Уметнички интервенции во спомен на урбаните култни места на Скопје

05.12.2019 14:36
Уметнички интервенции во спомен на урбаните култни места на Скопје

Центарот за современи уметности Скопје и Општина Центар ги промовираа урбано скулптуралните инсталцаии насловени „Урбани топоними – акции“ чија цел е зачувувањето на спомените на градот.

Идејата на овој проект е да ги означи значајните урбани топоними (микролокации) во Општина Центар кои за помладите генерации скопјани, но и за многу граѓани од цела Македонија кои се доселени во Скопје се целосна непознаница, а за Скопје и одредени генерации скопјани претставуваат значајни места на кои се темели ориентацијата низ центарот на градот.

Во рамките на оваа акција изработени се 4 скулптурални инсталации на специфични локации како што се Рекорд, Стар ловец, Маџир Маало и Скопското корзо. На секоја од овие локации е поставена по една урбана инсталација која го збогатува и го објаснува локалниот контекст низ визуелниот приказ на уметноста, воедно давајќи му на реципиентот/гледачот директни информации за локацијата. Едновремено покрај секоја инсталација се поставени и табли со текст кој низ урбани наративи ја објаснуваат акцијата и локацијата и нејзиното значење за градот.

Проектот е финасиски поддржан од Општина Центар – Скопје.

„Со оваа акција сакаме да придонесеме кон трајно меморирање на битните микролокаци во Општина Центар и презервирање на овие урбани топоними за наредните генерации. Во рамките на проектот секој урбан топоним е предмет на интервенција на еден уметник кој во процесот на создавањето на дело кое комуницира со специфичната локалција. Секој уметник беше помогнат од тим составен од визуелен уметник, претставник на Центарот за современи уметности и консултант односно антрополог кој што се бави со прашањата на градот и неговата колективна меморија“, велат од Центарот за современа уметност.

Во рамките на оваа акција уметниците ги изработија следните дела:

Андреј Митевски – Срце, за просторот на локација Рекорд

Љубиша Камењаров – Ловец/Волчко, за просторот кај Стар ловец

Александар Наумовски – Гулаби, за просторот во Маџир Маало

Андреј Миневски – Корзо, за просторот на Корзо (Парк на Франкофонија)

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, рече дека ги поддржува овие акции. „Нормално самите уметници ќе ги изразат своите идеи, не сакаме воопшто да се мешаме, како што тоа било претходно, кога се наменувале одредени решенија. Пред сè сакаме овие локации да ги претставиме како симбол, како сеќавање на на граѓаните за минатото“, рече Богдановиќ. 

„Скопје е град кој секојдневно трпи промени, некои на добро некои на лошо, но градот сепак продолжува да живее. Секоја генерација скопјани остава белeг на градот еднакво како што и секоја политичка гарнитура која што го води градот му остава нови белези и/или нови лузни од кои Скопје секако ќе закрепне. 

Градот феникс ги преживеа и земјотресот во 1963 и Скопје 2014 и сè уште успева да го крепи својот дух и духот на скопјани креирајќи места каде може секој да се скрие и да ужива. За жал промените (урбани естетски инфраструктурни) кои се случуваа последниве 20 години придонесоа да се заборават многу од култните места и урбаните топоними на градот.

Гледајќи од антрополошка гледна точка токму овие урбани топоними се места од посебно значење за градот, места кои го зајакнуваат неговиот дух и го креираат идентитетот на граѓаните. Посматрајќи од перспектива на новите генерации скопјани урабните топоними односно микролокациите на градот стануваат целосна непознаница. Младите генерации скопјани слушале за многу од тие урбани топоними и микролокации но ниту го знаат нивното значење ниту знаат каде точно се наоѓале. На крајот свесни за големиот број на доселеници во градот сметаме дека ваквите проекти и практики ја зголемуваат апсорпционата моќ на градот односно овозможуваат сите оние кои решиле трајно да останат во Скопје да ја запознаат интимата на градот и полесно да се вклопат и вторпат во градот, да го чуствуваат неговиот дух но и да се грижат и да го сакаат својот град, што секако ќе води кон отстранување на голем број малограѓански навики од кои нашиот град страда во последниве децении“, рече Никола Писарев, од Центарот за современи уметности.

Овие уметнички интервениции ќе бидат од времен карактер. 

 

ОкоБоли главаВицФото