„Медена земја“ е најдобар филм годинава според „Њујорк тајмс“

05.12.2019 12:24
„Медена земја“ е најдобар филм годинава според „Њујорк тајмс“

Друштвото на њујоршки филмски критичари (NYFCC), документарецот во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, го прогласи за најдобар во 2019 година.

А весникот „Њујорк Тајмс“ го стави на врвот на листата на најдобри филмови годинава.

„Замислен како владино-спонзорирано информативно видео, овој документарец не е ништо помалку од еп, алегорија за животната средина во реалноста, и не помалку, жестока комедија за вечниот проблем сo незгодните соседи“, стои во описот за документарецот.

На листата, составена од реномираниот критичар А. О. Скот се најдоа и „Ирецот“ на Мартин Скорсезе, „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино и корејскиот „Паразит“ на Бонг Јон-хо.

Доделувањето на наградата од Друштвото на њујоршки филмски критичари ќе се одржи на 85-та церемонија, на 7 јануари.

И овде меѓу останатите добитници се најде „Ирецот“ на Скорсезе, кој доби награда за најдобар филм и за најдобар спореден глумец за Џо Пеши. Наградата за најдобра режија, пак, ја добија браќата Бени и Jош Сафди за „Несечени камења“ („Uncut Gems“).

Антонио Бандерас ја освои наградата за најдобар актер за улогата во „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, а за најдобра актерка е прогласена Лупита Нјонго за актерската игра во „Нас“.

Деновиве беше соопштено и дека снимателите на „Медена земја“, Фејми Даут и Самир Љума, се номинирани за наградата која ја доделува Американското здружение на кинематографи. Ова здружение е формирано во 1919 година, а годинава првпат во нивниот избор влегуваат и документарни филмови. Американското здружение на кинематографи ги доделува наградите за извонредни достигнувања по 34. пат оваа година на најзначајниот светски настан посветен на филмската камера.

Филмот е македонски кандидат за Оскар за најдобар интернационален филм. Номинациите за „Оскар“ ќе бидат соопштени на 13 јануари 2020 година.