Предавање на Стефан Новотни на фестивалот КРИК

30.11.2019 10:53
Предавање на Стефан Новотни на фестивалот КРИК

Вечерва (сабота, 30 ноември) на програмата на четвртото издание на КРИК – фестивал за критичка култура во организација на Контрапункт, предавање на тема: „ Едноставно, да се биде човек кој не прави ништо: за прашањето на психомоќта“ ќе одржи филозофот Стефан Новотни. Предавањето ќе се одржи во Чифте амам, Национална галерија, со почеток во 19 часот.

Во своето предавање Новотни го допира прашањето кое денес не може повеќе да биде ограничено на предодредените центри на моќ: прашањето кое се однесува на микрологичните операции на моќта на субјективноста или „психе“ или пак, на прашањето како „физичкото“ денес е претворено во главно место на општествена и политичка борба. Оваа промена повикува на разгледување на бројни меѓусекторски проблеми, како што се: 1) постојано растечката претпоставка на субјективните капацитети, активни и пасивни, под капиталистичката валоризација, 2) проширувањето на привилегираните сцени на појавување на физичкото, 3) улогата на современите комуникациски технологии во градењето на поврзаност која не е нужно социјална, 4) современи реконфигурации на „нормалното“ и на „патолошкото“.
Новотни ќе посочи на некои од овие проблематики - без да се изгуби од вид најважното прашање кое Музил го поставува: Која енергија е потребна денес за да „опстои светот“?

Стефан Новотни е филозоф, кој живее и работи во Лондон. Предава на катедрата за визуелни култури и е член на Центарот за филозофија и критичка мисла на Универзитетот Голдсмитс, во Лондон. Пред да му се придружи на Универзитетот Голдсмитс, во 2011 година, бил соработник на Центарот за филозофија на правото на Универзитетот во Лувен / Лувен-ла-Нуев (2001–2003) и предавал на универзитетите во Германија (Линбург) и Австрија (Клагенфурт). Тој бил дел од транснационалните проекти на eipcp Трансформација: Нови форми на институционална критика (2005–2008), Превод: Надвор од културата - Политиката на преводот (2005–2008) и Европа како простор за превод. Политика на хетеролингвилност (2010–2012), како и разни други проеки и соработки со визуелни како и уметници кои се занимаваат со перформанс. Тој има на широко објавувано во областа на филозофијата и политиката, бил коуредник на повеќе антологии, превел бројни текстови од француски и англиски на германски јазик, бил и ко-автор двата тома Instituierende Praxen. Bruchlinien der Institutionskritik (w / G. Raunig, 2008) и Übersetzung: Das Versprechen eines Begriffs (w / B. Buden, 2008).

Четвртото издание на Фестивалот, годинава со тема „Човек без својства – политики на маргините“, ги спојува различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои критички ги истражува и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.

Оваа година „КРИК - фестивал за критичка култура“ се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното.

КРИК 04, со темата „Човек без својства – политики на маргините“ е посветен на разговор, критичко промислување и анализа на политичкиот, економскиот и, пред сѐ уметничкиот синдром кој го живееме, а тоа е синдромот на човекот без својства кој е во постојана залудна потрага по изгубеното време.

КРИК - Фестивал за критичка култура се реализира во соработка со: Мутлимедијалниот Институт (MI2), од Загреб, kuda.org од Нови Сад, Berliner Gazette од Берлин, платформата Светот околу нас – критиката во регионот, организирана од партнерските организации kulturpunkt.hr и Kurziv (Хрватска), SEECult (Србија), SCCA – Љубљана (Словенија).

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура се поддржани од: Гете-институт Скопје, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондацијата Култура нова од Хрватска и Креативна Европа 2014 - 2020, Град Скопје. Дизајнот на Фестивалот КРИК е на Студио КОМА.

Логистички партнери на фестивалот се: Национална Галерија (http://nationalgallery.mk/), КОТУР (https://www.facebook.com/KoturKafeiFilm/) и порталот окно.мк (https://okno.mk/)Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад.