Во Битола промовиран моделот на јавно - цивилно партнерство

10.12.2019 14:24
Во Битола промовиран моделот на јавно - цивилно партнерство

ЈАДРО Асоцијацијата на незавинсната културна сцена продолжува со активностите за демократизација и децентрализација на јавните простори преку нов модел на институција на јавно – цивилно партнерство.

Изминатиот период во Битола беа реализирани неколку средби на кои се разговараше за моделот и потребите на локално ниво.

„Работилницата што се одржа деновиве ја искористивме за да испланираме конкретни чекори кои заеднички ќе ги преземиме во периодот јануари – мај 2020 година со цел да се формира првата хибридна институција во Битола“, вели Маја Ангеловска од МКЦ - Битола.

На работилницата, освен претседателот на Асоцијацијата ЈАДРО, Јане Чаловски и членовите на раководните органи присуствуваа и сите заинтересирани локални чинители од Битола - претставници на граѓански организации и самостојни уметници.

„Едно од горливите прашања на граѓанскиот сектор во Битола е недостаток на простор кој ќе поддржува културни, креативни и социјални активности за различните групи на граѓани. Гледајќи од поширок социјален контекст, Битола има ограничени просторни можности за различни социјални и културни содржини. Државните културни институции кои доминираат на полето на културата (театар, музеј, галерии...) се финансиски, програмски и организациски зависни од државата и институциите кои раководат со нив.
Од овие причини важно ни е заеднички да се заложиме во реализирањето на оваа иницијатива бидејќи само со здружено делување можеме да покажеме дека имаме потреба и дека овој модел е соодветно решение за предизвиците со кои секојдневно се соочуваме“, вели Ангеловска.

Станува збор Културно – социјален центар формиран по моделот на хибридна институција со јавно – цивилно партнерство, кој ги поддржува активностите и иницијативите на независниот културен сектор, поширокиот граѓански сектор, како и иницијативи на локалната заедница кои се во согласност со програмските определби на институцијата.

Јадро – асоцијација на независна културна сцена во партнерство со Општина Центар веќе формира ваква институција во општина Центар, чие официјално отварање е закажано за јануари 2020 година. По завршувањето на градежните интервенции на просторот, тој ќе биде ставен во служба на културниот сектор и на заедницата.

Во Битола е веќе започнат процесот на развивање на моделот кој ги вклучува локалните специфики согласно препораките и потребите на целните групи, засегнатите страни и заедницата со единствена цел формирање на Културно – социјален центар кој ќе ги направи градот и заедницата поинклузивни и одржливи.

Тоа ќе претставува отворен простор за сите формални и неформални групи, иницијативи, движења и поединци кои сакаат својата идеја и иницијатива да ја претворат во социјална или културна практика. Овој простор ќе промовира и пропагира различност, инклузивност наспроти униформност и ексклузивност, ќе промовира модел на добро владеење преку соработка и јавна одговорност – модел на демократско управување.

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото