Стрип хероина Супер текстилка

02.12.2019 13:29
Стрип хероина Супер текстилка

Храбра, одлучна и без страв од газдите на текстилните конфекции. Со својот магичен костим веднаш реагира на дојавите за кршење на правата на текстилните работнички. Ова е новата хероина на текстилните и кожарските работници, наречена Супер Текстилка. Ликот на хероината на работничките од овие индустрии живее во првиот стрип на 24-годишната Теодора Ѓеоргиева.

Апсолвентката на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип за МИА вели дека ликот во нејзиниот прв стрип е суперхероина, која има задача да ги охрабрува текстилните работнички, но и да бидат посолидарни и конечно да се борат за своите работнички права.

„Како ја замислувам, па тоа го изразив со тоа што ја нацртав. Мора да е силна жена, храбра и цело време им зборува на работничките и тие да бидат сплотени и да го кренат својот глас. Таа е млада и силна и за разлика од шивачките, нема брчки, не е подгрбавена, нема болки во рацете и грбот, бидејќи постојано шие. Едноставно таа е суперхероина“, вели Ѓеоргиева.

Инспирацијата за Супер Текстилката ја добила од Кристина Ампева од „Гласен текстилец” – Штип, за која вели дека е постојано во движење и е во контакт со обесправените работнички. 

Извор: Слободен печат