапредување на условите во културата.

Преговорите за колективниот договор продолжуваат веќе во понеделник во 13 часот за кога ќе биде закажан состанок со работната група.