Европскиот парламент прогласи вонредна состојба за климата

29.11.2019 23:25
Европскиот парламент прогласи „вонредна состојба во однос на климата“

Откако Европскиот парламент со големо мнозинство ја усвои резолуцијата, Европа е првиот континент кој прогласи „вонредна состојба во однос на климата“. Барем така смета еден од авторите на резолуцијата, пратеникот од француските либерали, Паскал Канфин. Претседателот на Комисијата за животна средина во Европскиот парламент признава дека терминот „вонредна состојба“ всушност го нема во европските договори, поради што одлуката нема формално правни последици.

„Таа е сигнал, силен политички сигнал“, вели Канфин во разговор за ДВ. „Ова е силна порака за европските граѓани, особено за младата генерација и останатиот дел од светот. Ние велиме дека откако американскиот претседател Доналд Трамп го напушти климатскиот договор од Париз, Европа останува цврста, јасна и порешителна од кога ило досега да се справи со климатските проблеми“, вели Канфин. Досега парламентите во Велика Британија и Ирска, како и околу 1000 градови низ светот, имаат прогласено „вонредна состојба во однос на климата“, за да ги актуелизираат сѐ посилните и видливи последици од глобалното затоплување. Во Германија, на пример, ваков чекор презедоа градовите Констанц, Келн и Карлсруе, додека Бундестагот сѐ уште нема ваква одлука.


Канфин: Сигнал до младите и не само до нив

Треба да следат конкретни мерки од политиката 

Новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен меѓу клучните теми во својот мандат го стави ограничувањето на емисијата на штетни гасови и еко-пријателски промени во општеството и економијата. Поради тоа се големи очекувањата од Европскиот парламент и новата Комисија, како и од новиот 29-годишен еврокомесар за животна средина Виргинус Синкевич, вели парламентарецот Паскал Канфин.

„Во однос на земјоделството, инфраструктурата, фискалната политика, Комисијата ќе предложи сеопфатен пакет мерки, поголем од кога било досега, поради што очекуваме и закон за климатски промени со кој ќе биде задолжително до 2050. да се постигне 'климатска неутралност' и да се постават нови климатски цели за 2030. Обврските мора да бидат заострени“, вели претседателот на Комисијата за животна средина за ДВ.

Помош за структурни промени

Токму навреме, пред новиот протест против климатските промени в петок и пред почетокот на Конференцијата на ОН за климата во Мадрид следната недела, Европскиот паламент во уште една резолуција побара емисијата на штетни гасови во Европа до 2030 година да се намали за 55% во однос на референтната 1990 година. Сепак, земјите членки на ЕУ, кои треба овие цели да ги спроведат во конкретни политички мерки, сѐ уште не се вклучени. Како што стојат работите, тие не можат да ги постигнат ниту досега зацртаните цели. Ваков заклучок произлегува од една студија на организацијата за животна средина „Climate Action Network" објавена денес. Пристапите на сите земји се различни. Додека Данска сака до 2030 година да ја намали емисијата на штетни гасови до 70%, Полска е повоздржана. Полските пратеници во Европскиот парламент посочуват дека главен извор на енергија во нивната земја е јагленот и дека во моментов нема изгледи за енергетска транзиција.

Шефот на Комисијата за животна средина во Европскиот парламент, Паскал Канфин, добро ги разбира аргументите од Полска и останатите источноевропски земји членки. Затоа бара исплата на компензација за претстојните структурни промени. Субвенции од ЕУ кои во иднина треба да се делат повеќе врз база на критериуми за заштита на животната средина, не треба да одат само на Запад, туку мора да им бидат дадени и на Полска, Чешка и останатите земји.


429 (од 673) пратеници од различни пратенички групи гласаа за прогласување „вонредна состојба“

„Еко-хистеријата“ мета на критика

Критика за прогласувањето на „вонредна состојба во однос на климата“ доаѓа пред сѐ од деснопопулистичкиот камп. Тие предупредуваат од климатска хистерија и наводни погрешни научни наоди. Италијанскиот европратеник Силвија Сардоне ја нарече новата шефица на Европската комисија „еко-фундаменталист“. Во ЕУ има и други итни горливи теми за кои треба да се прогласи вонредна состојба, како на пример невработеноста и миграцијата, вели претставничката на деснорадикалната Лега.

Пратеникот од христијанските демократи Петер Лизе ја поддржува борбата против глобалното затоплување, но има проблем со терминот „вонредна состојба“. Тој раѓа негативна перцепција во Германија, бидејќи диктаторот Адолф Хитлер ја раководел државата со „закон за вонредна состојба“ предупредува тој. „Терминот во прва линија раѓа страв и буди очекувања за итни мерки, кои Европа не може да ги испорача“, критикува Петер Лизе по гласањето во Стразбур. „Со ефективна симболична политика нема да можеме да се справиме со предизвиците за климатска заштита. Мора да останеме со студена глава оти паника не нѐ води никаде“, вели тој.

Новата Европска комисија за две недели треба да го даде предлогот за „Зелен договор“- сеопфатен пакет законски мерки со кои треба да се ограничат климатските промени и последиците нив. „Европа мора да ја преземе предводничката улога во светот на овој план," изјави новата шефица на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен откако беше изгласана доверба на нејзиниот тим, и покрај тоа што ЕУ продуцира само со 9% од штетните гасови за климата на глобално ниво.

Извор: Дојче веле