Што би можел да ни донесе Албин Курти?

06.12.2019 00:23
Што би можел да ни донесе Албин Курти?

Албин Курти

Има бројни примери на политичари и политички групи кои најпрвин почнуваат да дејствуваат врз основа на леви идеали, а потоа под изговор на дадените околности и реалполитиката, се преселуваат во полето на десното и националното. Несомнено, првата личност која ни паѓа на ум кога размислуваме во оваа насока во домашен контекст е трагично настраданиот Зоран Ѓинѓиќ. Тој ја почна својата активистичка „кариера“ како анархист и критичар на бирократизираниот социјализам, од лево. Затоа беше апсен, па и осудуван во Словенија, па потоа помилуван заедно со колегите студенти со кои се здружуваше. По враќањето од докторски студии во Констанца, своето политичко но и академско делување тој ѝ го посвети на идејата за воспоставување модерна држава која во склад со конзервативната и либералната визија за модерноста, ќе се поистовети со модерната нација и националната држава. Неговите тенденции за модернизација на Србија по примерот на западниот свет, во деведесеттите и двеилјадитите години - па сѐ до атентатот, се движеа кон разрешување на националното прашање на Србите и воспоставување модерна српска држава.

Кон крајот на деведесеттите овие тенденции понекогаш „пролизнуваа“ и кон други територии, пред сѐ кон Босна и Црна Гора - па така зборуваше за идејата за „Сојуз на српските земји“ со цел разрешување на националното прашање на Србите. Во периодот помеѓу Ѓинѓиќ анархистот и Ѓинѓиќ десниот либерал, од неговото политичко дејствување речиси исчезнаа социјалните компоненти кои барем и би потсетиле на оној „левиот Ѓинѓиќ“ од времето на младоста. Тоа стана очигледно не само наративно туку и практично по политичките промени во 2000-та година кога и стана премиер, кога и ќе отпочне и деблокадата на транзицискиот процес кој почна и заглави во времето на Милошевиќ. Заради тоа Ѓинѓиќ беше доживеан како реформатор и визионер, човек со амбиција од Србија да направи модерна држава, а на Србите да им ја врати модерната национална свест која требаше да ги замени „варварскиот“ национализам од шовинистички тип, од една, и „наивното југословенство“, од друга страна.

Иако помина различна траекторија и дејствуваше значително поразлично од контекстот на Ѓинѓиќ, се чини дека идниот косовски премиер Албин Курти некако заврши на истата позиција на која се најде премиерот Ѓинѓиќ на почетокот од 2000-те години. Меѓутоа, за разлика од него кај лидерот на „Самоопределување“ повеќедецениската борба од самиот почеток во себе содржеше испреплетени идеали на националното и социјалното - со тоа што на почетокот беа понагласени социјалните, односно универзалните антиколонијални сентименти. Ова секако не зачудува зашто „Vetevendosje“ својот подем го доживеа под американска, односно „меѓународна“ власт по 1999 година.

Така, „Самоопределување“, за разлика од останатите - воени (како ОВК) и цивилни (политички) движења на Косово се создаваат како реакција на погрешните претстави и колонизаторските својства на меѓународниот протекторат, а не како реакција на српската власт која врши репресија над Албанците. Со други зборови, уште од самиот почеток и акциите како што беа превртување и палење возила на УНМИК, се создава како герилско движење против меѓународниот „окупатор“ кој од Косово прави колонија во вистинска смисла на зборот. Меѓутоа, во косовскиот контекст, покрај идеите на антиимперијализмот и навистина, антикапитализмот, се и оние кои го продолжуваат дискурсот на Адем Демаќи, кој вкупно 28 години лежеше во југословенските затвори заради албанскиот/големоалбанскиот национализам. Затоа, рамо до рамо со левите елементи, во рамки на „Самоопределување“ како и кај Албин Курти, од самиот почеток можеме да детектираме и мошне силен антисрпски сентимент.

Зоран Ѓинѓиќ

За разлика од својот ментор Демаќи, Курти сепак не се трудеше премногу во јавност јасно да го одвои презирот кон српските власти од етничката нетрпеливост кон Србите. Кога велам дека не се трудеше премногу да го прави тоа во јавност, тогаш тоа секако не значи дека тој не ја правеше таа разлика, односно дека не ја прави и денес - напротив, верувам дека токму тоа и е случај. Меѓутоа, од самиот почеток и сега веќе легендарниот десетминутен разговор кој со него го имаа српските новинари додека сѐ уште беше во затворот на Милошевиќ, тој никогаш не повика на обединета борба на српскиот и албанскиот народ (и на Косово и во Србија) против неоимперијализмот или дури Милошевиќ - а зошто да не и борба со српскиот и албанскиот национализам, подеднакво. Напротив, секогаш ја истакнуваше подреденоста на албанскиот народ и неопходноста од косовска независност а преку неа и решавање на албанското национално прашање, со желба и српскиот народ (сам за себе) да се ослободи од стегите наметнати од режимот на Милошевиќ.

За да се позанимаваат со сите елементи на социјалната природа кои ги покрива „левото крило“ на политичкото дејствување на „Самоопределување“, со други зборови, според таквото гледиште Албанците мора да бидат независни најпрвин на Косово, а потоа (евентуално) и обединети со Албанците во Албанија. Тука Курти ја прави истата грешка која ја направи и Ѓинѓиќ. Имено, откажувајќи се од интернационализмот, па дури и од идејата за ексјугословенската поврзаност како предуслов за рееманципација (по општата регресија во постсоцијализмот), тој практично го оневозможува исполнувањето на сопствените цели од доменот на социјалната и економската правда за која се залага левото крило на неговото политичко битие - како и политичкото битие на движењето на чие чело се наоѓа. Таквиот вид балканска интернационала, или „Балканија“ како што се нарекуваше идејата за федерација помеѓу Србија, Косово и Црна Гора во деведесеттите (која ја поддржа и споменатиот Адем Демаќи), тој ја замени со демохристијанската западна идеја за нација-држава како предуслов за прогрес и модернизација.

Токму тука го гледам најголемиот проблем со Курти и „Самоопределување“. Во одредена смисла, тука ја гледам и пропуштената шанса едно навистина автентично движење, своевиден sui generis на политичкиот ангажман на овие простори, да се претвори во авангарда која може да го повлече остатокот од регионот во прогресивен правец. На пример, интересно е тоа што Курти постојано зборува за Косово кое станало „држава која е заробена одвнатре а се ослободила однадвор“, за што директно ја обвинува меѓународната заедница и „неолибералната ориентација на институциите и општеството“ - а потоа решението го наоѓа на теренот на националното кое на овие простори и во овој историски момент - се појавува исклучиво како племенско. Ако е вистина дека, како што назначи косовскиот премиер во својот говор во „Тед Ток“ 2011 година во Виена, во меѓународните протекторати „поставените локални елити повеќе се штитат од народот, отколку што народот се штити од нив“, тогаш е сосема илузорно да се очекува дека ситуацијата ќе се промени кога Косово дополнително ќе се освести национално или кога ќе се обедини со Албанија, на пример.

Причината зошто тоа го сметам за илузија не е затоа што станува збор за Албанците, а не за некој друг народ - туку заради тоа што ниту еден народ на овие простори не може да се заштити себеси од елитиите, домашни и меѓународни - без разлика дали е обединет во една или „распрснат“ во повеќе држави. Истата илузија се однесува и на големосрпските и големохрватските претензии (кон Босна) - тие не само што се шовинистички и неоимперијалистички (да не употребам некоја потешка и почесто користена квалификација) туку се сосема нефункционални од аспект на интересите на народите на кои им се сервира приказната дека нацијата и еманципацијата одат заедно. Напротив, на овие простори тие две идеи се разидоа уште 1945 година, кога еманципациската ја истурка нацијата, а потоа повторно во 1991 година, кога (племенската) нацијата се врати и ја победи еманципацијата.

Адем Демаќи

Исто така, Курти во последно време често зборува дека „има повеќе непријатели меѓу Албанците отколку меѓу Србите“, притоа алудирајќи на една група воени профитери кои владејат со Косово, се богатат и пљачкосуваат на крилата на „воените заслуги“.

Конфликтот кој трае повеќе од три децении на релација „Самоопределување“ - воени команданти, треба да се апострофира како нешто позитивно и може да се согледа во противењето на движењето кон корпоратизацијата и криминализацијата на Косово во замена за независност од Србија. Затоа Курти често зборува дека на Косово имало бројни злосторства за време на војната - но дека повеќе злосторства се случувале кога било мирно. Во таа смисла, победата на „Самоопределување“ на изборите и Курти како премиер би требало да бидат добра вест не само за Косово туку и за Србија и за остатокот од регионот.

Она што сепак нѐ кочи да потскокнеме и да ги кренеме рацете во воздух е токму кочењето кое себеси си го прави Курти играјќи на националната карта која го оневозможува да ги реши повеќето социјални проблеми кои го мачат косовското општество. На пример, вработен е секој четврти жител, односно секоја осма жена. Четириесет проценти од младите кои работат, работат без никаков договор за работа. Трговскиот дефицит е околу една третина од БДП, а годишниот прилив на пари од дијаспората е околу една милијарда евра, што е половина од годишниот буџет на Косово (многу често со ова се објаснува феноменот „постојано полни кафулиња и покрај големата невработеност“).

Кога зборуваме за Косово, тогаш де факто зборуваме за меѓунарден протекторат за кој идниот премиер на Косово рече дека „слетува на земјата директно од Марс“, притоа мислејќи дека таквите поредоци не се во допир со реалноста. За да се решат ваквите проблеми, за да се спроведе борба за поправедно општество со поголема социјална и економска еднаквост, за да има поголема грижа за младите и жените, потребно е нешто значително посериозно отколку мавтање со албански знамиња. Некој сега ќе рече дека Југославија пропадна, меѓу другото и затоа што не успеа да го реши националното прашање и дека сега е нужно да се направи тоа. Сепак, поентата е процесите за национално „освестување“ на периферијата нужно да се појавуваат како трибализација и (во југословенскиот случај) дееманципација и „голема регресија“, исто како што истите процеси во земјите од капиталистичкиот центар се покажаа како ефикасни во поглед на внатрешната модернизација и консолидација на економскиот и политичкиот империјализам и неоимперијализмот на глобално ниво. Оттука, „решавањето на националното прашање“ по етнички клуч, како што прават и Албанците, е токму оној пат кој води кон понатамошна колонизација на овој простор, а не кон (повторна) еманципација и прогрес.

Тогаш на што би можеле евентуално да се надеваме ако „Самоопределување“ излезе од националистичкиот дискурс и се врати на корените во моментот кога ќе стане власт? Позитивните сигнали се однесуваат на тоа дека и покрај очајните економски показатели, политичкиот живот на Косово се покажа како значително подинамичен и посодржаен отколку во повеќето земји од регионот, а особено Србија.

Според тоа, можеме да кажеме дека политичкиот живот на Косово е значително „пополитички“ од оној на кој се навикнавме во постсоцијализмот, зашто динамичноста и (политичката) содржината веројатно се главните одлики на модерниот политички живот. На минатите избори еден дел од косовското општество навистина покажа дека, како што рече Курти, е свесен политички актер заради кој има надеж за Косово.

Кога, и покрај таквиот постконфликтен контекст, на изборите ќе им се одземе довербата на сите воени команданти (од Харадинај, до Тачи, Лимај и Весели), и ќе им се подари на двете партии кои дотогаш беа во опозиција - и сето тоа и покрај општонационалниот консензус околу таксите на Харадинај како контрамерка за блокадата на членството на Косово во меѓународните организации (како Интерпол), тогаш можеме да зборуваме за еден значаен дел од општеството кој е политички свесен.

Она што во моментов не можеме со сигурност да тврдиме се однесува на природата на таквата политичка свест. Се разбира, „Самоопределување“ никогаш немаше да освои една четвртина од вкупните гласови ако веќе со години наназад не ја напаѓаше власта од лево и од десно. Тоа што на активистите при зачленувањето, според сведочењето на претседателот, им се зборува дека во политиката се влегува за да се остане или да се стане пристојна средна класа, а не за збогатување - секако игра важна улога за свеста за идеалите како што се солидарноста или еднаквоста.

Од друга страна, тоа што Курти на Косово дејствува како „граѓанин на Косово“ а во однос на Белград „како Албанец“, како што тврди самиот - наметнува еден друг вид свест која, како што наведов претходно, апсолутно не им одговара на мотивите кои пред себеси си ги поставува едно лево прогресивно движење (а особено не ако е на власт).

Клучно во следните месеци ќе биде сознанието дали „Vetevendosje“ ќе биде симбол на свеста за криминогеноста на политичката и економската елита на ОВК која на Косово „јава“ на бранот на транзицијата веќе 20 години, или симбол на некоја „модерна национална свест“ од која „по логиката на нештата“ треба да се изродат прогресивни револуционерни промени. Ако се работи за последново, тогаш Курти ќе стане само уште еден Ѓинѓиќ со малку поголема социјална чувствителност, кој наседна на приказната за поврзаност на решавањето на националното и социјално-економското прашање. Ако станува збор за првото, тогаш ајде да го киднапираме човекот, да го донесеме во Белград и да го поставиме на местото премиер на некоја идна федерација.

Филип Балуновиќ е политички филозоф, докторант на Scuola Normale Superiore, Фиренца.

Извор: Le Monde diplomatique

ОкоБоли главаВицФото