Медиум на друм (8): Општество на спектаклот (1)

11.12.2019 12:18
Општество на спектаклот (1)

 

ДОВРШЕНО ОДВОЈУВАЊЕ


Нашето време недвосмислено ѝ дава предност на сликата над стварта, на копијата над оригиналот, на претставата над стварноста, на привидот над битието. Она што во него е свето е сениште, а она што е профано е вистина. Подобро речено, светото во неговите очи расте во онаа мера во која раскрстува со вистината и ѝ придава веродостојност на сенишноста, така што врвот на сенишност за него е врв на светото.
Фоербах (Предговор кон второто издание на Суштината на христијанството)


1
Сиот живот во општествата во коишто владеат модерни услови на производство, се објавува како голема акумулација на спектакли. Сè што непосредно се доживувало, се оддалечило во претстава.


2
Сликите што се одвојуваат од сите видови живот се стопуваат во општиот тек во којшто единството на тој живот веќе не може да се обнови. Стварноста се смета за делумна и се предава во сопственото општо единство како одвоен псевдо-свет, објект само за контемплација. Специјализацијата на сликите на светот се довршува во светот на автоматизираната слика, во кој лажгото се лаже самиот себе. Спектаклот воопшто, како конкретна инверзија на светот, е автономно движење на не-живото.


3
Спектаклот едновремено се претставува како самото општество, како дел од општеството и како средство за обединување. Дотолку што е дел од општеството, тој изрично е сектор којшто ги сосредоточува сите погледи и сета свест. Со самото тоа што тој сектор е одвоен, тој е место на изопачениот поглед и на лажната свест; обединувањето што го постигнува, не е ништо друго туку службен јазик на општото одвојување.


4
Спектаклот не е збир од слики, туку општествен однос помеѓу поединци, посредуван со слики.


5
Спектаклот не може да се сфати како злоупотреба на светот на гледањето ниту како производ на техниките за масовно распростирање на слики. Тој повеќе наликува на Weltanschauung кој станал делотворен, преведен во материја. Тоа е гледање на светот коешто се објективирало.


6
Спектаклот, сфатен во својата целокупност, едновремено е резултат и проект на постоечкиот начин на производство. Тој не е додаток на стварниот свет ниту негов накнаден украс. Тој е самото срце на иреализмот на стварното општество. Во сите свои посебни форми - во информирањето и во пропагандата, и во рекламирањето и во непосредната потрошувачка на забава - спектаклот создава модел на живот кој владее во општеството. Тој е сеприсутна потврда на веќе направениот избор во производството и негова последична потрошувачка. Формата и содржината на спектаклот исто така се потполна потврда на условите и целите на постоечкиот систем. Спектаклот е и постојаната присутност на тоа оправдување, дотолку што го зазема главниот дел од проживеанато време вон модерното производство.

7
Одвојувањето и самото создава дел од единството на светот, единство на глобалната општествена пракса раздвоена на стварност и слика. Општествената практика, спрема која се поставува автономниот спектакл, исто така е стварна севкупност која го содржи спектаклот. Но, расколот во таа севкупност ја осакатува до таа мера што се чини дека спектаклот е нејзина цел. Јазикот на спектаклот го создаваат знаците на владеачкото производство, кои едновремено се последната цел на тоа производство.


8
Не е можно апстрактно да се спротивстават спектаклот и делотворната општествена октивност; таа поделба и самата е поделена. Спектаклот кој ја превртува стварноста делотворно се произведува. Проживеаната стварност едновремено материјално се проникнува со контемплацијата на спектаклот, па и самата го прифаќа поредокот на спектаклот, дарувајќи му позитивна кохезија. Објективната стварност се прикажува од две страни. Сите на тој начин зацврстени поими како темел го имаат само својот премин во спротивност: стварноста извира од спектаклот и спектаклот станува стварен. Тоа реципрочно отуѓување е суштина и темел на сегашното општество.


9
Во стварно испревртениот свет вистината е момент на лага.


10
Поимот спектакл ја обединува и објаснува големата разноликост на видливите појави. Нивната разноликост и нивните контрасти се привиди на тој општествено организиран привид кој треба да се признае во неговата општа вистина. Ако го разгледуваме со неговите сопствени термини, спектаклот е потврда на привидите и потврда на целокупниот човечки живот, значи на општествениот живот, како гол привид. Но, критиката која ја достигнува вистината на спектаклот го разоткрива како видлива негација на животот, како негација на животот која станала видлива.


11
За да се опише спектаклот, неговата творба, неговите функции и сили коишто делуваат во насока на неговиот распад, треба условно да се разликуваат неодвоивите елементи. Анализирајќи го спектаклот, во одредена мера се зборува со јазикот на самиот спектакл, според тоа што се движи на методолошкото подрачје токму на општеството коешто се изразува во спектаклот. Но, спектаклот не е ништо друго туку смисла на вкупната пракса на некоја општествено-политичка формација, нејзина употреба на времето. Тоа е историскиот момент во којшто сме.


12
Спектаклот се претставува како голема, нерасправлива и недостапна позитивност. Тој само вели дека „она што се гледа е добро, а она што е добро, се гледа“. Ставот кој тој го бара е пасивното прифаќање што веќе го постигнал со својот начин на претставување без одговор, со својот монопол на привидот.

13
Фундаментално тавтолошкиот карактер на спектаклот потекнува од едноставниот факт дека неговите средства едновремено се и негова цел. Тој е сонце коешто никогаш не заоѓа во царството на модерната пасивност. Тој ја прекрива целата површина на светот и бескрајно се капе во сопствениот сјај.


14
Општеството коешто почива врз модерната индустрија не е туку така случајно или површно спектакуларно: тоа во суштина е спекталистичко. Во спектаклот, сликата на владеачката економија, целта не е ништо, а развојот е сè. Спектаклот не сака да постигне ништо освен самиот себе.


15
Дотолку што е неизбежен украс на производите коишто денес се произведуваат, дотолку што е општо излагање на рационалноста на системот и дотолку што е напреден економски сектор кој непосредно обликува мноштво слики-предмети, спектаклот е главното производство на денешното општество.


16
Спектаклот ги користи живите луѓе во мера во којашто економијата веќе во потполност ги искористила. Тој е економија која се развива заради самата себе. Тој е веродостоен одраз на производството на ствари и неверодостојна објективизација на произведувачите.



17
Првата фаза на превласт на економијата над општествениот живот доведе до очигледна деградација на да се биде во да се има во дефиницијата на остварувањето на човечкото суштество. Сегашната фаза на потполно исполнување на општествениот живот со натрупаните резултати на економијата води кон општо лизгање на да се има во да се чини, врз што секое „имање“ всушност треба да го темели својот непосреден углед и својата претходна функција. Едновремено, целата поединечна стварност станала општествена, директно зависна од општествената моќ и обликувана со неа. Таа смее да се појави само во мера во која не постои.


18
Каде што стварниот живот се преобразува во едноставни слики, едноставните слики стануваат стварни суштества и делотворни мотивации за хипнотичко однесување. Спектаклот, како тенденција да се причини гледање, со разни специјализирани средства, на светот кој веќе не е директно достапен, наоѓа во погледот нормално повластено човечко сетило коешто во други времиња беше допирот; тоа поапстрактно сетило, кое може повеќе да се мистифицира, ѝ соодветствува на сеопштата апстракција на сегашното општество. Но, спектаклот не може да се одреди со едноставен поглед, дури ни комбиниран со слухот. Тој им измолкнува на дејноста на луѓето и на нивното разгледување и исправување со нивни дела. Тој е спротивност на дијалогот. Таму каде што постојат независни репрезентации, спектаклот се обновува.

19
Спектаклот е наследник на сите слабости на западниот филозофски проект кој се занимава со разбирање на дејноста, сфатена со категориите на погледот; понатаму, се темели врз непрекинатата примена на техничката рационалност, која и самата е последица на неговата мисла. Тој не ја остварува филозофијата, туку ја пофилозофува стварноста. Конкретниот живот на сите нас деградирал во спекулативен универзум.


20
Филозофијата, како моќ на одвоената мисла и мисла на одвоената моќ, никогаш не успеала самата да ја превозмогне теологијата. Спектаклот е материјална реконструкција на верската засенетост. Техниката на спектаклот не ги распрши верските магли во коишто луѓето ги беа сместиле сопствените сили, одвоени од себе: таа само ги поврза со земски темел. Значи, најземскиот живот станал матен и задушлив. Животот веќе не проецира во небото, туку кај себе го угостува своето апсолутно порекнување, својот лажен рај. Спектаклот е техничко остварување на изгонот на човечките моќи во оностраноста: довршен раскол во внатрешноста на човекот.


21
Во мера во која потребата се смета за општествен идеал, идеалот станува потреба. Спектаклот е ноќен кошмар на модерното оковано општество, кое на крајот само ја изразува својата желба за сон. Спектаклот е чувар на тој сон.


22
Фактот дека практичната моќ на модерното општество се одвоила од себе самата и се отелотворила во независното царство на спектаклот може да се објасни само со друг факт, дека на таа моќна практика и понатаму ѝ недостасувало кохезија и затоа останала во противречие со самата себе.


23
Најстарата општествена специјализација, специјализацијата на моќта, е во коренот на спектаклот. Значи, спектаклот специјализирал дејност којашто зборува во името на сите други. Тоа е дипломатско претставување на хиерархичното општество пред самото себе, каде што е забранет секој друг збор. Тука најмодерното едновремено е и најархаично.


24
Спектаклот е непрекинат дискурс на моментниот поредок за себе, негов панегирички монолог. Тоа е автопортрет на моќта во периодот на тоталитарно управување со егзистенцијалните услови. Фетишистичкиот привид на чистата објективност во односите на спектаклот го крие нивниот карактер на односи помеѓу луѓе и помеѓу класи: како некоја друга природа со своите закони да владее со нашата околина. Но, спектаклот не е потребниот производ на техничкиот развој кој се гледа како природен развој. Напротив, општеството на спектаклот е форма што ја избрала својата техничка содржина. Ако спектаклот, согледан во ограничената смисла на „масовни комуникациски средства“, коишто се негова најразорна површна манифестација, како да може да го опфати општеството како едноставен инструментариум, таа опрема не е нешто неутрално, туку самиот инструментариум кој води кон свое потполно самопридвижување. Ако општествената потреба на времето во коешто се развиваат тие техники можат да се задоволат само со посредување на тие средства, ако администрацијата на општеството и сите допири меѓу луѓето можат да се одвиваат само со посредството на комуникациската моќ којашто станала моментна, тоа е затоа што таа комуникација е битно едносмерна; нејзината концентрација пак се натрупува во рацете на администрацијата на системот во кој постојат средства што му овозможуваат да ја спроведува таа администрација. Поопштениот раскол на спектаклот е неодвоив од модерната држава, што значи дека општата форма на расколот во општеството всушност е производ на општествената поделба на трудот и средство на класното владеење.

25
Одвојувањето е алфа и омега на спектаклот. Институционализацијата на општествената поделба на трудот и исчезнувањето на класите ја создадоа првата света контемплација, митскиот поредок зад кој целата моќ се крие уште од искона. Светото го оправда космичкиот и онтолошкиот поредок којшто им одговараше на интересите на владетелите; тоа го објасни и разубави она што општеството не можеше да го направи. Сета одвоена моќ така беше моќта на спектаклот, но прифаќањето на сите на таквата неподвижна слика значеше само општо препознавање на имагинарното продолжување на сиромаштвото на стварното општествено делување, коешто главно сè уште се чувствуваше како единствен услов. Напротив, модерниот спектакл го изразува она што општеството би можело да го направи, но во тој израз дозволеното апсолутно му се спротивставува на можното. Спектаклот е чување на несвесноста за практичната промена на егзистенцијалните услови. Тој е свој сопствен производ и тој самиот ги поставува своите правила: тој е наречи-го-свето. Тој го покажува она што е: одвоена моќ која се развива самата во себе, во растот на продуктивноста по пат на постојано профинување на поделбата на трудот низ парцелизација на движењето, со коешто тогаш завладува независното движење на машината; сето тоа се прави за пазарот кој непрекинато се шири. Секоја заедница и секоја критичка смисла се расточуваат во тоа движење, во коешто нараснатите сили, одвојувајќи се, сè уште одново не се пронашле.


26
Во општото раздвојување меѓу работникот и неговиот производ се губат сите единствени гледишта за извршената дејност и сите лични односи помеѓу произведувачите. Следниот напредок на натрупување на одвоени производи и концентрација на производната постапка, единството и комуникацијата стануваат исклучиви атрибути за управување на системот. Успехот на економскиот систем на одвојување е пролетеризација на светот.


27
Со успехот на одвоеното производство, како и со производството на одвојувањето, темелното искуство, коешто во примитивните општества е поврзано со трудот, на пат е, со развојот на системот, да биде заменето со не-работа, со неактивност. Но, таа неактивност не е лишена од производната дејност; таа зависи од неа, таа е немирно и восхитено потчинување кон потребите и резултатите на производството; таа и самата е производ на својата рационалност. Не може да се има слобода без активност, а во рамките на спектаклот се порекнува сета активност, исто како што стварната активност во потполност беше заробена заради глобалната изградба на тој исход. Така денешното „ослободување на трудот“, продолжувањето на слободното време, не е никакво ослободување во работата, а не е ни ослободување на светот обликуван со тој труд. Никаква дејност прошверцувана во трудот не може да се пронајде во потчинувањето кон неговиот резултат.


28
Економскиот систем втемелен врз одвојувањето е кружно производство на одвојување. Одвојувањето ја втемелува техниката, и и самата техничка постапка. Од автомобилот до телевизијата, сите одбрани добра од страна на системот на спектаклот исто така се и оружја на постојаното засилување на условите за одвојување на "осамените толпи". Спектаклот секогаш поконкретно ги открива сопствените претпоставки.

29
Изворот на спектаклот е загубата на единството на светот, а џиновското ширење на модерниот спектакл ја изразува тоталноста на таа загуба: апстрахирањето на секоја поединечна работа и општото апстрахирање на производството совршено се преведува во спектакл, чијшто конкретен начин на постоење токму е апстрахирањето. Во спектаклот еден дел од светот му се претставува на светот, и надмоќен му е. Спектаклот е само општ јазик на тоа одвојување. Гледачите ги поврзува само неповратниот однос во средиштето, којшто ја одржува нивната одвоеност. Спектаклот го обединува одвоеното, но го обединува како одвоено.


30
Отуѓувањето на гледачот во корист на контемплираниот објект (кој е последица на неговата сопствена несвесна дејност) се изразува вака: колку што повеќе тој контемплира, толку помалку живее; колку повеќе прифаќа да се препознае во владеачките слики на потребите, толку помалку ги сфаќа сопствените желби и сопственото постоење. Надворешноста на спектаклот во однос спрема активниот човек се појавува во тоа што човековите сопствени гестови веќе не се негови, туку на некој друг кој нему му ги претставува. Затоа гледачот никаде не се чувствува дома, бидејќи спектаклот е насекаде.


31
Работникот не се произведува себеси; тој произведува независна моќ. Успехот на тоа производство, неговото изобилие, води кон произведувачот како изобилие на развластеност. Сето време и сиот простор на неговиот свет му стануваат туѓи со натрупувањето на неговите отуѓени производи. Спектаклот е мапа на тој нов свет, мапа што точно ја покрива неговата територија. Истите сили што ни избегале ни се покажуваат во својата целокупна моќ.


32
Спектаклот во општеството му соодветствува на конкретното производство на отуѓувањето. Економската експанзија битно е експанзија токму на индустриското производство. Она што расте со економијата, но во сопствено движење, не може да биде ништо друго освен отуѓување, коешто е во нејзината првобитна срж.


33
Човекот одвоен од својот производ сè посилно и самиот ги произведува сите поединости на својот свет и така сè повеќе се одвојува од својот живот. Колку повеќе неговиот свет сега е негов производ, толку повеќе тој е одвоен од својот живот.


34
Спектаклот е капитал во таков степен на акумулација во којшто тој станува слика.

 

Избор и превод: Пандалф Вулкански
Извор: Guy Debord - La société du spectacle (1967)
Гифови: Александар Јосифовски (врз фотографии од филмот Dreamers, 2003)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото