Лаги и ветувања

10.12.2019 10:53
Лаги и ветувања

Привлечноста на секој претседателски кандидат се темели на „висцералната, неартикулирана, неаналитичка реакција која е производ на особената хемија помеѓу гласачите и претставата за кандидатот...“, кажал еднаш Рејмонд Прајс (Raymond Price), писателот на говорите на Никсон. „Не е важно кој навистина се наоѓа пред нас, туку е важно она што е јавно проектирано“. На таа проекција „повеќе влијание имаат медиумите и начинот на кој тие се користат, отколку квалитетите на самиот кандидат“.

Во Британија немаме претседател на државата, но секојпат кога ќе дојде време за избори се двоумиме помеѓу претседателските и парламентарните импулси. Во анкетата што ја спровел „Hansard“ во 2015 година, се покажало дека три четвртини од испитаниците не го знаат името на својот локален претставник во парламентот. Партиските лидери се познати за широката јавност, особено откако се воведени јавните дебати. Но, можно е мерката во која гласачите се определуваат врз основа на понудата на партиските лидери да е преценета. Политичките програми се важни, како и врежаните политички уверувања. Сепак, искуствата од секојдневниот живот можат да го променат сето тоа. Во 2017 година, лабуристичките активисти, кои работеле во западен Хароу, забележале дека гласачите почесто зборуваат за фрлањето на ѓубрето на недозволени места, отколку за Џереми Корбин.

Неколку дена пред излегувањето на гласачките места, на 12 декември, ми се чини дека клучно прашање на овие избори сепак е довербата. За конзервативците прашањето гласи дали гласачите ќе сакаат да поверуваат во тоа што им го кажуваат; за лабуристите, прашањето е колку се убедени гласачите дека Лабуристичката партија е способна да оствари сè што ветува. За ториевците тој предизвикдостигнува до самиот врв. Нивниот лидер е лажго. Тоа не е работа на партиска завист. Тоа е факт. Секогаш кога на телевизиските дебати ќе се потегне прашањето на вистината или довербата во врска со Борис Џонсон, публиката во студиото се смее. И за тоа има добри причини. Во „Тајмс“ добил отказ заради измислување на цитати, а од местото министер во сенка е отстранет заради лажење за љубовна афера. Ја лаже јавноста кога зборува за бројката на полицајци, болници и медицински сестри, која ќе ја имаме ако победи тој. Ја лажеше кралицата за суспензијата на парламентот. Па потоа лажеше и понатаму на истата тема. Лаже кога зборува за своите опоненти – тврдеше дека Џереми Корбин сака да ја укине војската и да го забрани службата MI5. Тој ги лаже своите сојузници, вклучувајќи ја и Демократската унионистичка партија врз кој се потпираа ториевците за да обезбедат мнозинство во парламентот.

Најмалку му веруваат оние што најдобро го познаваат. Неговиот поранешен работодавач во „Дејли телеграф“, Макс Хејстингс, рече дека Џонсон „не би ја препознал вистината за својот приватен или политички живот дури и кога пред него би ја извеле на препознавање во полициска станица“. Кога беше министер за надворешни работи, премиерката Тереза Меј му го ускратила пристапот до најважните разузнувачки податоци бидејќи не му верувала. Во мај, напиша на Твитер дека штотуку гласал иако немаше избори таму кадешто живее, ниту во изборната област која ја преттавува. Набрзо твитот беше избришан.

Тоа ја зарази и неговата партија. Не затоа што нејзините лидери не лажеле претходно, туку затоа што дрското, отвореното и безобзирно лажење по кое е познат Џонсон, сега стана норма. Промената на налогот на прес канцеларијата на Конзервативната партија на Твитер во @factcheckUK, вечерта кога се одржуваше дебата или неуспешниот обид на Мајкл Гоув со сопствен камерман упадне на дебатата за климата на партиските лидери, за да подоцна тврди дека на ториевците не им било дозволено да учествуваат во дебатата, се само два примери.

Проблемот на страната на лабуристите не е во тоа што гласачите се сомневаат во искреноста на Корбин. Клучниот проблем е тоа што за главната понуда на лабуристите – амбициозниот манифест кој предлага редистрибуција на богатствата, реинвестирање во јавните сервиси и национализација на некои од економските сектори – многумина стравуваат дека во пракса таа понуда не е остварлива.

Гласачите имаат впечаток дека секој ден им се нуди нешто ново. Минатата недела беше ветен бесплатен појадок за децата во сиромашните училишта, намалување на цената на сезонската карта за возење и 100 милиони фунти помош за зимски засолништа за бездомници. Како и остатокот од граѓаните, верувам дека општата насока на таквите ветувања и политики се достојни за пофалба. Повеќе од половината земја смета дека нееднаквоста е преголема. Мнозинството верува дека железницата, водоснабдувањето и енергијата треба да бидат национализирани. Половината граѓани го поддржуваат предлогот за зголемување на даноците за богатите за да се финансира системот на здравствена заштита (NHS).

Но секогаш кога лабуристите ќе излезат со нова понуда, се вознемирувам. Не затоа што мислам дека нашата држава тоа не може да си го дозволи: земјата е богата, а лабуристичкиот манифест предлага нивото на јавната потрошувачка да се подигне малку над просекот на развиените држави и под она во Норвешка, Шведска и Франција. Сепак, ми се чини дека уште не убедиле доволен број луѓе дека ние можеме да го направиме тоа.
Проблемот не е во тоа што лабуристите заборавиле да се позанимаваат со тоа прашање – во манифестот веќе ги имаат предложено задолжување, оданочување на богатите и данок на неочекувана добивка, туку проблемот е во тоа што е мала бројката луѓе кои успеале да ги придобијат и да ги убедат дека тоа е изводливо. Таква промена на курсот бара политичко образование. По девет години на мерки на штедење и упорно повторување дека државата нема пари за што било, многумина, се разбира, се скептични.

Известувајќи за престојните избори, често слушам луѓе кои се колебаат дали да гласаат за лабуристите и го поставуваат прашањето: „Каде да се најдат пари?“ Затоа лабуристите во претстојните денови треба да се фокусираат на два главни предизвици. Прво, да не го обвинуваат Џонсон за лажење, туку неговата лажливост истовремено да ја доведат во врска со брегзит. Сите знаат дека Џонсон е лажго. А повторно му веруваат кога вели дека „ќе го заврши брегзит“ до крајот на јануари. Тој нема и не може тоа да го направи. Трговските договори не функционираат така. Тоа е сложена работа која бара време, а добро знаеме дека динамиката на преговорите не зависи само од нашата страна. Неговото ветување дека ќе го оконча брегзит треба да се разоткрие како евтин панаѓурски трик и јасно да се покаже дека лаже, како што лажеше и за сè и како што секого го лажеше.

Второ, лабуристите треба да престанат секој ден да изнесуваат нови ветувања; секој што обрнувал внимание веќе знае дека станува збор за партија која нуди голема промена. Сега треба да се покаже дека Лабуристичката партија е способна да ја спроведе таа промена, треба да се убедат гласачите дека на лабуристите можат да им ги доверат промените кои ќе ѝ помогнат на оваа земја, додека на Џонсон ништо не можат со сигурност да му доверат, дури ниту онаа политика на која е изградена целата негова кампања.

Слики: Nate Kitch

Извор: The Guardian

 

Слични содржини

Општество / Европа

ОкоБоли главаВицФото