Како да се удави цивилизацијата

09.12.2019 09:41
Како да се удави цивилизацијата

„Во историјата на цивилизациите, како во историјата на поединците, детството е одлучувачко“, пишува славниот француски историчар Жак Ле Гоф (1924-2014), еден од најдобрите познавачи на средниот век кои некогаш пишувале во ова доба, опишувајќи го тешко разбирливиот и слабо познат процес - како од 5 до 7 век, по рушењето на античката, се создава и развива новата христијанска, средновековна цивилизација. Можеби ќе ве изненади, но би можеле да откриете дека ова е поживотно од многу прашања кои во моментов делуваат како пресудни за разбирањето на современоста.

Духовитите и интелектуално возбудливи согледувања на Ле Гоф, собрани во делото „Средновековната цивилизација на Западна Европа“, секако се драгоцени за љубителите на ова доба од човечката историја, но вчудоневидувачки прецизно укажуваат на механизмите кои управуваат со нашето време и нашите животи. И без баналната општа флоскула за „учителката на животот“, читателот на Ле Гоф ќе стекне искуство за навидум новите историски сили преку сосема конкретното разбирање на мистериозната пропаст на надмоќната античка цивилизација пред полудивите, културно и технолошки назадни варварски племиња.

Како водечка личност на „новата историја“, nouvelle historie - на француското интелектуално движење кое замавот и сложеноста на културните и општествените процеси ги заснова на стариот начин на изучување на минатото преку историските наративи засновани само на делата на политичарите, војсководците и воопшто „големите луѓе“ - Ле Гоф уште во шеесеттите години на 20 век заговараше постоење посебна цивилизација на средниот век.

Со бројните нови сознанија за деликатните културни процеси во Византија и воопшто во Европа по падот на Рим, историчарите денес сосема ја отфрлија старата идеја за средниот век како „мрачно доба“, но малкумина, покрај Ле Гоф, успеаја прецизно да објаснат зошто стариот век воопшто мораше да биде заменет со новата цивилизација.

„Ренесансите го диктираат ритамот на средниот век: во каролиншкото доба, во 12 век, најпосле во муграта на големата ренесанса“, вели Ле Гоф, објаснувајќи дека средниот век најдобро може да се сфати како период во кој се води постојана расправа, конфликт на две традиции чии влијанија од епоха во епоха се менуваат и неразрешливо се испреплетуваат: старата, античката и новата, христијанската култура чии елити наизменично се враќаат.

Коренот на тој процес Ле Гоф го препознава веднаш во периодот по падот на Западното царство, но не го открива во рушечките напади на варварите и економскиот крах, туку во новите интелектуални навики - навика на христијанските автори од тоа доба во нужда да посегнуваат по античката граѓа, интелектуалното оружје од грчко-римскиот свет и го вградуваат во своите дела како камења темелници на срушените храмови.

Жак Ле Гоф

Детално анализирајќи ја постапката за асимилација, Ле Гоф ги открива практиките на „системското деформирање на мислите на авторите, вечниот анахронизам, мислата поткрепена со цитати одвоени од контекстот“ со кои античката мисла се атомизира и станува подредена на потребите на христијанската цивилизација. Клучно е тоа што клериците од раниот среден век не користат изворен антички материјал - тие воопшто не ги читаат Цицерон или Квинтилијан, туку популарните прегледи, компликации, филозофските дигестии кои се појавиле во поновата ера на Рим. И колку и да делува добродушно, ова постапување низ вековите ги укинува знаењето, технологијата и квалитетот на животот за милиони луѓе.

Колку повеќе авторите се потпираат на компилациите што ги препишуваат, преработуваат во калапот на христијанската мисла, изворниот текст станува сѐ понедостапен, понејасен и буквално станува изгубен, а заедно со него и знаењето кое го чува. Најпопуларното дело на епохата е просечната компилација со туѓи мисли - поема од еден ретор од Картагена, Марцијан Капела кој дава преглед на античкото знаење преку „седум слободни вештини“. Знаењето за светот се стеснува и географски - наместо детални географии на антиката, новите автори ѝ се обраќаат само на припростата списа на Јулијан Солина за чудесиите на истокот.

Сликата прикажува илустрација од делото Physiologus, опскурна компилација на дела од античките знаења за зоологијата, помешана со митологија и будалаштини, која се појавила во Александрија во 2 век, но во вистински момент, во 5 век, била преведена на латински, за со текот на времето да стане најважна книга за природата на средниот век, која инаку го поттикнала развојот на средновековните бестариуми. Античкиот универзум на знаењето за светот се сведе на напомени за еднорози и морски чудовишта од бајките.

Можеби тоа ве потсетува на некои современи појави, но кога еднаш е веќе воспоставен, процесот на банализација нема да запре, а културата од средниот век ќе стане спектар на компилации, прегледи, лесни четива, што паралелно ќе биде проследено со општ пад на културата, писменоста и технолошките знаења. Набрзо, оваа сила ќе се заврти и против самата христијанска традиција - и текстот на Светото писмо, центарот на учењето, ќе почне да се смета за премногу сложен за читателите, а раните Отци на христијанството за премногу тешки и неразбирливи.

Така почнува да се развива продукцијата на толкувањата, поедноставувањата и прегледите на христијанските знаења кои, истко како и антиката, стануваат ништо повеќе од суровина од која се извлекува суштината. Последниот исход на тој процес се случува подоцна, кога со извлечените мисли и полувистини се оправдани верските војни кои ќе ги разбрануваат Европа и Азија.

Имајќи го тоа предвид, многу е појасно дека цивилизацијата на Рим не ја срушија Вандалите, Остроготите или Хуните кои крадеа богатства и рушеа антички градби - цивилизацијата од антиката се удави во сопствените дигестии. За да може после неа истото да го направи и секоја следна.

Насловна слика: Physiologus, Folio 77

Извор: http://naukakrozprice.rs

 

Слични содржини

Книжевност / Култура / Историја
Стрип / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото