Привремената песна на моево време

10.12.2019 14:12

И хебрејското и арапското писмо одат од исток кон запад,
латиничното писмо – од запад кон исток.
Јазиците се како мачки:
Не смееш да им го галиш крзното во погрешна насока.
Облаците идат од морето, жешкиот ветер од пустината,
дрвјето се витка на ветрот,
а камењето лета од сите четири ветришта,
во сите четири ветришта. Тие фрлаат камење,
ја фрлаат земјава, сакаат да се истресат од неа.
Од нејзиното камење, од нејзината почва, но не можеш да се истресеш од неа.
Тие фрлаат камење, фрлаат камење по мене
од 1936-та, 1938-та, 1948-та, 1998-та,
семитите фрлаат по семитите и антисемитите по антисемитите,
фрлаат злите и праведните фрлаат,
фрлаат грешните и искушениците фрлаат,
геолозите фрлаат и теолозите фрлаат,
археолозите фрлаат и архихулиганите фрлаат,
бубрезите фрлаат камење и мочните меури фрлаат,
камен-темелници и синор-камење и камено срце,
камење обликувано в уста што вреска
и камење што ти се вглобуваат во очите
чиниш чифт очила,
минатото фрла камење врз иднината,
а сето тоа паѓа во сегашноста.
Камење што липа и камење од чакал што се кикоти,
дури и Бог во Библијата фрла камење,
дури и Урим и Тумим беа фрлени
и се заглавија во панцирот на правдата,
и Ирод фрли камење и испадна Храм.

Ох, песна од камена тага.
Ох, песна фрлена врз камење
ох, песна од фрлено камење.
Има ли во оваа земја
камен што никогаш не бил фрлен
и никогаш вграден и никогаш преобликуван
и никогаш разоткриен и никогаш откриен
и никогаш издраскан од ѕид и никогаш отфрлен од ѕидарите
и никогаш затворен озгора врз гроб и никогаш легнат под љубовници
и никогаш престорен камен-темелник?

Ве молам не фрлајте веќе камење,
ја помрднувате земјава,
светата, сета, отворена земја,
ја помрднувате кон морето
а морето не ја сака
морето вели – не во мене.
Ве молам фрлајте камчиња,
фрлајте фосили од полжави, фрлајте чакал,
правда или неправда од каменоломите на Мигдал Цедек,
фрлајте меки камење, фрлајте слатки грутки,
фрлајте вар, фрлајте глина,
фрлајте песок од морскиот брег,
фрлајте прашина од пустината, фрлајте ʼрѓа,
фрлајте почва, фрлајте ветар,
фрлајте воздух, не фрлајте ништо
сè додека рацете не ви се исцрпат
и војната е исцрпена
и дури и мирот не биде ќе биде исцрпен и ќе биде.

Превод: Виктор Шиков

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото