Декември

01.12.2019 20:45
Декември

Декември е од decem, латинскиот збор за бројот „десет“. Името December, буквално „десетиј“, месецот го наследил од времето кога во најстариот римски календар, календарот на Ромул, годината била поделена на десет месеци, од кои март бил првиот, а декември десеттиот. Кога по реформата на Нума Помпилиј, во годината биле додадени јануари и февруари, декември го снашла истата судбина што ги снашла и трите месеци што му претходат: иако веќе не бил десеттиот месец во годината, си го задржал името што првично му било дадено. Ова „неточно“ име месецот гордо си го носи повеќе од две илјади и седумстотини години.

Декември за поетот Катул, а несомнено и за мнозинството Римјани, бил најдобриот од сите месеци во годината. Епитетот „најдобар“ (optimus) го стекнал зашто во декември се одржувалe Сатурналиите. Сатурналиите (лат. Saturnalia) биле древен римски фестивал во чест на богот Сатурн. Пандан на овој бог во старогрчката митологија е Хронос, најмладиот син на Уран и Гаја и таткото на Ѕевс. Откако го кастрирал својот татко Уран, Хронос завладеал со светот. Времето на Хронос или на Сатурн во класичната митологија е познато како „златно доба“ (ст.грч. χρύσεον γένος, лат. aurea aetas). Во ова митско време луѓето живееле во хармонија со природата, ништо не работеле зашто имале храна во изобилство, не знаеле за војни и за општествени класи, и среќни и весели доживувале длабока старост без да остарат и без да се соочат со маките што ги носат тешките болести. Сатурналиите во стариот Рим, всушност, биле реминисценција на приликите во ова изгубено митско доба. За време на Сатурналиите, кои се одржувале од 17 до 23 декември, прво му се принесувале жртви на Сатурн во неговиот храм на форумот, а потоа се приредувале јавни гозби, на кои не важеле востановените општествени норми: робовите не само што лежеле покрај трпезата заедно со своите господари, туку, според некои извори, дури и биле послужувани од нив, а коцкањето, кое инаку било строго забрането, било дозволено за време на празникот. Типичен ритуален поздрав за време на празничните денови бил поздравот Io Saturnalia! (Ехеј! Сатурналии!). Празнувањето вклучувало и размена на подароци. Се подарувале мали фигури направени од восок или керамика, свеќи или други дреболии: таблички за пишување, шапки, ножеви, лампи, маски, садови, лажички, парчиња облека, книги... Обичајот на Римјаните да си разменуваат подароци за време на Сатурналиите, според многу умни луѓе, преживеал и денес во нашиот обичај да си подаруваме некоја дреболија токму околу Нова година.

Латинскиот број decem освен во името на декември преживеал и во зборовите: дециграм „десеттиот дел од грамот“, децибел „десеттиот дел од белот“, децимала „десеттиот дел од целиот број“. Бројот decem може да се препознае и во зборот „декан“. Во римската војска „декан“ (лат. decanus, буквално „десетар") бил нарекуван заповедникот на група од десет војници. Латинската именка „decanus“ преживеала и во англискaта именка „dean“.

Слика: римски мозаик од III век н.е., Ел-Џем, Тунис

 

Слични содржини

Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја
Историја

ОкоБоли главаВицФото