Некои од последиците на обединувањето

04.12.2019 15:58
Некои од последиците на обединувањето

Во неколкуте години откако Германската Демократска Република (ДДР) беше присоединета со Сојузната Република Германија (БРД), не се (пре)создадоа само нејзините институции и нејзината економија, туку и нејзините издавачки куќи, кинематографијата, телевизиските канали и радио-станиците, уметниците, имињата на улиците и јавните згради(1). Весниците и списанијата кои до вчера им служеа на властите беа приватизирани во корист на западните медиумски куќи.

Западно-германскиот режим исто така го уништи образовниот систем, правото на бесплатна култура, јаслите и градинките. Жените, кои дотогаш имаа највисоко ниво на вработеност во светот, први беа погодени од отказите и на секаков начин се обидуваа да побегнат од светото тројство на германското семејно уредување, „деца, кујна, црква“ (Kinder, Kuche, Kirche). „За да си ги подобрат шансите да најдат работа, многу од нив медицински се стерилизираа. Клиничкиот центар во Магдебург извршил само осум стерилизации во 1989 година; во 1991 беа направени 1200 зафати“, открија Фриц Филмар и Жислен Гитар. Илустрирајќи ја состојбата на социјалната инфраструктура и односот кон иднината, помеѓу 1987 и 1993 година стапката на наталитет на истокот од Германија паднала од 14 новороденчиња на 1000 жители на 5.(2)

Според наодите на социологот Пол Виндолф(3), невработеноста која привремено или трајно погодила 80 проценти од работно активното население во петте години по падот на Берлинскиот ѕид предизвикала бран емиграции на работната сила. Помеѓу 1991 и 2017 година, 3,7 милиони лица, односно речиси една четвртина од вкупното население во Источна Германија, се пресели на западот од државата, додека патување во спротивен правец извршиле 2,45 милиони, вклучувајќи ги повратниците и новодојденците(4). Тоа доведе до сериозно нарушување на социоекономската рамнотежа: најмногу заминуваа младите и високообразованите, а жените сочинуваат две третини од оние кои никогаш не се вратија. Според зборовите на Рајнер Клингхолц, директорот на Берлинскиот институт за демографија и развој, „ова беше најсериозен случај на иселување на жените во Европа“ (The New York Times, 5 ноември 2018).

Од друга страна, баталјони западни менаџери се вработија на раководни позиции во сите сектори, особено во јавната управа, каде функционерите во замена за својата служба добиваа надомест иронично наречен „пустински бонус“ (Der Spiegel, 4 септември 1995).

Додека целиот свет ја славеше „економијата на знаењето“, Германија ја ликвидираше интелигенцијата како општествен слој. Во новосоздадените сојузни држави, од 1989 до 1992 година, бројот на вработени со полно работно време во истражувањaтa и високообразовната настава, вклучувајќи ја и индустриската, падна од 140.567 на помалку од 38.000, што беше проследено со затворање на научните установи и истражувачките центри. Кога станува збор за научниците и научничките од поранешната ДДР, 72 проценти од нив беа сменети од позициите во рок од три години; мораа да емигрираат или да се пренасочат кон професии кои немаат врска со нивната струка. Преостанатиот персонал беше подложен на тестови за стручност кои ги проценуваа политичките убедувања. Ова отстранување на три четвртини од научниот кадар беше оправдувано идеолошки. „Потребно е да се искорени марксистичката идеологија преку структурни и кадровски промени“, како што објасни еден евалуациски документ на Академијата на науките од јули 1990 година.(5)

(1) Cf. Hanes Barman и Kristof Links, Am Ziel vorbel. Die deutsche Einheit - Eine Zwischenbilanz, Ch. Links Verlag, Berlin, Nikolas Ofenstat, Le Pays disparu. Sur les traces de la RDA, Stock, Paris, 2018.
(2) Fric Filmar, Gislene Gitar, La Face cachee de l'unification allemande, L'atelier, Paris, 1999.
(3) Paul Vindolf, "Die wirtschaftliche Transformation. Politische und okonomische Systemrationalitaten, Wolfgang Schluhter, Peter Kvint, Der Vereinigungsshock. Vergleichende Betrachtungen zehn Jahre danach, Velbruck Wissenschaft, Vajlersvist, 2001.
(4) "Die Millionen, die gingen", ZeitOnline, 2 may 2019.
(5) Наведено според: Fritz Filmar, Gislene Gitar, La Face cachee de l'unification allemande.

Гифови: Cari Vander Yacht
Извор: Le Monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото