Платоновото бротче, со нас на него

11.12.2019 09:49
Платоновото бротче, со нас на него

Од првиот ден на независноста, македонската држава ја преживува драмата на бротче со едно едро, што се нашло среде опасно разбранувано море. Од тој прв ден, кога со пукот се отвораа пенливи вина, впловувањето на кајчето во безбедно пристаниште беше најважното егзистенцијално прашање што везден се наткрилуваше над нашата судбина како променлива, каприциозна морска бура, која ту ќе загрми во заднината на згрутчените темни облаци, ту ќе се потсмири и ќе нè залаже со рајски сино небо далеку на хоризонтот. Сето ова време, нишани и завлекувани од брановите и ветерот, наваму и натаму, единствена водилка, цел и надеж ни беа евроатланските интеграции како безбедно пристаниште во кое ќе најдевме пријателска закрила и солидарност што неповратно ја изгубивме во бродоломот на југословенската федерација. Но, без оглед на таа цврста и безалтернативна цел, нашето бротче го вртеше прамецот на сите страни, а ние вo него се однесувавме точно како во платоновата славна метафора за заталканиот брод, што требаше да ги прикаже сите длабински, генетски слабости на демократијата.

Како Платон ја опишува политиката во демократијата

Во неговата „Држава“, Платон аргументира дека навистина демократски избрани влади од редовите на обичните луѓе и потоа често менувани на избори, не можат ефикасно да ја водат и управуваат државата, од проста причина што обичните луѓе не учеле и не ги совладале потребните знаења и умеења како да го „возат“ државниот брод. Избраните би морале да бидат искусни во економијата, стопанската и воената стратегија, законите и моралните обичаи и уште многу други работи. Но, тие не знаат ништо од тоа, зашто нивното единствено знаење е како да го искористат незнаењето на своите сограѓани и да ги залажат со небулозни ветувања за овие да гласаат за нив. На тој начин, демократијата неизбежно произведува кризи на незадоволство од неисполнети ветувања, конфузни и неконтролабилни процеси, зашто ниту народот ниту власта има разбирање за тоа што им се случува и ним и на државата.

Вака Платон ја опишува политиката во демократијата: „Замислете така, брод на кој капетанот е повисок и посилен од целата посада, но е наглув и со слична слабост на видот, а згора на тоа, со уште послабо знаење од навигацијата и управувањето со бродот. Па, среде разбранувано море, морнарите се караат меѓу себе околу кормилото, при што секој од нив е на мислење дека тој треба да кормилари, иако никогаш не го совладал – ниту, пак, воопшто го учел – знаењето и умеењето на управување со брод.“

Се разбира дека Платоновата метафора заличува само однадвор на нашето државно бротче, и тоа само во конфузното вртење на бродот во круг и упорното периодично насочување на прамецот во обратна насока од единственото безбедно пристаниште. Однесувањето на посадата, меѓутоа, не може да ја отслика верно нашата состојба: прво, метафората се однесуваше за необразованите и глупави Атињани, додека во нашиот случај се работи за генетски образованата човечка елита на варваро-гении – како што се изразуваше Крлежа – балкански ариевци, што сите знаења на светот ги акумулирале уште 300.000 години порано, во Зета Македонија, па преку Атлантида (од каде што потекнува нашиот копнеж по атлантскиот сојуз) ги пронесоа „до денешните деној“.

Двете посади на нашиот државен брод

Не, нашиот државен брод го карактеризира не сосем, но битно различна ситуација. Ние имаме (главно) две посади, едната вмровска, другата социјалдемократска, кои се менуваат наизменично веќе неколкупати за овие секавични, а предолги, три децении. И, во тоа повторувано менување, упорно, безумно и исцрпувачки се случуваат по структура исти работи. Секогаш кога ВМРО е на власт, го испушта кормилото и ја баталува навигацијата (а со тоа и го губи правецот кон пристаништето), за со сите сили да се занимава со фалсификување на бродската историја, со преуредување на бродската утроба, разграбување на багажот, залихите, па и самите делови од бродската конструкција, за целото тоа време обрнувајќи внимание само на техниката на управување, односно кротење и превоспитување на патниците што во меѓувреме ги претвориле во галиоти.

Кога ќе дојдат социјалдемократите на власт, тие го трошат своето време на враќање на бродот на вистинскиот курс кон егзистенцијално и геополитички единствената безбедна дестинација, плаќајќи ја за тоа секоја политичка цена. Освен тоа, моите другарчиња се напрегаат целото време да обезбедат – како ученичиња пред строги, но незаинтересирани учители – надворешен впечаток дека успеваат да ги вратат работите во нормала, внатре во утробата и палубата на бродот, за да добијат добра оценка на испитот што се полага за влез во пристаништето. Но, напредокот во таа неблагодарна работа е секогаш невидлив, бавен – ако воопшто го има, и тоа од сосем прости причини: украденото вмровските арамии го сокриле на островото со благо, раскостениот и демонтираниот брод што повеќе наликува на крнтија која никој веќе не знае да ја поправи, а вмровската мафијашка посада толку долго го вртеше бродот во круг и толку долго им переше мозоци и ги кретенизираше патниците и посадата, што никој повеќе не се сеќава за друго, никој веќе не знае како се прават работите, а, конечно, тоа се истите луѓе, тоа сме повторно и упорно само Ние.

Само две работи се важни кога сте на бротче со едно едро, на отворено и непредвидливо море: тоа се вистинската насока на пловење и здравата и функционална состојба на бродот. И, кога ќе успеете да го свртите бродот во безбедна насока, тоа не е гаранција дека ќе допловите до пристаништето. Особено ако вмро е уште на него, онаа иста вмровска платонова посада што претходно безмалку го потопи, чекајќи ја повторната шанса да го преземе и одведе на отворено море. И, уште: ремонт на брод – колку што мене ме служи сеќавањето – не се прави во пловидба, на отворено море. Треба да застанеш на попатно островче, да го истовариш вмро, темелно да го реформираш и оправиш кајчето, за да отпловиш безбедно кон синиот хоризонт, во насоката на замислените идеали.

Фотографии: Julien Mauve

Извор Слободен печат


 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото