1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Непочитувањето на авторските желби не мора нужно само по себе да е неприфатливо, како што ќе се сложи секој кој смета дека сепак е подобро што Макс Брод не го испочитувал барањето на Кафка после неговата смрт да го уништи „Процес“ и останатите дотогаш необјавени дела. А ниту авторските права не се нешто што не би смеело да се испрашува, па така од левите позиции тие се донекаде проблематични, бидејќи, после одредена точка, на авторите им носат заработувачка не од работата туку од рентата; а потоа го имаме и прашањето дали авторските права воопшто можат да бидат праведно припишани – што, да речеме, често не е случај во музиката, каде песната може да биде, на пример, плод на заедничка соработка на неколкумина музичари, за потоа на крајот само неколкумина од нив да добијат авторски потпис и сите тантиеми што им следуваат.
Но, процедурата не е иста за секој вид креативно изразување, а стрипот е еден од домените во кои може поприлично јасно да се разлачи чии креативни заслуги колкави се: имаш сценарист (најчесто само еден), имаш цртач (исто така најчесто само еден) и евентуално уште некој трет задолжен за колорирање ако стрипот е во боја (и ако цртачот не го колорирал сам, што исто така не е нечуено). И тоа е тоа! Ако нив си ги заебал за пари – си ги заебал буквално единствените луѓе чија креативност ги носи тие пари.
ДЦ Комикс баш така ги заеба сценаристот Алан Мур и цртачот Дејв Гибонс, автори на легендарниот „Вочмен“ (Watchmen), па и разбирлив е отпорот на дел од фановите кон најновата екранизација, овој пат во облик на серија на ХБО.
За што се работи? Па, доооолга е приказната, но ајде да пробам некако да ја збијам во најкратки црти...
Прво Мур и Гибонс потпишале договор според кој ако ДЦ не ги користи ликовите од „Вочмен“ година дена после издавањето, на нив двајца ќе им ја врати интелектуалната сопственост над стрипот. Меѓутоа, после неговиот ненадејно голем успех, ДЦ пронашол дупка во договорот според која може да ја задржи интелектуалната сопственост над стрипот сѐ додека се печати – а продолжува да се печати и ден-денес. Бидејќи, тоа дотогаш не била пракса (зошто стриповите тогаш брзо исчезнувале од печат, сѐ уште не била надојдена ерата на вечно реиздавање на вкоричени изданија – тренд кој наголемо го поттикнал самиот „Вочмен“), Мур се обидел да преговара за поголема авторска заработувачка од онаа од првобитниот договор – и, секако, бил одбиен. ДЦ започнале да заработуваат и на поврзани производи, од што, повторно, ништо не им давале на Мур и Гибонс бидејќи според ДЦ тоа биле промотивни артикли кои потекнувале од продажбаа на стрипови и дека тие немале што да бараат тантиеми од тоа.Тука некаде Мур ја прекинува соработката со ДЦ, што под присила на околностите ќе мора да ја продолжи кога десетина години подоцна ДЦ ја купува издавачката куќа за која Мур тогаш работел. Мур испреговарал со ДЦ да не му се мешаат во креативните одлуки – што ДЦ, погодувате, го прекршиле, цензурирајќи го во повеќе наврати. Потоа Џоел Силвер, продуцент на несудената екранизација на „Вочмен“ во режија на Тери Гилијам, лажел за ангажманот на Мур на проектот, а кога ДЦ не се огласиле на барањата да застанат во негова одбрана, Мур уште еднаш, овојпат засекогаш, раскинал со нив, со молба барем веќе да не го чепкаат „Вочмен“ и да нема никакви екранизации ниту измени.
И нормално, набрзо е снимена филмската верзија на „Вочмен“, чиј режисер Зак Снајдер, уште посекако, имал полна уста восхит и длабоко почитување за генијот Алан Мур, кого го „испочитувал“ така што го направил буквално ЕДИНСТВЕНОТО нешто што овој молел да не се прави. А потоа ДЦ започнал и спин-оф серијал на која работеле бројни проминентни сценаристи и цртачи, исто така големи почитувачи на Алан Мур и неговиот авторски интегритет.
И потоа, после сето тоа, доаѓа веста дека, спротивно на апелите на Мур, ХБО ќе прави уште и СЕРИЈА според „Вочмен“, а која ќе ја осмисли контроверзниот – Дејмон Линделоф. Линделоф последниве недели по интервјуа изведува морално –логички акробации, обидувајќи се да се оправда што делува спротивно на желбите на авторите, според кои, офкорс, чувствува само најдлабоо почитување. Па сипува оправдувања во стилот дека, да, океј, не е во ред да не се почитуваат желбите на еден таков великан, но некој друг да се дофател до екранизацијата, тој без оглед на сѐ би ја погледнал, па зошто тогаш и самиот не би го направил тоа наместо некој друг? Но врвот е сепак оваа белешка од една прес-конференција:
„’Алан Мур е гениј’, вели Линделоф, за потоа да признае како овој ‘јасно и недвосмислено истакнал дека не сака на кој било начин да го поврзуваат со ‘Вочмен’ на ХБО’ (Мур не доволува ниту името да му се појавува на шпицата). Но зaтоа се восхитува на ‘панк рок духот, бунтовничкиот дух’ на Мур, и се држи до тоа, дека, кога на Мур некој би му рекол дека нешто не смее да направи, Мур на тоа ‘само би возвратил: ебете се, ќe го направам тоа… Така што, го канализирам духот на Алан Мур и затоа на Алан Мур му велам: еби се, ќе го направам тоа!’“
Е, вакви епски просерувања нема дури ни Зоран Милановиќ. Замислете затоа, како им е само на најпреданите почитувачи на Алан Мур кога читаат такви будалаштини, а притоа единствената серија од Дејмон Линделоф која ја гледале била – озлогласената „Изгубени“ (Lost). Нормално дека им се крева косата на главата од самата идеја.
Линделоф во меѓувреме, секако, беше автор на уште една серија – која, во ред, беше така слабо гледана што на крајот разбирливо е што неговото име за многумина и понатаму е нераздвојно од оној умоболен дебакл од последната сезона на „Изгубени“. Но ние кои ја гледавме таа една серија која стигна да ја направи во меѓувреме – „Остатоците“ (The Leftovers), така се викаше – бевме толку одушевени од неа што не само што му ги простивме сите гревови од „Изгубени“, туку и желно го исчеувавме неговиот „Вочмен“, наспроти тоа што Снајдеровата бесмислено механичка екранизација ни ја уби волјата за какви било понатамошни потфати од тој тип и наспроти тоа што деконструирањето на (супер)херои во 2019 е поприлично passé. Беше тешко да се наѕре што тука смислено воопшто може да се додаде, но, еј – „ Остатоците“! Типот ја направи „ОСТАТОЦИТЕ“! Таа така чудесна, ненормално добра серија, така што, сигурно знае што прави, нели?И, со длабок издив на олеснување, сега може да се констатира дека – да, така е.
Линделоф продолжува онаму каде изворните „Вочмен“ застанаа, т.е. 34 години после случувањата во финалниот број од стрипот. И колку и да беа глупави тие прикажувања на Линделоф за канализацијата на „панк-рок духот“ на Мур, сепка морам да му признаам дека успеал да го долови духот на стрипот. Бидејќи како што изворниот стрип нѐ вовлече во алтернативна реалност во која суепрхерои, насловните Чувари, го измениле текот на историјата па потоа на читателсвото малку по малку им се откриваше на кои сѐ начини таа реалност се разликува од нашата, така и со серијата се спуштаме сред свет во кој полицајците носат маски, луѓето се недоверливи кон технологијата, Роберт Редфорд е со децении претседател на САД, додека од небото одвреме-навреме паѓаат лигњи. И, Господ знае каква врска има сето тоа со бизарните прикази од селскиот имот на неименуваниот девијантен шминкер игран од Џереми Ајронс! Линделоф рекол дека целта му била, меѓу другото, серијата да биде подеднакво интригантна и дезориентирачка и за фановите на„ Вочмен“ и за оние кои никогаш не ги читале, па судејќи според моите реакции како фан и од друга страна, реакциите на мојата драга која никогаш не ги читала – мисијата е остварена, и двајцата нѐ прикова за екранот.
А ретко што е така дезориентирачко како една од воведните сцени, сместена во Тулса во 1921 во која белците масовно ги тепаат, убиваат и протеруваат црнците, а во уништувањет на нивниот имот учествува дури и – авијацијата. Знаејќи дека „Вочмен“ се случува во алтернативна реалност, отпрвин претпоставив дека се работи за некое измислено продолжеи на Првата светска војна на американско тло – и останав вџашен кога излезе дека се работело за вистински настан. И не бев единствениот, бидејќи се работи за настан за кој – не знаат ни многумина Американци.
Имено, во Тулса во 1921 година, случајот на наводен напад на една мала белка од страна на еден млад црнец навистина и довело до бунтови низ градот, кои потоа прераснале во нешто уште полошо: илјадници гневни белци упаднале во црченкиот дел од градот (кој го викале Црн Вол стрит бидејќи во него тогаш се наоѓала најмоќната црнечка заедница во САД), палејќи црнечки куќи, пљачкајќи и демолирајќи ги нивните продавници (со засилување во вид на – да – приватен авион). Се проценува дека биле убиени помеу 100 и 300 мажи, жени и деца со „погрешна“ боја на кожата. Тој страшен настан неверојатно долго бил обвиен со прекривка на молк, бил заобиколуван и во локалната и во националната американска историографија - и дури во 1996 била основана комисија за проучување и документирање на масакрот во Тулса.Една од јавните фигури кои не ѝ дозволуваат на Америка да се избрише тој настан од историската меморија е публицистот Та-Нехиси Коутс, кој масакрот во Тулса го навел како еден од аргументите во корист на репарацијата за црнечкото население, во својот сега веќе славен текст „Во полза на репарациите“. Тој текст воедно бил и една од инспирациите на Дамон Линделоф за новите „Вочмен“, кои се – исто така во духот на старите „Вочмен“ - политични.
Со таа разлика што стрипот беше суптилно политичен, бидејќи Алан Мур – делумно веројатно поради упатствата на издавачката куќа, а делумно и според сопствено уверување – не сакал да отуѓи добар дел од читателството, па неговата осуда на Регановата Америка главно се читала меѓу редови... Додека во „Вочмен“ на Линделоф сѐ е изложено, pun intended, црно на бело: главната хероина е црна суперхероина, главните негативци се бели надмоќници - секој што го поддржува Трамп може слободно да го смени каналот.
Таа подготвеност во старт да откачи незамерлив дел од потенцијалната публика, како и тоа дека е првиот белец кој на телевизија се фатил во костец со масакрот во Тулса – е одраз на Линделофовата новостекната авторска одважност. Но, ништо помалку импресивна не е ниту неговата во меѓувреме стекната раскажувачка одважност, таа негова вештина за градење и развивање на фиктивни светови. Светот на „Остатоците“ со секоја епизода стануваше сѐ поголем и пофасцинантен, а така е и овде: Вочмените редовно имаат сцени, па и цели епизоди кои на прва изгледаат како да испаднале од некоја целосно друга серија, но на крајот, секогаш, некако, на некој силно задоволувачки начин, се спојуваат во тематски и емотивно компактна целина.
Останува да се види како приказната ќе се отплетка до крајот на сезоната, но досегашните четири прикажани епизоди се така спектакуларно гледачко уживање (а како некој кој имал пристап до пред-прикажувања за критичари можам да ви кажам дека и петтата и шестата се УШТЕ подобри!) дека ми се чини дека Дејмон Линделоф конечно би можел, еднаш за секогаш, да се ослободи од стигмата „оној дебил што сите нѐ влечеше за нос со ‘Изгубени’“. И ако, со оглед на целата таа ситуација со Алан Мур, проектот е етички по малку, онака, под прашање – сеедно, драго ми е што постои. Прости ми, Алане, о, прости! Но што кога ова е така ... ебено ... добро.
Извор: Културпункт