Носталгија

09.12.2019 11:25
Носталгија

Пред многу години, мојот пријател Рајко Грлиќ и јас добивме стипендија од Универзитетот Колумбија, па едно време престојувавме во Њујорк. Кога немавме обврски на факултетот, времето го исполнувавме шетајќи по тој огромен град. Еден ден, одлучивме да седнеме во метро и да отидеме најдалеку од Менхетн. Ја избравме крајната точка на Бруклин, на брегот на Атлантскиот океан, која се вика Литл Одеса.

Веднаш сфативме зошто тоа тажно место така се вика. Тука главно живеат руски емигранти. Ништо особено: трошни куќи покрај брегот, шеталиште како и многу други покрај океанот. Нè привлече звукот на мелодијата „Подмосковски вечери“, кој допираше од кафеаната. На влезот со креда беше напишано „Боршч“, па решивме таму да ручаме. Кафеаната беше полна со Руси, музиката беше жива, а ја изведуваат еден маж и една жена облечени во каубојски одела. Носталгијата просто врескаше од секој агол на таа прчвара.

Подоцна, подготвувајќи се за режија на првиот театарски текст на Билјана Срблјановиќ, „Белградска трилогија“, чиишто јунаци се наши емигранти, наидов на дефиниција, веќе не знам чија, која гласеше: „Носталгијата е привилегија на малите народи“. Тоа, се разбира, беше во спротивност со нашето доживување од Литл Одеса, со оглед на тоа што Русите не се мал народ, но таа мисла, сепак, ми се чинеше вистинита, особено кога се работи за нашите луѓе.

Навистина, кога и да отидев некаде далеку, особено преку разни океани, наидував на сонародници кои едноставно беа обземени со носталгија. Тоа директно го покажуваа, распрашувајќи се што има ново кај нас, или молкум го впивааа нашиот јазик за кој очигледно чезнеа. Продолжуваа со разговорот и тогаш кога снемуваше теми, гасејќи ја жедта по она што го оставиле. Со време, нивниот речник станал оскуден, избледеле настаните на кои се сеќавале, луѓето што ги познавале, во меѓувреме исчезнале од овој свет. А кога ќе дојдеше време да си заминеме, на нивните лица ќе фатев миг на тага, како да ги оставам на цедило со нивната носталгија.

Има тука и трагикомични ситуации. Мајка ми, во една прилика гостувала во Австралија. Во Сиднеј, телефонски се јавила некоја жена, која пред триесетина години, значи пред да замине во емиграција, ја гледала во Белградскиот драмски театар во „Мачка на вжештениот лимен покрив“. Ѝ кажала дека е нејзина обожавателка и дека сака да направи прослава во нејзина чест. Мајка ми се извлекувала колку што можела, но кога пред нејзиниот хотел стигнала лимузина со шофер, веќе не можела да го избегне тоа. Стигнала во куќата, забавата во нејзина чест се одвивала во градината, ја здогледала домаќинката како трча да ја пречека. Меѓутоа, таа во еден момент застанала со израз на изненадување, а потоа и извесно гадење. Се свртела и без збор заминала кај своите гости!? Што била работата? Мама беше веќе постара жена и не одговарала на она кое жената како сеќавање го понела од својата татковина. Ги уривала нејзините спомени, а со тоа и нејзините илузии.

Тука ќе раскажам уште нешто. Се сеќавате ли на Милан Паниќ? Претседателот на владата на Милошевиќ, наш емигрант од Америка, кој требаше да глуми отвореност кон запад на тогашниот ригиден систем на власт. Еднаш имав прилика да седам со него на маса во Скадарлија. Човекот не знаеше ниту збор на српски. Го прашав колку години имал кога си заминал од овде. Дваесет и две , ми одговори. Како успеавте да го заборавите нашиот јазик, ме интересираше. Тоа беше мојата амбиција, ми одговори тој.

Се чини дека тоа е еден од начините да ја победите носталгијата. Најпрво да го заборавите јазикот, па сликите од родниот крај, па луѓето што сте ги оставиле таму. Сосема да ги прифатите новите околности, новите односи, новиот јазик на кој, конечно, ќе почнете да мислите. Верувам дека тоа е крајната инстанца, колку и да е новиот јазик посиромашен од оној што сте го впиле од мајката. Дури и кога го читате Набоков, чијашто литература има две подеднакво вредни верзии, на руски и на англиски јазик, некаде зад сето тоа лебди носталгијата. Зашто „Лолита“, ќе се согласите, не ја опишува само страста на остарениот маж кон младата девојка, туку воедно е и приказна за копнежот по изгубената младост, односно по родниот крај.

Сето ова го спомнувам заради овдеѓното иселување, главно на млади луѓе, кое е во тек и поприма размери на егзодус. Верувам дека тие не бегаат од овде толку заради работата и стандардот на живот, колку заради чувството дека не сакаат своите најдобри години да ги поминат во одвратната атмосфера на тоталитарна власт на еден примитивен и не баш нормален човек. Земјата во која се родени, тој ја претвори во клоака, мрачна дупка во која не допира светлината на надежта. Секаде е подобро отколку овде, веројатно мислат патниците со билет во еден правец. Но што ќе биде кога тивко, без најава, ќе се појави таа – носталгијата? Одговорот на ова ќе мора да го пронајде секој сам за себе.

Извор: Peščanik