Институционалниот патријархат како законитост на капитализмот

01.12.2019 23:26
Институционалниот патријархат како законитост на капитализмот

Книгата на Лилјана Бурцар, „Реставрација на капитализмот, репатријархализација на дружбата“, која 2015 година во Љубљана ја издаде издавачката куќа Софија, преку споредба на двата дијаметрално спротивставени општествено-економски системи, капитализмот и социјализмот, мошне аналитички и со значајна количина статистички податоци го насочува вниманието кон актуелните општествени процеси, паралелно потсетувајќи на главно заборавеното и често демонизирано социјалистичко наследство кое секако би требало да ни послужи во промислувањето поинакви правци на идниот општествен развој.

Со главната теза авторката утврдува дека социјализмот и капитализмот на различни начини влијаат на положбата на жените во општеството, а тоа може да се согледа преку низа различни пристапи на институционалните аранжмани. Додека изнесените податоци покажуваат дека социјализмот се стремеше кон укинување на институционалниот патријархат, за капитализмот може да се каже дека тој секогаш одново се покажува како непријател на жените. Како што се тврди, заради намалување на трошоците за одржување на сегашната и идна работна сила капитализмот системски го утврдува и репродуцира патријархатот, сместувајќи ги жените во приватната сфера и подредена положба и ги принудува на зависност од партнерите. Анализата покажува дека со гарантирање на декларативните и формалните права капиталистичките држави ги штитат интересите на капиталот, овозможувајќи им само на еден привилегиран дел од жените да ги уживаат плодовите на либералниот поредок.

Бурцар става посебен акцент на постсоцијалистичките простори, за кои тврди дека во процесот на реставрација на капитализмот се подложени и на репатријархализација на општеството. Истакнувајќи низа институционални мерки, чии промени јасно сведочат за овој процес, авторката посочува дека на постсоцијалистичките простори доаѓа до повторно утврдување на дихотомијата јавно/приватно, односно продуктивно/репродуктивно, односно непродуктивно, со цел екстернализација на трошоците на капиталот. Притоа, предност при воспоставувањето на овие социјални координати им се дава на конзервативните идеологии за семејството и родот и во таа смисла, како што истакнува Бурцар, постсоцијалистичката транзиција, чие темпо варира од земја до земја, е еуфемизам за регресија.

Во овој краток преглед ќе издвојам неколку моменти кои се однесуваат на институционалните механизми со кои се регулира системот за заштита на децата и прашањето за недостаток на прифаќање на стручната литература која се занимава со еманципациските достигнувања на реалсоцијализмот. Ја избирам првата тема зашто ми се чини дека токму таа укажува на еден од сегментите кои изостанаа во јавната дискусија околу Истанбулската конвенција. Дискусијата се вртеше околу прашањето за содржината со која се планира наставата во детските градинки, но не се потегна прашањето во која мера децата во иднина ќе имаат пристап до претшколскиот престој, дали сегашната или идната власт ќе усвојува институционални мерки со кои ќе се поттикнува олеснување на сите жени од домашната работа итн. Прашањето за грижата за децата, како што е прикажано во книгата, нѐ упатува да размислуваме за општествените услови кои доведуваат до финансиска зависност на жените и нивна изолираност во приватноста на домаќинствата, и заради тоа на потенцијална изложеност на насилство како на самите жени, така и на децата. Уште една тема која ми изгледа важна се препирките на пошироката лева сцена кога станува збор за социјалистичкото минато. И додека од страна на левицата се осудува ревизионизмот на десницата, либералниот ревизионизам во голема мера е нормализиран и недоволно критички реевалуиран, па светлите примери од локалното, односно регионалното и глобалното минато, често се отфрлаат под притисоците на одредени идеи, како онаа за тоталитаризмот. Токму споредбата на минатото и сегашноста укажува на постојаноста на класната динамика која најдобро можеме да ја согледаме од традициите кои се отфрлаат како утописки грешки. Во таа смисла книгата донесува интересни пресеци на ситуации од различни периоди, доминантно од европското минато, кои јасно покажуваат дека социјалистичкиот проект е дел од наследството од кое сѐ уште можеме да учиме.

Грижа за децата

Бурцар покажува дека за просторите од поранешниот социјалистички блок во процесот на реставрација на капитализмот карактеристично било намалувањето на надоместоците за породилно и родителско отсуство, како и зголемување на траењето на самите отсуства. Истовремено, истакнува таа, дојде до уништување на мрежата на јавна и достапна грижа за децата и до воведување помал број приватни и профитно ориентирани установи за грижа за децата кои повеќето жени не можат да си ги дозволат. Затоа жените сѐ почесто остануваат дома со децата или се појавуваат на пазарот на трудот како прекарно вработени. Размерите за присутноста на ваквите облици работа најдобро може да се согледаат преку статистичките податоци на Еуростат кои зборуваат дека во 2014 година во Европската унија речиси една третина од жените биле вработени токму на половина работно време.

За разликата на пристапот на социјалистичките и капиталистичките држави по прашањето за достапност на системот на грижа за децата, од кој во голема мера зависи можноста на жените за излегување на пазарот на трудот, можеби најдобро сведочи изнесениот пример од Источна и Западна Германија. Така во 1985 година во Источна Германија во целодневните предшколски установи биле вклучени 91 процент од целокупната детска популација, додека податоците за 1987 година во Западна Германија покажуваат дека во јаслите и градинките било можно да се запишат само 3 проценти од децата помали од 3 години и само околу половина од преостанатите предшколски деца. Ситуацијата во Источна Германија, како и во остатокот од постсоцијалистичкиот простор, во следните децении се промени драматично, за што можеби најдобро сведочи податокот дека во 2002 година бројот расположливи места во предшколските установи во Источна Германија опфаќаше само 35 проценти од целокупната генерација.

Како што наведува Бурцар, единствената причина заради која јавната мрежа за грижа за децата на југословенскиот простор во процесот на реставрација на капитализмот не е погодена во иста мера како во постсоцијалистичките земји од средна и источна Европа, е поинаквата логика на која се темелеше изградбата на оваа јавна мрежа. Додека во средноевропските и источноевропските социјалистички земји установите за грижа за децата беа поврзани со работничките погони, во Југославија тие се развиваа во однос на местото на живеење. Затоа по деиндустријализацијата југословенскиот простор сепак ја задржа можноста за зачувување на целодневната мрежа јавни установи за грижа за децата.

Како што се објаснува, причината заради која доаѓа до деградација на претходно присутната мрежа за грижа и развој на децата, лежи во фактот дека за капиталот е многу поисплатливо и поповолно да ја пренесе оваа работа на грбот на жените поединечно, отколку да се посвети на вложување во јавната инфраструктура за грижа за децата и образување стручен кадар. Но, како што истакнува авторката, во интерес на децата е тие да бидат вклучени во јавната мрежа за грижа зашто во неа, освен ослободување на жените од репродуктивната работа, се работи и за потребата на децата од најмлади денови да влезат во процесот на социјализација со стручно едуциран кадар. Затоа, како што наведува, е важно како општество да тежнееме кон воспоставување јавна и достапна мрежа за да не дојде до класно раслојување во најранливиот период за децата.

Исто така, интересно е да се истакне дека правото на жените да се вратат на истото работно место после породилното отсуство во социјалистичка Југославија беше загарантирано уште од 1946 година, додека на капиталистичкиот Запад тоа формално беше загарантирано дури 1996 година и тоа на ниво на европска директива која не го прецизираше начинот на кој тоа право ќе се манифестира во поединечните законодавства. Но, дури и така воведеното право не значи повеќе од слово на хартија зашто мрежата за грижа за децата на Запад беше слабо развиена, заради што на жените, барем оние со послаб и просечен имотен статус, им беше оневозможено да го искористат тоа право. Бурцар објаснува дека жените во капиталистичките општества откако ќе станат мајки се потиснати на маргината на пазарот на трудот токму заради специфичните режими на породилното и семејно отсуство и недостатокот на јавна и достапна мрежа со установи за грижа за децата. Бурцар подетално се посветува на оваа маргина на пазарот во последното поглавје, објаснувајќи ја проблематиката на работата со скратено работно време, работењето од дома, дополнителната работа во приватните фирми и семејните претпријатија и микропретприемништвото. Сѐ на сѐ, утврдува авторката, постоцијалистичките држави се приближија кон западноевропските модели со институционален пристап за грижа за децата и важно е да се има на ум дека токму таквиот институционален пристап долгорочно ги отстранува жените од пазарот на трудот и ги става во улога на неплатени репродуктивни работнички во приватноста на домот.

Лилјана Бурцар

Недостаток на перцепција

Третото поглавје од книгата се занимава со проблемите на постсоцијалистичката марксистичка левица и наведува низа замки во кои упаднал западниот марксистички феминизам. Бурцар критички се осврнува на зачестената деградација на достигнувањата на самоуправниот социјализам. Ги критикува младите антифашистки и марксистките заради прифаќањето на тезата на либералниот и западноевропскиот марксистички феминизам дека во Југославија по укинувањето на АФЖ престанува еманципациското дејствување на жените. Во таа насока Вида Томиќ покажува дека кога АФЖ беше укинат во педесеттите, се покажа како вишок тело зашто беше воспоставен претежно на волонтерска работа, а институционалната ситуација во југословенското општество воспостави инфраструктура заради која беше можно напорите да се насочат кон системски промени, кои обезбедуваа висок степен социјализација на репродуктивната работа со посредство на државата.

Исто така, членките и членовите на комунистичката партија од почетокот на функциониорањето беа свесни за проблемот на одвојување на женската проблематика во рамки на посебна организација, односно дека тоа подразбира облик на маргинализација кој и денес често претставува проблем, присутен и кај современата левица.1 Затоа, Бурцар тврди дека инсистирањето на АФЖ како единствен израз на феминистичките тенденции не е ништо друго освен согласување со типично либералното поимање кое инсистира на НВО-овски пристап и се обидува да го прикаже социјализмот како неправеден и тоталитарен систем. Во прилог на тоа зборува и фактот дека Југославија беше една од најгласните земји во ОН кога во фокусот беа феминистичките прашања. Сето наведено е поткрепено со исцрпни податоци кои ги прикажуваат институционалните размери на ослободувањето на жените од репродуктивната работа во домаќинствата.

Понатаму, авторката укажува дека не треба премногу да зачудува тоа што дојде до затајување на фактот за еманципациските достигнувања на југословенскиот социјализам, односно дека домашните млади феминистки ги прифатија наративите на западномарксистичките феминистки, зашто книжевниот фонд на нашите простори после 1991 година, заради ревизионистичкиот налет, во голема мера беше уништен па немаа друг избор освен да посегнат по литература од западни теоретичарки и да се повикуваат на теориите кои им беа подостапни. Исто така напоменува дека грешката и болката на западните марксистки пак се состоеше во тоа што нивното движење, односно вториот бран на феминизмот и дејствувањето во рамки на тој втор бран, во голем дел се одигра со поддршка на феминистичките движења од САД, каде владееше хајка на комунизмот, па затоа не им беше достапна литературата од Советскиот сојуз, која се создаваше во дваесеттите и триесеттите години, потпирајќи се на институционализацијата на феминизмот, односно поопштествување на репродуктивната работа во практиката. Заради тој недостаток за прифаќање на реалсоцијалистичките достигнувања, западните марксистички феминистки се насочија кон развивање теорија за дуални системи во кои патријархатот и капитализмот се посматраат како одвоени, впрочем понекогаш и како системи кои се во конфликт, со оглед на тоа дека економскиот либерализам ветуваше слобода на излегување на пазарот на трудот.

Имено, Бурцар истакнува дека според теоријата за дуалните системи машката доминација му претходи на капитализмот, но теоретски се потпира на делата на Маркс и Енгелс кои своевремено понудиле биологистички објаснувања за вродената поделба на трудот, иако е можно тие едноставно да не стигнале да ги разработат своите теории, во кои сепак постојат назнаки за она што Колонтај, Зеткин и Ленин го воспоставиле во дваесеттите и триесеттите години како теоретски темели за еманципациски општествени промени. Значи, теоријата за дуалните системи го гледа проблемот кај поединечни мажи, а не во капиталистичкиот систем како таков, што произлегува од политичко-економски деконтекстуализираниот поглед на општествените и семејните односи. Преку темелите на теоријата за дуалните системи репродуктивната работа во најголема мера се набљудува преку призмата за задоволување на потребите на мажите во приватноста на домаќинствата за да можат „слободно“ да излезат на пазарот на трудот, односно да функционираат во јавната сфера, додека се занемаруваат другите димензии на репродуктивната работа, како грижата за децата, постарите и болните - токму оние сегменти на репродуктивната работа на кои сериозно им се пристапуваше во социјалистичките уредувања.

Со надеж дека овој краток преглед ќе послужи како поттик за идно читање, ако не во словенечкиот оригинал, тогаш во хрватски превод, кој можеме да го очекуваме во 2019 година, накратко би заклучила дека книгата пружа исклучително важни и сеопфатни согледувања во многубројните сегменти за анализа на улогата која ја имаат мажите и жените во капиталистичкиот систем, укажувајќи на колективниот интерес во спротивставувањето на институционалната репатријархализација.

(1) На пример, текстот на Андреа Грегорина кој го коментира проблемот за издвојување на феминистичките теми на конференциите (http://slobodnifilozofski.com/2018/11/platforma-za-novu-politiku.html)

Извор: http://slobodnifilozofski.com

ОкоБоли главаВицФото