Изложба на Анета Попова во галерија „Акантус“

10.12.2019 11:20
Изложба на Анета Попова во галерија „Акантус“

Во четврток (12 декември) во галеријата „Акантус“, со почеток од 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Квадрати на постоењето“ на Анета Попова.

Во воведниот текст за изложбата, Дијана Томиќ Радевска пишува:

„Евалуацијата и карактерот на микроструктурата на керамиката често може да се поврзе со нанотехнологијата и тензијата во микрометри. Микроструктурата која човечкото око ја забележува со лимитираната резолуција на голото око , заедно со светлината која се рефлектира ja создаваат сензацијата на доживувањето. Микроструктурата што ќе ја забележите кај авторката Анета Попова вклучува барање и откривање на микро-пори, микро-пукнатини, структури кои се создале со трагите што авторката ги детектира во врската со природата, врската со постоењето, и нивната врска со човекот кој остава трајни белези со своето постоење.

Доколку трагата е отпечаток на сè она што постои, или пак е запис на “нешто” што поминало врз некаква површина, тогаш љубопитството кај авторката тоа да се забележи и регистрира, а уште посуштествено да се истражува, е длабоко содржинска перцепција на која таа се посветува со суптилност.

Прецизна во својот минималистички пристап, таа е точна, јасна во изработката и обработката на трагите во керамиката. Авторката сече, притиска, ја ранува меката земја и печејќи го фиксира фрагментот како „досие на постоењето”, како што таа ќе забележи. Нежните ракописни записи се забелешки кои ќе ве воведат во формирањето на една приказна. Квадратните објекти, поставени во фриз, континуирано сугерираат, раскажуваат, ве поттикнуваат на релаксирано себе-спознавање, провокација што упатува на дијалог“.

Изложбата ќе биде отворена до 14 декември.