Разговор со хрватските „бунтовни“ лингвисти, автори на книгата „На јазикот му е сеедно“

03.12.2019 13:18
Разговор со хрватските „бунтовни“ лингвисти, автори на книгата „На јазикот му е сеедно“

Англистот Анѓел Старчевиќ, лингвистот Мате Каповиќ и романистката Далиборка Сариќ, сите од Филозофскиот факултет во Загреб, неодамна ја објавија книгата „На јазикот му е сеедно“ (Sandorf, Загреб, 2019.)

Што беше вашиот основен мотив за пишување на оваа книга, со оглед на тоа што настнала како колективен труд?

Старчевиќ: Пред осум години, се најдовме на пијалак во центарот на градот, кажавме дека сме веќе презаситени зашто од сите страни, од сите медиуми, се појавија разни „советници“ за јазик. Се работи за целосно загушување на медиумскиот простор со совети за јазикот, со идеи што е „правилно“ а што „неправилно“. Иако во лингвистиката, барем цел еден век се знае дека таквата перспектива е ненаучна, идеолошка, во Хрватска таа се презентира како наука. Мате предложи да напишеме статија за тоа, набрзо потоа и книга.

Прескриптивистичка мистификација

Како би ги опишале вашите методолошки позиции при работата на книгата? Каква научна методологија употребивте?

Каповиќ: Нашиот труд почива врз две основи. Првата се научните сознанија за јазикот, она што лингвистиката може да го каже за јазикот, а тоа е објективно колку што е можно и тука не може да се најде некоја идеологија. Втората е нашиот идеолошки, политички став, околу кој сме целосно отворени. Во книгата го објаснуваме тој став и тој не е во спротивност со научните сознанија за јазикот. На пример, лингвистиката покажала дека сите јазици отсекогаш се менувале, дека позајмуваат зборови од други јазици. И што е можеби најосновно, а што се знае уште од Сосир, дека јазичниот знак е арбитрарен. Кој било поим може да се означи во јазикот со кој било гласови, па на хрватски се вели „пас“ на француски „chien“, на англиски „ dog“ итн. Тоа се основите на лингвистиката за кои никој не спори, па тогаш ниту еден дијалект не може да биде неисправен, ништо што е колоквијално не може да биде неправилно. Тоа, што нешто службено не е стандардно, не е пропишано како надрегионален јазик, не значи дека заради тоа е неправилно, како што постојано слушаме кај нас. Она околу кое идеолошки се залагаме се идеите на еднаквост, ние сме против елитизмите и сл. Се залагаме за тоа секој, како и да зборува, стандардно или нестандардно, на дијалект, или колоквијален јазик – мора да има пристап до јавниот дискурс. Како што некого не смееме класно да го дискриминираме, затоа што е сиромашен, затоа што е жена или хомосексуалец, исто така не смееме некого да го дискриминираме затоа што зборува поинаку. Тоа најдбро се гледа во старите капиталистички, класни општества, како Британија, каде стандардниот јазик всушност е говорот на највисоката општествена класа, додека на работничката класа и на сиромашните им се поставуваат препреки и преку јазикот. За разлика од другата страна, која е за елитизам, против еднаквост, со идеолошки поставки кои одат против основните сознанија за јазикот, а притоа глумат научност, ние сме отворено политизирани, но нашата идеологија не се спротивставува на основните знаења за јазикот, туку врз нив градиме ставови за планирањето на јазикот.

Старчевиќ: На пример, секој говорител знае дека јазикот се менува низ времето. Она пак, што често се заборава е дека јазикот, исто така, варира и во една точка во времето. Неточното верување дека сите говорители на еден јазик зборуваат сосема еднакво, во лингвистиката се нарекува фикција на хомогеност. Таа идеологија на потполно униформиран јазик е неостварлива и непотребна, а кај говорителите создава голема несигурност.

Каповиќ: Ако јазикот по својата природа е варијантен и се менува, тогаш нема никаква смисла да се глуми дека тоа не е така, зашто тоа нужно работи против некој и на општествено, а не само на јазично ниво.

Што е идеологија на стандардниот јазик?

Старчевиќ: Тоа е поглед според кој стандардните дијалекти би биле покавалитетни од нестандардните. Идејата е дека стандардниот дијалект е пологичен, попрецизен, подобар, поелегантен, дека токму тоа е кодот во кој најдобро е остварена човечката мисла. Тука влегува и ставот дека формалниот стил е подобар од неформалниот, пишаниот јазик е повреден од говорниот.

Книгата ја поделивте на два дела, првиот е повеќе теориски „Прескриптивизам и идеологија на стандардниот јазик“, а вториот е свртен кон примерите „Анатомија на хрватскиот прескпкриптивизам“. Што е разликата помеѓу прескрипцијата и прескриптивизмот?

Каповиќ: Прескрипцијата е нормирање на јазикот во смисла на избирање на еден дијалект за надлокален. Во некоја држава или регион се избира еден што ќе биде службен, се одредуваат граматиката, правописот итн. Прескриптивизмот е она што се врзува на прескрипцијата, како нејзина мистификација. Го имаме она што е и она што не е стандарден јазик. Прексриптивизам вели дека е правилно само она што е стандардно исправно, правилно, повредно од сè друго. Како што, на пример, настанувањето на некоја национална држава може да се надоврзе национализмот, кој е мистификација на национална држава.

Старчевиќ: Ние не ја напаѓаме прескрипцијата, не се бориме против тоа што штокавскиот е прогласен за стандард. Се бориме против прескриптивистичката мистификација. Ако некој отстапува од стандардот, тогаш за прескриптивистите тоа е уништување на јазикот, говорителите се неинтелигентни, мрзливи и слично, а тоа нема врска со реалноста.

Настанувањето на новите држави во капитализмот беше и такво „создавање на нациите“ каде се преминувало на тнр. народни јазици, без кои не би можеле да се опишат некои нови сознанија. Денес го имаме феноменот на вернакуларизација, кога некогаш националните јазици стануваат провинцијални, затоа што елитите зборуваат, на пример, на англиски. А тоа има последици во меѓународната поделба на трудот: на хрватските научници нема да им треба хрватскиот јазик затоа што своите научни вистини ќе ги пишуваат на англиски јазик?

Старчевиќ: Тоа добро го кажа Борис Буден, кога констатираше дека елитите се школуваат на други јазици, а ова е приказна за широките народни маси на кои им се порачува дека не го знаат својот јазик и на тој начин им се сугерира дека не се остварени поединци и легитимни припадници на нацијата.

Скандал е на возрасни луѓе постојано да им се тврди дека не знаат да зборуваат, зашто на тој начин и општеството се карактеризира како незрело?

Каповиќ: Тоа не важи, чисто лингвистички ниту за стандард. Големо мнозинство од луѓето, речиси сите, денес повеќе или помалку знаат да зборуваат стандардно. Луѓето знаат дека „ча“ и „кај“ не се стандардни дека „што“ е стандардно. Децата го учат стандардот уште од цртаните филмови, од сликовниците, од Јутјуб и од телевизија на возраст од две или три години. Погрешна е идејата дека цел живот треба макотрпно да се учи како да се изразувате. Па така, во книгата имаме пример како зборуваат двајца прескриптивисти, од што се гледа дека тие самите не се придржуваат до она што го заговараат. На ниво на фонологија имаат цела редица колоквијални нестандардни облици.

Голема тема е социјалното исклучување со помош на јазикот што постојано се случува. Дали се работи за симболички капитали на разни групи во општеството?

Старчевиќ: Често ни политичката левица не го препознава социјалното исклучување по пат на јазикот. Луѓето бурно реагираат поради исклучувањето преку сите други општествени ваијабили: полот, етницитетот, националноста, класата и слично, но дури и дел од левицата ќе ја проголта таа приказна дека постои само еден „правилен јазик“, иако сета таа јазична разноликост која се напаѓа е директен еквивалент на различностите надвор од јазикот, која не смее да се напаѓа. Исто така, во западното општество постои силна перцепција дека луѓето се разликуваат од животните според тоа што имаат јазик. Кога некој не знае некои детали на тие јазички „советници“, реакцијата е: „Па ти не го знаеш ни сопствениот јазик“. Излегува дека тој говорител нема јазик туку само некои најави за јазик, па така не е ниту комплетен човек. Кој тогаш не е комплетен човек. Кој пак не е човек, нема ниту човекови права. Така се чини „природно“ дека на голем број луѓе им се негира пристапот до ресурси, односно се исклучуваат од општеството.

И многумина значајни лингвисти заговараат неутралност на стандардите?

Каповиќ: Прескриптивистите што ние ги критикуваме може да се поделат на две групи. Од една страна имаме маргинални стручњаци за јазик, кои многу малку се занимаваат со лингвистика, а повеќе се занимаваат со пишување и промовирање на квазисовети. Од друга страна, имаме луѓе кои се лингвисти, како и светски познатите Радослав Катичиќ и Далибор Брозовиќ, кои со причина се признати и познати. Меѓутоа, кога се работи за прашањето на стандардот, како треба јавно да се зборува, тогаш тие го потиснуваат тоа што реално го знаат за јазикот и дозволуваат нивните политички ставови, десни и конзервативно да ги надвладеат научниците во нив. Нивните политички стојалишта се гледаат, на пример, по ангажманот на Брозовиќ во ХДЗ и по изјавата на Катичиќ во едно интервју дека јазикот пропаѓа и дека во 1968 година, Европа пропаднала. Се гледа корелацијата на десните ставови за јазикот и десните ставови за политиката.

Старчевиќ: Брозовиќ има јазички совети од 1960 – тите години и подоцна. Катичиќ нема совети, но неговите теориски дела за јазичното планирање ја нормализираат десната перспектива како „научна“ и „неутрална“. Тоа се штетни ставови, кои заговараат ригиден и неумолив стандард, „норма од која не се дозволува отстапување“. За Катичиќ „јазикот по самата своја природа е пуристичен“. Тој, својот личен пуризам му го припишува на јазикот, што е проекција на неговите желби. Врз основа на тоа, прескриптивистите ги прогонуваат непожелните елементи па се создава привид дека уништувањето на јазикот се спроведува во име на науката. Од друга страна, во лингвистиката јазикот се дефинира токму како јазичен контакт и за нормална состојба се смета хетерогеноста, а не хомогеноста.

Каповиќ: Да речеме дека се работи за четири степени. Првиот е највисок теориски тип (Катичиќ, Брозовиќ), понискиот се академските прескриптивисти (Нивес Опачиќ, Марко Алериќ), под тоа е лекторската пешадија, а на дното се оние што ги поправаат другите на Фејсбук и сл. Тоа би бил прескриптивистичкиот лумпен пролетеријат.

Невозможна идеја за јазикот

Постои парадокс дека оние што заговараат „златно доба“, непроменливост, традиција и статичност, а кои во голем број се појавија во еден период на „хрватскиот новоговор“, се оние што имаат амбиција да го менуваат јазичното секојдневие. А ние, на коишто не ни се допаѓа тоа, сме ставени во позиција да ги „чуваме“ старите слободи од социјализмот, кога односот кон јазикот беше помалку ригидиен?

Каповиќ: Мора да го разликуваме она што е научно во јазикот и политичките желби. Менувањето на јазикот може да биде вакво или онакво, како и политичките потези. Ако трансродовите луѓе во Америка бараат за нив да се вели „they“, а не „he“ или „she“, тоа може да го сфатиме како прогресивно придвижување во јазикот, кадешто јазикот се менува за да во него се изрази некоја нова реалност, човекови права итн. Од друга страна, кај нас имаме десничарска навала, при што тие сакаат некој збор да се исфрли зашто е српски, што е одраз на ксенофобија и национализам во јазикот. Нам ни останува да одредиме какви политички ставови ќе имаме за тоа. Ние сме отворени околу тоа дека се залагаме за јазични слободи, прогресивни ставови, еднаквост, додека другата страна заговара национализам, елитизам и сл. Кога се зборува за национализам во јазикот, треба да се разликува ситуацијата кога Курдите бараат да зборуваат на својот јазик во Турција, што е сосема оправдано или кога мислиме на ситуацијата во Хрватска во 19-от век. Но, сега кога не можеме да кажеме дека хрватскиот јазик е загрозен во Хрватска, истерувањето на „србизмите“ го отсликува истерувањето на Србите од општеството.

Старчевиќ: Не се сметаат за проблематични само странските елементи, на пример, и кајкавските говорители се на удар дека внесуваат свои елементи во стандардот и го „расипуваат“. Прв футур користат во зависните реченици и така стануваат „внатрешни непријатели“. Ние сме против тоа институциите на луѓето да им ги менуваат секојдневните изрази, говорителите оптимално се саморегулираат. Што се однесува до промените во јазикот, стандардниот јазик ние го нарекуваме стандарден дијалект, што не е вообичаено во нашата наука, со што нагласуваме дека јазикот се состои од стандард и нестандард, односно дека стандард е само еден варијатет внатре во збирот варијатети, кој го нарекуваме хрватски јазик.

Голема штета од прескриптивизмот е што сме преплавени од идеологии на буквални значења. Се уништува метафоричниот и метонимичкиот слој на јазикот и со тоа се осиромашуваат изразните можности.

Старчевиќ: Да, тоа е сосема невозможна идеја за јазикот. Имено, метафората е самиот темел на јазикот, ние, на пример, мораме сè што е апстрактно да го замислиме како конкретно за да може да разговараме и да пишуваме за тоа.

За што служи јазичниот пуризам?

Старчевиќ: Целта на таа идеологија не е јазична, туку е надвор од јазикот, да се порача кој е наш, а кој не е. Со неа се сугерира дека некои говорители не се легитимни членови на заедницата.

Каповиќ: Ксенофобијата е дозволена во јазикот.

Ни треба ли тогаш стандард и што треба да се прави со оглед на негативните појави кои ги опишавте во книгата?

Старчевиќ: Стандардниот дијалект е како ветерот: тој е дбар слуга, но лош господар. Стандардниот јазик треба да им служи на нашите говорители, а не ние да им служиме на нечии нереални идеи за франкенштајновска верзија на стандардот.

Каповиќ: За да се промени јазикот, треба да се промени и општеството. Ако општеството е класно, и јазикот во себе ќе ги содржи класните разлики. Невозможно е да се менува само јазикот, како што мислат некои, но може да има мали придвижувања. Би можело барем од академските кругови да се исфрли прескриптивизмот.

Слики: Wayne White

Извор: Nedeljnik

 

Слични содржини

Наука / Култура / Историја
Општество / Европа / Балкан
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Психологија / Наука / Теорија
Наука / Култура / Теорија
Наука / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото