1009 hPa
94 %
15 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 06:59
Од лево: Чембрлен, Даладие, Хитлер, Мусолони и Сиано, пред потпишувањето на Минхенскиот договор
Пред повеќе од осумдесет години се одржа несреќната Минхенска конференција, која на 30 септември 1938 година ја жртвуваше Чехословачка со надеж дека ќе го смири Адолф Хитлер. Колатерална штета на тој договор беше германско-советскиот пакт за ненапаѓање, кој беше потпишан од страна на министрите за надворешни работи Јоаким фон Рибентроп и Вјачеслав Молотов, и послужи како вовед во избивањето на Втората светска војна1. Децениите ревизионистичка историографија ги ослободија „виновниците“2 предводени од Обединетото Кралството, ја минимизираа нивната традиционална русофобија и нивната идеолошка пристрасност, преувеличувајќи ги „објективните ограничувања“ кои беа во основата на британската и француската политика. Впечатливо е отсуството на анализа за едно друго одржливо решение преку соработка со Советскиот Сојуз.
Само еден месец по Минхенскиот договор, британскиот премиер Невил Чембрлен, заговорник на помирувањето со Германија, му се доверил на Кралот Џорџ VI дека било „значајно тоа што ни Франција, ни СССР, едни со други не си поставуваат прашања за време на кризата“. Премиерот сметаше дека е подобро Советите да се остават настрана. И покрај својата очигледна склоност кон идеологијата, Јосиф Сталин водеше мошне прагматична и рационална политика заснована на односите на моќ и сферите на влијанија. Историографијата на Минхенската конференција намерно ги занемари интензивните напори на советската дипломатија да ги осуетат воените потези на Хитлер во изминатите пет години.
Максим Литвинов
Краткиот меден месец со Москва
Есента 1932 година министерот за внатрешни работи Максим Литвинов го предупреди Сталин дека вајмарска Германија е „во терминална фаза“ и дека напредувањето на нацизмот ќе предизвика неопходен радикален пресврт во односите на Москва со Обединетото Кралство и Франција. Овој пресврт во 1934 година го поздрави министерот за надворешни работи на Франција, Луј Барту, и дозволи влегување на Советскиот сојуз во Лигата на народите (Societe des Nations).
Во мај 1935 година Франција го потпиша договорот за заемна помош со Советскиот сојуз, по што следеше сличен договор помеѓу СССР и Чехословачка. Меѓутоа, постоеше разлика помеѓу овие два текста, кои инаку беа идентични според формата, а значајната разлика која ќе ги направи неефикасни во 1938 година се состои во следното: претседателот на Чехословачка Едвард Бенеш инсистираше договорот да содржи клаузула со која секоја помош од Советскиот сојуз се условува со претходна интервенција на Франција. Така Француската позиција стана пресудна во 1938 година: заради недостаток на помош, Чехословачка да се најде сама наспроти Германија.
Се покажа дека медениот месец со Москва траеше кратко кога на 9 октомври 1934 година во Марсеј, Барту беше убиен во исто време кога беше убиен и кралот на Југославија, Александар и кога го замени Пјер Лавал, кој беше многу помалку расположен кон Советите во наредните четири години. Во Франција, порастот на внатрешните социјални конфликти во триесеттите години предизвика сѐ поголем пресврт на елитите кон десно, или дури нивно насочување кон фашизмот.
Слично на тоа, советскиот амбасадор во Лондон, Иван Мајски, доживуваше една фрустрација по друга, од 1934 до 1936 година, залудно жестоко трудејќи се да го победи британското непријателство. Требаше да се потпише еден француско-германски-британски договор „на штета на Русија“. Речиси две години силните напори да му се даде смисла на француско-советскиот договор не дадоа никаков резултат. Сталин се обиде да го протурка, но неговите избрзани и тајни дипломатски отворања во правец на Берлин во очекување на британската политика за смирување на наидоа на одек.
Во мај 1937 година, именувањето на Чембрлен на чело на британската влада се совпадна со големиот терор во Москва. Меѓутоа, советската надворешна политика остана стабилна, па Мајски, во јули 1937 година, го уверуваше Чембрлен дека неговата земја не исполнува никаков идеолошки план за да може со користење на меѓународната криза да наметнува „комунистички или некој друг систем“ каде било во Европа. Трудот беше залуден.
На крајот на состанокот премиерот изјави дека „Русите, на прикриен и лукав начин“, зад кулисите, ги влечат конците за да нѐ вовлечат во војна со Германија“, во војна која, за повеќето конзервативци, би резултирала со ширење на комунизмот.
Иван Мајски
Во февруари 1938 година, оставката на Ентони Идн на местото министер за надворешни работи не придонесе за средување на нештата. Дилетантското однесување на неговиот наследник Едвард Фредерик Линдли Вуд (лордот Халифакс) во водењето на дипломатијата му овозможува на Чембрлен да го заобиколи Форин офисот и да се потпре на сопствените советници. Советскиот став беше дополнително затресен со мошне одмерената реакција на Лондон за хитлеровата анексија на Австрија на 12 март 1938 година. „Крајно песимистичен“, Мајски се плашеше дека Чембрлен - за кој мислеше дека се раководи исклучиво од своите идеолошки склоности - можеше „да ја пушти низ вода“ Лигата на народите и да се обиде повторно да го оживее четирипартитниот договор од 1933 година3, „исклучувајќи го Советскиот Сојуз“.
Меѓутоа, Литвтинов во Женева продолжи да ја истражува можноста за обнова на националистичката коалиција од Лигата на народите. Но, кога во април 1938 година се сретна со социјалистот Леон Блум, кој повторно стана претседател на Францускиот совет на министри (претседателот на Владата на Франција), се најде пред човекот кој не беше сигурен во својата иднина. Литвинов му се јавил на Сталин и му рекол дека Блум му оставил впечаток на „задгробен замор и фатализам“.
Кога станува збор за француско-советските воени разговори, кои Французите постојано ги одложуваа, шефот на владата призна дека ги „саботираат“, не само генералите туку и Едуард Даладие, неговиот моќен министер за одбрана, кој набрзо потоа го замени здружувајќи се со десницата.
Француско-британскиот самит одржан во Лондон на 28 и 29 април го направи видлив хегемонистичкиот став на силата која го свика. Залагањето на Даладие да му се пружи силен отпор на Хитлер во Чехословачка, со советска помош, ако биде неопходна, беше одлучно приватно одбиено од страна на државниот потсекретар Александар Кадоган, кој рече дека тоа е „мошне убаво но страшно непромислено“. За време на посетата на Џорџ VI на Париз, Халифакс на некој начин ја избриша Чехословачка од картата велејќи им на своите француски соговорници дека ја смета неспособна самата да се брани додека не добие помош однадвор. Во Лондон, Мајски во отворените разговори известуваше дека во Русија почнува „да се појавува движење кое води кон изолација“, а кое може да се припише на што Западот има навика неговата земја да ја држи на безбедна дистанца. Меѓутоа, амбасадорот вети дека доколку Франција и Обединетото Кралство ѝ помогнат на Чехословачка во случај на инвазија на Судетската област од страна на Германија, Русија ќе влезе во она што го нарече „наш табор“. Но во истиот момент Литвинов со горчина забележа дека без помош од западњаците „тешко е да се замисли дека може да се направи нешто значајно, додека не сметаат дека е неопходно од нас да бараат поддршка. Тие нѐ игнорираат и меѓу себе одлучуваат за сѐ што се однесува на германско-чехословачкиот конфликт“.
Едуард Даладие
Во Париз, Жорж Боне, новиот министер за надворешни работи, сметаше дека единствена желба на Советскиот Сојуз е „да води една општа војна во немирни води каде тој ќе оди на риболов“. На 2 септември 1938 година, за време на подготовките на генералното собрание на Лигата на народите, Литвинов го повика Жан Пеијар, францускиот шеф на дипломатската мисија во Москва. За да ги отстрани сомнежите во врска со советската положба, тој го замоли да му каже на Боне дека, под услов Франција да ги исполни своите обврски, „СССР исто така се обврза дека ќе ги исполни своите кон чешко-советскиот пакт“. Тој исто така инсистираше на итно одржување воени преговори со претставниците на советските, француските и чехословачките вооружени сили и инсистираше кризата да се внесе во дневниот ред на генералното собрание. Недвосмислените заклучоци кои ги извлече Мајски од тие разговори се особено просветлувачки за историчарите: „Ние сме подготвени да ѝ пружиме вооружена помош на Чехословачка ако останатите се подготвени да ја извршат својата должност. Дали тие ќе бидат на висина на задачата во овој особено сериозен историски момент?“
Нож во рана
Свесен за сомничавоста на својата хиерархија во Министерството за надворешни работи, Пеијар ја минимизираше содржината на пораката и сугерираше дека советскиот министер добро знае дека Русија нема да биде повикана да ги исполни своите обврски. На 4 септември, Мајски, разочаран што не добил одговор од Франција, заминува во селската резиденција на Винстон Черчил. Тој „до детали“ му ја открива содржината на декларацијата на Литвинов на Пеијар и го повикува таа информација да му ја пренесе на Халифакс. Одговорот стигна на 7 септември во вид на пробен балон кој го лансираше Тајмс во име на британскиот кабинет. Тој одлучно ја советуваше владата во Прага да ѝ ја отстапи Судетската област на Германија, зашто „предностите што би ги имала Чехословачка, станувајќи хомогена држава, би ги надвладеале очигледните недостатоци од губењето на пограничните окрузи на судетските Германци“. На 8 септември, забодувајќи нож во раната, Халифакс го повикува Мајски да го извести Литвинов дека, на негово искрено жалење, и имајќи ја предвид заканата од кризата во Чехословачка, неговото присуство во Женева не е пожелно. Халифакс беше загрижен да не го предизвикува Хитлер водејќи дијалог со „црвените“.
Лордот Халифакс
Седницата на Лигата на народите морално обезвреднета заради практичното игнорирање на чешката криза - се совпадна со изјавата на Чембрлен на 14 септември вечерта, за неговата одлука да се сретне со Хитлер во Берхтесгаден. Тоа ќе доведе до Минхенската конференција. На Литвинов му преостана својата фрустрација само да ја изрази во еден жесток говор во кој го повтори советското залагање. Тој заврши со едно опоменувачко предупредување: француско-британската „капитулација“ би можела да има „несогледливи и катастрофални последици“. На неговото барање упатено до Париз и Лондон да се повика итен состанок на воените експерти од трите земји, Форин офисот само одмавна со рака и го отфрли, со изговор дека „тоа би било од мала корист“, во мера во која тој сигурно не би можел а да не ја „провоцира Германија“.
Ставот на Чембрлен за Чехословачка на незаборавен начин се покажа во неговиот говор на Британската радиодифузна корпорација (БиБиСи) на 27 септември 1938 година.
„Навистина е ужасно, фантастично и неверојатно“, им рече тој на своите слушатели, „тука да ставате гас-маски заради конфлик во една оддалечена земја меѓу луѓе за кои не знаете ништо.“ Не изненадува што утредента во Парламентот ја објави својата намера да го прифати повикот на Хитлер да учествува на еден состанок на врвот во Минхен. Додека Чембрлен леташе кон Германија, Халифакс го повика Мајски и се извини „што не го поставил прашањето за испраќање покана за СССР зашто, прво, роковите биле страшно кратки и не смеело да се изгуби ниту една минута, и второ - а тоа беше најважно - дека однапред знаел каков ќе биде одговорот на Хитлер. Не смееше да се прокоцка последната шанса за да се спаси мирот заради кавга околу составот на конференцијата“.
Советскиот амбасадор во Лондон залудно помина од едно разочарување до друго обидувајќи се да го порази британското непријателство. „Подготвени сме да ѝ пружиме воена помош на Чехословачка ако другите се подготвени да ја извршат својата должност“.
Гарбриел Городетски е историчар, професор емеритус на All Souls College, на универзитетот Оксфорд.
(1) Види: "Les dessous du pacte germano-sovetique", Le Monde diplomatique, јули 1997.
(2) NDLR: Guilty (Les coupables) е наслов на книгата која во Лондон, во јули 1940 година ја објави автор скриен зад псевдонимот Като. Ги прогласи за виновни петнаесетте британски лидери, вклучувајќи го и премиерот Невил Чембрелн, за попустливост кон Хитлер и недоволна опременост на вооружените сили.
(3) NDLR: договорот потпишан во Рим на 7 јуни 1933 година, од страна на Германија, Франција и Обединетото Кралство.
Извор: Le Monde diplomatique