Приказни од „Џунглата“

06.12.2019 17:41

Сè што Абдел гледа е заматено, и покрај очилата.
Со ракавите од правливата блуза ja брише нечистотијата
Од центарот кон краевите на леќите.
Сведоци се на семејства жртви на воени злосторства.
Може да се тушира со недели и пак нема да се чувствува чист.
Англискиот е службен јазик во Судан.
На шеснаесет години сака да биде со роднините во Англија.

Да избегне да биде регрутиран, Саид, 20, избега од Сирија.
Инспириран од приказните за својот херој, Вилијам Гибсон,
Саид стигна во Египет, па се смести на мал брод за Лампедуса,
Низ Италија до Франција, од каде може само понатаму.
На позајмен лаптоп слуша сириска поп-музика.
Би сакал да готви. Сѐ уште мора да му плаќа на трговецот со луѓе
седмично за правото да брка камиони за кај брат му во Англија.

Со преврзана рака Абдул, 21, раскажува за затворот
И со движење ги покажува електричните шокови што ги добивал
Откако бил приведен од суданската влада.
Неговото племе нападнато од бунтовничката војска. Се чувствува измамено
од трговците со луѓе. И покрај повредата од бодликава жица
ќе се обиде повторно. Судан бил англиска колонија.
Сака веќе да не се врти назад.

Кога демне тигар, преправај се дека си мртов. Но тешко е да не бегаш.
Кога неговите пријатели беа приведени во Еритреја, Хајат побегна
и одеше од Етиопија во Либија, па преку Медитеранот.
Стана тигар кој лови возови накај Англија. Ловот беше неуспешен.
Со скршена рака во гипс, се крие во приправениот шатор како во пештера.
Девет од десет пати ловот на тигарот е неуспешен.
Пет обиди направени, уште четири остануваат да се завршат храбро.
Англискиот е единствениот европски јазик што го зборува.

На Универзитетот Бат во Хомс неговиот час по англиска литература
беше прекинат за регрутирање. Фирас црташе и следеше исоплет.
Три членови на семејството беа убиени од сириските владини сили,
Не можеше веќе да гледа ниту да биде одговорен за смртта на други.
Со кожа расечена од бодликава жица, уште сонува за Оксфорд.
Роднините живеат во неколку англиски градови, сите со универзитети.
Сака да го користи јазикот на кој се посветил.

Зиад беше почитуван адвокат во Дара. Сега се тресе,
издрапан и повреден од качување преку огради, избегнување
обезбедување и кучиња. Кутијата цигари згмечена
додека ја плетка низ прстите, испразнувајќи ги
последните лушпи тутун. Не ги испуши, но не може да заврши
со кутијата. Преведува правни аргументи на англиски.
Сака да појде кај роднините и повторно да биде правник.

 

Овие приказни се базирани на стории од весници. Имињата се променети.

Превод: Марија Тодорова

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото