Допаминско постење - нов тренд во Силиконската долина

06.12.2019 16:25
Допаминско постење - новиот тренд во Силиконската долина

 

Најновиот тренд во Силиконската долина е допаминското постење. Тоа вклучува решително избегнување на многуте пријатни нешта од секојдневието: филмови, вкусна храна, пријателски разговори, контакт со очи. Практиката стана широко популарна, или барем доволно популарна во високо-профилираната заедница, за да го улови фокусот на медиумите.

Значи, допаминот е невротрансмитер вклучен во системот на мозокот за мотивација, награда и задоволство. Кога имаме пријатно искуство, како вкусно колаче или симпатични слики на Фејсбук, во мозокот ни се ослободува допамин. Идејата за допаминското постење е дека можеби примаме премногу добри нешта во денешната економија на внимание (attention economy), и ни треба да одвоиме време без стимулација од нештата што предизвикуваат зависност – телефони, телевизија, шопинг, коцкање – за да ја вратиме контролата над тоа како си го минуваме времето.

Камерон Сепа, професор по психијатрија во Сан Франциско, го популаризирал допаминското постење во август, кога објавил водич на Линкд-ин. „Правењето пауза од однесувања што ослободуваат големи количини допамин му овозможува на мозокот да се обнови“, вели Сепа. Според Сепа, без такви паузи се навикнуваме на високи нивоа на хемикалијата, па така имаме потреба да бараме сѐ поголеми дози на стимулација за да го постигнеме истиот ефект на задоволство.

Но, допаминското постење стана практика која некои луѓе ја носат до екстреми: “Еден пријател ми рече дека мора да го скрати разговорот што го водевме бидејќи е на допамински пост (инаку би му се кренало нивото на допамин)“ ; „Избегнувам контакт со очи бидејќи знам дека ме возбудува. Избегнувам бучни улици бидејќи се вознемирувачки. Морам да се борам со напливите на желба за вкусна храна“.

Популарноста на допаминското постење не е изненадувачка во контекст на аскетскиот пресврт во Силиконската долина. Последниве години, технолошките лидери и оние на кои влијаат попримија монашки практики. Главен пример за тоа е извршниот директор на Твитер, Џек Дорси, кој ентузијастично раскажува за бенефитите од наизменичното постење со апстинирање од храна со часови или со денови.

Сепа не го измислил називот допаминско постење, тој всушност се употребувал на интернет форуми од 2016, но, кога овој го објавил својот водич и започнал да го предава во Силиконската долина, станал популарен.

Сега, допаминското постење се интерпретира на најразлични, сѐ поаскетски начини. Проблемот е во тоа што називот на практиката се сфаќа буквално, наместо како маркетингшки добро скован. На пример, првичната идеја на практиката воопшто не вклучувала избегнување на социјални интеракции, напротив.

Целта на практиката што Сепа ја предлага, и покрај името, всушност не е да се намали допаминот. Во суштина, преку избегнување на стимулации, како нотификации од телефон, и истовремено изложувајќи се на непријатни чувства без да се препуштиме на површно справување со нив преку одвлекување на вниманието, можеме да ги прекинеме навиките на штетни одговори на овие ситуации, односно, да не ги грабаме телефоните секој пат кога ќе заѕвонат или кога се чувствуваме лошо.

Извор: www.vox.com

ОкоБоли главаВицФото