Љуље

04.12.2019 12:36
Љуље

 

Има зборови што не значат ништо, а кажуваат сѐ. Ако се извлечат од не-својот јазик мора веднаш да се седнат на престолот на својот. Албанскиот збор љуље (lule) е најубавиот збор за цвет што сум го слушнала. Нему не му треба деминутив за милост, нему му претекува милост и од номиналната форма. Љ како најљубовната буква во азбуката на македонскиот јазик, Албанците често ја ставаат на местото на нељубовното л кога зборуваат македонски и тоа нам ни е необично, напати и смешно. Размислувам, размислувам,.. и сфаќам: Албанците со љ-то таму каде што треба л им вбризгуваат љубов на зборовите, а тоа не го соумејува семантиката; зашто не секој збор е подготвен за љ; не секој човек е подготвен за љубов.

Да си го земеме албанското љуље во македонскиот јазик, сосе двете љубовчиња во само четири буквички, да си го земеме не за „цвет“, туку за милост и милина кон луѓето што нѐ расцутуваат. Нека на албански си значи што си значи; нека на македонски ни значи Сѐ.

Слика: Estée Preda

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото