Џокер и конструирањето лажни идоли

28.11.2019 15:12
Џокер: конструирање лажни идоли

 

„Џокер“ на Тод Филипс предизвика возбудлив бран од дијаметрално спротивни реакции. На едната страна се воодушевените од филмот: го гледаат како жесток и сосредоточен коментар на гнилото општество; на другата страна се осудувачите: во него гледаат неодговорно промовирање насилство. Јас, некако, од кино-салата излегов збунето празна: бев подготвена да бидам предизвикана и испровоцирана, но не видов режисерска решителност што изразува доволно цврст став. Наместо тоа, имав впечаток дека гледав несомнено добар филм, но со пропусти што големата слика ја прават малку нејасна.

Мислам дека една од причините што овој филм предизвика толку драматични и спротиставени реакции е што ги збунува гледачите. Не од аспект на наративот – тој е јасен: Артур Флек, жален и осамен млад човек со одредени невролошки и ментални проблеми, и покрај сите негови напори за малку разбирање и поврзаност, е континуирано отфрлан од луѓето и изневеруван од системот. Во акт на самоодбрана и конечно застрашувачко попуштање на нервите извршува тројно убиство, кое подоцна, поради контекстот на сеопшт хаос во градот, е протолкувано како класно мотивирано. До крајот на филмот тој се издигнува како симбол на анархичен бунт на населението.

Кога велам дека филмот ги збунува гледачите не мислам на правилните наспроти погрешните читања на филмот (ако постои нешто како „погрешно читање“). Расплетот предизвикува нелагодност поради нејасното чувство дека нешто не се совпаѓа, некаде сме биле измамени, попатно нешто се променило, но не сме сигурни што. Ефектот се должи на тоа што гледачите се неосетно водени по двоен пат, цело време гледаат низ двојна призма: ликот кој го следат е истовремено и жртва и опресор (не само злосторник). Двојната перспектива е невидлива сѐ до при крајот, кога со нагло свртување станува интуитивно, но не и свесно детектирана од гледачите, и нивните емоции се ненадејно фатени во замка.

Имено, од почетокот застануваме на страната на Артур во неговите справувања со разните насилници; воспоставувајќи емпатија учествуваме во градењето на тој лик, го поддржуваме. Но кога Артур се преобразува во сопствената спротивност насетуваме дека неправедно сме биле измамени да бидеме соучесници во оформување на луд, деструктивен лидер. Во тој миг вниманието ни е нагло свртено кон самите себе, и под тој рефлектор сме фатени неподготвени, во внатрешна контрадикторност на она што го гледаме и чувствуваме. Во претпоследната еуфорична сцена среде градот што гори, дадена ни е Пирова катарза.

Филмот тематски е многу комплексен и тоа секако придонесува за разновидноста на реакциите бидејќи секој гледач е привлечен од сопственото поле на интерес. Менталната болест и општествената маргинализираност се најподробно обработени. Впрочем, без релативно лабаво закачениот контекст на Џокер филмот е просто интересен приказ, со умерен ритам, на менталното распаѓање на човек на маргините на системот. Димензијата на Џокер не додава многу на самата приказна, а оваа верзија на не баш паметен, емотивно невешт Џокер тешко дека воспоставува континуитет со попознатиот интелигентен и промислен противник на Бетмен. Но, оној слој кој се покажа најплоден за дискусија во јавноста, политичкиот, е површно обработен, а релацијата понекогаш делува исфорсирано. Тој впечаток го имам, прво, зашто самиот Артур низ целиот филм комплетно ја игнорира или се оградува од политичката ситуација во градот – тој е аполитичен од почеток до крај. Ова, иако во самиот филм има функција, зачудувачки минува незабележано од повеќето кои страствено се зафаќаат со политичката димензија на филмот.

Второ, режисерот никогаш не нѐ запознава со поширокиот контекст. Презентирани се суптилни, фрагментарни информации за тензичноста, општото незадоволство, лошата економска ситуација - но сите тие се крајно воопштени, никогаш не добиваме конкретна, прецизна слика за случувањата. Тоа оди дотаму што на крајот сфаќаме дека не знаеме апсолутно ништо за протестантите: кои се тие, кои се нивните барања - имаат ли барања, кои се нивните вредности – што ако фашисти го презеле движењето?! На таа линија мислам дека разочарувачки пропуштена прилика e сцената во возот, кога Артур бегајќи од двајцата полицајци се втурнува во толпа протестанти со кловновски маски. Тоа беше можност за остварување на некаква игра, препознавање, прелевање на идентитети, значења – некакво поентирање. Дури и визуелно е слаба со оглед на потенцијалот. Излезот од таа сцена со нападот врз двајцата полицајци беше евтин: не комуницираше никакво сплотување на протестантите (ниту солидарност со Артур), туку ги обезвредни, сведувајќи го нивниот бес само на реакција на лошо проценета случајност, впрочем исто како и тројното убиство на Артур.

Стравовите дека филмов е катализатор или промотор на насилство ми се смешни. „Џокер“, и покрај две-трите доста крвави сцени, сепак содржи далеку помалку насилство во споредба со стотици други филмови што се прикажуваат во вечерна програма на телевизија. Но, аспектот што овде го поттикнува стравот е токму „мавањето преблиску“. Тоа што прикажува нешто што препознаваме. Ја портретира општествената деградација чии свесни сведоци сме. Што, секако, нѐ води до функцијата на уметноста да биде огледало и активен критичар (а, пошироко земено, и безбеден канал за составните деструктивни енергии во човекот; главен цивилизациски конструкт).

Напротив, најголемото насилство низ кое Артур минува е оној ужасен, неподнослив пробив на смеата од неговото тело – тогаш кога очајно се обидува да се исплаче. Тоа е одземање на неговиот идентитет, гротескно деформирање на обидот за комуникација. Сцената, меѓу првите во филмот, кога Артур се наоѓа во канцеларијата на неговата психолошкиња и во близок кадар го гледаме бизарното наизменично нишање меѓу смеа и плач во болни грчеви, може да се разгледува како најрепрезентативна за филмот. Прво, тоа е застрашувачка присила (од сопственото тело! - интернализирана) во име на некаква нормалност. (Подоцна во филмот Артур го коментира парадоксалното барање од околината психички болните луѓе да се однесуваат како „нормални“.) Истовремено, несигурен и понижен, се обидува да се скрие но смеата го издава и открива. Таквите противречности, кога никако не може да го направи правилниот избор, го доведуваат до лудило.

Во истата сцена, наизменичното менување на изразот на неговиот лик потсетува на двете маски на комедијата и трагедијата – симбол на театарот. Не само уште еднаш на подвоеноста, тоа алудира и на перформативноста како важна тема и димензија чие знаечење експоненцијално расте во филмот. Секако, перформативноста е клучна одлика на секој Џокер, и со падот на Артур подлабоко во своето алтер-его тој ја става својата маска, движењата му стануваат поманиристички и лесни, се нагласува родовата флуидност на неговот лик, а соочувањето со луѓето го прави „од сцена“. Ова кулминира на самиот крај, со неочекуваното изнедрување на Артур-Џокер како лидер, од морето лица.

Склоноста на Артур кон подвоеност е суптилно присутна уште многу рано во филмот. Во некои сцени се манифестира во промената на говорот на телото (или во една прилика и промената на раката со која пишува). Друга интересна манифестација е низ неговите шеги. Освен отсуството на хумор, што посочува на отсуство на емпатија, неговите „најдобри“ шеги секогаш вклучуваат контраст и игри со зборови во кои значењата (грубо и несофистицирано) се лизгаат. Во неговата личност, како и во шегите, постои точка на контакт меѓу двете половини која лабаво ја држи целината; точка на вкрстување низ која неосетно се лизга де напред де назад. На ниво на филмот, тој контакт (или преод) се остварува во малото танцово интермецо во јавниот тоалет, веднаш по извршените убиства.

Но, како воопшто аполитичниот, исплашен, насилен, ментално растроен, не баш интелигентен Артур станува симбол на масовното движење кое (најверојатно) се бори за општествена правда? Тоа прашање, според мене, е најважното во филмот, и е објаснето со наглото изместување на призмата за кое зборував на почетокот. Извршеното убиство над тројцата младичи е апсолутно во самоодбрана. И тоа не само во физичка, туку многу повеќе психичка и емотивна одбрана на она малку преостанато од неговата личност. Конечното слизнување во Џокер мислам дека продолжува по таа линија на очаен обид за самозаштита. Но, во тој момент Артур доаѓа до чувство кое прв пат го искусува – моќта. Не можејќи тоа да го направи во своите шеги, ниту во било каков разговор - сфаќа дека може да поентира со куршум. Сепак, ликот на Џокер ќе биде комплетиран дури под влијание на медиумите.

Медиумите се многу силно присуство во филмот иако не се наметнуваат во прв план. Шпицата го отвора филмот со слики од весници и известувања и изјави за хаосот во градот. Весниците наметливо го промовираат бизнисменот Вејн како кандидат за градоначалник. Формата на реалити ток-шоу, која илустрира специфична општествена патологија, е неслучајно избрана за канализирање на фрустрациите на Артур. Изгледа како тие да се единствениот прозорец на Артур кон надворешниот свет, единствени толкувачи и начин на комуникација. На крајот, протестантите не се оние кои го избираат кловнот-убиец како свој – тој е создаден од медиумите, ефект е од моралната паника која ја поттикнуваат. Медиумите го создаваат наративот дека младичите се таргетирани како вработени во Вејн корпорацијата и тие го создаваат слоганот „Убиј ги богатите“ во своите сензационалистички наслови. Водителот Муреј во своето ток-шоу му дава јавна платформа на Џокер во која тој изнесува реплики, прв пат со политички призвук, директно поттикнат од насловите во весниците. А поттикнат е зашто за прв пат е задоволена неговата потреба да биде виден, препознаен, да е признаено неговото постоење.

И тука, значи, вистинската критика во целиот филм е насочена не кон Артур-Џокер, туку кон медиумите кои манипулираат за профит и населението на кое му недостасува разум. Толпата е несвесна дека воздигнува на пиедестал опасен лудак врз кого непромислено ги проектира сопствените вредности и очекувања. Гледачите се исто така несвесни за судбината на својот емоционален влог. Во заклучок, целата линија на развој на ликот на Артур-Џокер е создадена за тие општествени процеси на создавање лажни наративи и идолизирања да се искарикираат и доведат до краен апсурд.

Тука е занимливо ироничното вклучување на реалните медиуми во ширењето на информациите за самиот филм. Моралната паника што тие наеднаш ја кренаа околу промовираните вредности и евентуалните последици - се тврдења апсолутно неподдржани од стручњаците кои се занимаваат со темите од филмот. Логично, ваквото нападно и неодговорно известување создава спротивен резултат – „Џокер“ стана најпрофитабилниот филм направен според стрип.

Мене сѐ уште највозбудлив и најпотентен ми е Џокерот на Хит Леџер, од трилогијата на Нолан. Тој е интелигентен, смислено суров и недвосмислено деструктивен. Во „Џокер“ на Филипс има неколку референци на Нолан, но впечатлива ми беше кратката размена кога полицаецот во полициската кола му вели на Артур-Џокер, од што овој е поласкан, дека предизвикал градот да гори. Кај Нолан во една сцена Алфред му ја појаснува на Брус Вејн психологијата на неговиот противник: „Некои луѓе просто сакаат да го гледаат светот како гори“. Таа еротска возбуденост од хаосот кај Џокерот на Хит Леџер е неговиот суштински идентитет. Џокерот на Феникс, во споредба, конструира идентитет кој е помалку моќен, но повеќер зборува за општеството чијшто конструкт е самиот тој, од почеток до крај.

 

Слични содржини

Стрип / Филм

ОкоБоли главаВицФото