Како (не)поврзаноста на родителите и децата влијае на управувањето со емоциите

11.12.2019 00:53
Како (не)поврзаноста на родителите и децата влијае на управувањето со емоциите

Пред да прозбори, детето со своето однесување ги известува родителите како се чувствува. Кога е исфрустрирано ја фрла играчката или плаче и испраќа јасна порака за своето незадоволство. Родителот кој реагира на овие сигнали го прегрнува детето, го држи за рака, го гали, му зборува, го поттикнува на игра, му го пренасочува вниманието (види, зајак!) - впрочем управува со емоциите на детето и ги намалува негативните емоции. Накратко - го учи на саморегулација.

Во текот на првите години од животот, за развој на регулацијата на емоциите, родителските фигури имаат примарна улога, а особено мајката. Родителите кои разговараат со децата за стресното искуство ги учат корисни стратегии за управување со емоциите - односно на адекватни и флексибилни одговори во различни ситуации. Поддршката е важна уште на крајот од првата година, зашто тогаш децата почнуваат да го разбираат изворот на фрустрации и родителите ги гледаат како некој кој може да ги измени и преобликува негативните емоции во поефикасни одговори. Единственото прашање е колку реакцијата на родителите им одговара на очекувањата на детето. Голем број студии покажаа дека депресивните мајки реагираат на емоциите на детето така што ја рефлектираат и пренесуваат сопствената преокупираност со тагата, самокритиката и беспомошноста.

Истражувањата сугерираат дека карактеристиките на афективното поврзување на децата можат да ја подобрат или да ја влошат емоционалната регулација. Како сигурната афективна поврзаност ѝ помага на личноста успешно да се соочи со негативните емоции а како различните форми на несигурност ги поткопуваат ефикасната емоционална регулација, менталното здравје и социјалната прилагоденост?

Според Болби, основна единица на граѓата на менталното здравје, резилиентноста и прилагоденоста е сигурната афективна поврзаност. Лицата со овој стил на поврзување се чувствуваат сакано и сигурни се дека ќе добијат поддршка кога е потребно. Пооптимистични се по прашањето на животот и не се склони кон преувеличување на опасностите и заканите. Исто така, сметаат дека се способни да се соочат со животните предизвици и успешно ги користат адаптивните стратегии за емоционална регулација како што е повторната проценка. Тоа значи дека успеваат да се изборат со заканувачките настани така што им даваат ново, побенигно значење, стекнуваат нови увиди и разбирање. Своите чувства слободно и веродостојно ги изразуваат пред другите.

Оптимизмот на сигурно поврзаните не значи дека тие ги потисуваат или негираат негативните емоции. И покрај тоа, децата со овој стил на поврзување полесно разговараат за негативните чувства зашто знаат дека родителот ќе ја прифати и нивната перспектива. На почетокот со поддршка од родителите се соочуваат со фрустрациите, а подоцна успешно и во нивно отсуство. Емоционалната регулација на сигурно поврзаните деца вклучува отворена, директна, јасна експресија на емоциите наспроти нивното прикривање.

Од друга страна, личностите со избегнувачка поврзаност во стресни ситуации ги потиснуваат емоциите, како и мислите и информациите поврзани со емоциите. На тој начин се штитат себеси, зашто стравот, анксиозноста, бесот, тагата, вината ги гледаат како одлика на чувствителните луѓе што е во спротивност со тоа како се доживуваат себеси (како силни и супериорни). Се блокираат какви било емоционални реакции поврзани со достапноста на фигурата со која се поврзуваат (отфрлање, одвојување) зашто таквите закани можат да ја активираат несаканата потреба за поврзување. Долгорочно, овие стратегии и регулации доведуваат до анксиозни нарушувања, нарушувања на исхраната, антисоцијално однесување, зашто не комуницираат отворено за емоциите. Избегнувачки поврзаните деца ги намалуваат негативните чувства во разговор со родителите или потполно ги потиснуваат.

Личностите со преокупиран стил на поврзување влегуваат во магичен круг каде вниманието го фокусираат на негативните информации што доведува до негативни мисли. Анксиозноста се засилува а со тоа и фокусот на негативните сигнали. Возрасните личности со ваков стил на поврзување почесто покажуваат емоции, поинтензивно ги доживуваат, а фрустрацијата ја регулираат со стратегии на хиперактивација со што само ја засилуваат. Тоа се обиди да се поттикне поддршка и грижа кај партнерот преку солзи, преколнување, контролирачко однесување, претставување на себеси како беспомошен и како премногу зависен од партнерот кој е извор на заштита и сигурност. Ги преувеличуваат заканувачките аспекти дури и кај секојдневните безопасни настани.

Користењето на хиперактивацијата и стратегиите фокусирани на емоциите (самокритичност, самообвинување, руминација) краткорочно донесува корист зашто го привлекува вниманието на фигурата за која се поврзани, но можат да ги интензивираат негативните чувства како бесот, беспомошноста и да придонесат за развој на депресија и анксиозни нарушувања. За разлика од избегнувачки поврзаните кои ги игнорираат негативните емоции и ги потиснуваат зашто не се во склад со самопроценката, анксиозните ги гледаат негативните емоции како дел од целта зашто знаците на слабост и зависност понекогаш ги поттикнуваат грижата и вниманието на фигурата за која се поврзани.

Несигурно поврзаните деца имаат претеран страв и зголемена негативна емоционалност. Овој образец на однесување може да биде добра стратегија кога за цел има да го привлече вниманието на недоволно и неконзистентно достапниот родител.

Сѐ уште се истражува поврзаноста на емоционалната регулација со концептите како што е афективната поврзаност. Во наредните фази сигурно ќе придонесе и за формирање научно засновани терапевтски интервенции кои би биле насочени кон хиперактивацијата на анксиозното поврзување и кои би го олесниле избегнувачкото дистанцирање од емоциите и блиските луѓе.

Постојат јасни докази дека на управувањето со емоциите може да се влијае во периодот на раното детство, што потврдува колку е важна улогата на родителите во сето тоа. Сепак, не треба да се заборави дека развојот на емоционалната регулација не завршува тогаш, туку продолжува и во периодот на адолесценција и возрасното доба. А засега, за тоа знаеме уште помалку.

Илустрации: Jacqueline Alcantara

Извор: http://www.psihobrlog.com

ОкоБоли главаВицФото