„Игрите на гладните“; или: Како да ги преживееме општествените игри

12.12.2019 00:24
„Игрите на гладните“ или како да ги преживееме општествените игри

 Целата фама околу филмот Џокер и замаеноста на многумина околу неговата „револуционерна тематика“, ме замислија да се запрашам: кога јас така сум доживеала некој филм и дали навистина ја испраќал таа порака.

Се разбира, веднаш се сетив на „Игрите на Гладните“ и на брошот со Мокингџеј кој во два наврати го нарачував дури од Австралија. Во времето кога излезе во државава имавме еден вистински претседател Сноу, и влада која делеше работни места на телевизија, направи толку многу да се идентификувам со хероината и нејзината борба што вистински се чувствував како тинејџер.

Особено кога ќе го додадеш на тоа детството во кое си израснал глорифицирајќи буни и атентатори, тајни организации и борци за слобода, „Игрите на гладните“ ме погодуваше лично и прецизно.  

 

Хангер гејмс не е филм за револуција! 

Барем не онаква каква што многумина замислуваат и сонуваат дека може да се случи.
Не е филм за преврат и класна борба. Таквите романтични приказни треба да си останат заедно со песните за млади партизанки и филмовите за деца бомбаши. 

Колку и да сметаме дека во денешното општество постои добра основа за револуција што може да изникне од тензијата поради големите разлики во богатството, сметам дека такво нешто не е многу веројатно. 

Да бидеме реални - глобално, а пред сè во западниот свет, луѓето не живееле никогаш подобро. Животниот век не бил никогаш подолг. Толку храна, лекови и слободно време не можело ни да се замисли. Во услови кога тројцата најбогати луѓе во светот имаат богатство кое надминува 100 милијарди долари, разликата помеѓу најбогатите и остатокот е надвор од секакво разбирање и создава една привидна бездна и незадоволство. Но сепак, поголемиот дел од западниот свет според начинот на кој живее, може да се нарече богат и задоволен и не премногу спремен да предизвика вистинска револуција. 

Ова исто така не е филм за војната и спектаклот, иако на површината изгледа токму така.

Авторката на книгата, Сузан Колинс раскажува како се инспирирала додека вртела по телевизиските канали на кои, или имало реална телевизија, или пренос од војната на блискиот исток. Во тој момент тие две работи едноставно и се споиле, што довело до „аха“ ефект и создавање на едно вака луцидно но доста директно дело. Филмувањето на реалноста преку уште посирово нејзино претставување во вид на „Battle royale“ натпревар е само повулгарно доловување на она што секако го живееме. Додека, пак, револуцијата што произлегува од таквата состојба во општеството, прикажана во филмот, никако не е реален поттик за некаква релна побудна. 

За жал, филмовите кои силно резонираат со публиката, глорифицирајќи класна побуна и револуција, најчесто имаат афирмативна функција во културата и тотално ја обессилуваат идејата нудејќи само емоционална катарза. 

Како и да е, ова не го прави филмот лош, напротив: само покажува дека не е тоа нештото што го прави филмов добар.

 

Како да се смени играта од внатре?

Од политички аспект филмот е прониклив, зашто ги допира меѓукласните односи, без при тоа да ја игнорира идентитетската политика. Прецизно ги детектира сите слабости на етаблираните либерали денес (пред сѐ во Америка), без осудување, но со ненаметлива критика на неодговорноста и пасивноста пред злосторствата на неолиберализмот и авторитаризмот. 

Капитолот (главниот град на Панем, центарот на моќта и богатството) со сета своја површност и неразнишана сигурност во своите ставови, без никаква свесност за неподносливото секојдневие на останатите дистрикти е скоро трагичен. Спектаклот кој секојдневно им го приредува претседателот Сноу, помешан со ситоста и благодетите на технологијата кои ги уживаат, ги претвора граѓаните на Капитол во слепи, послушни и пасивни индивидуи за кои единствен израз на слобода се ексцентричните модни избори и ненаситноста. 

Самата потреба пак, востаниците да ги користат истите пропагандни техники и сценирани видеа за да воопшто се приближат кон некаква идеја за револуција, покажува колку е невозможна борбата против системот на Капитолот (капитализмот) без да се користи истото оружје. Идејата што постојано провејува во сите три книги (четири филмови) е дека единствен начин да се излезе од играта е да се сменат правилата од внатре. Но во таквиот метод постои опасност кога ќе се победи да се продолжи истата игра.

Токму во таква замка паѓа новата претседателка Коин, водачот на тринаесеттиот дистрикт и поттикнувачот на револуцијата. Додека пак истата таа замка ја избегнува и ја надминува Кетнис со цврсто држење до хуманистичките вредности.

Уште во првиот дел Кетнис успева да победи во играта принудувајќи ги креаторите на игрите сами да ги променат правилата. Таа наоѓа начин, користејќи ги нивните популистички методи, преку креирање на љубовна приказна и добивајќи ја афекцијата на гледачите, од внатре да ја преземе моќта и да испрати силна порака. Таа влегува доброволно во оваа игра - заземајќи го местото на сестра ѝ, игра по правилата, но не по очекувањата и тоа прави голема разлика. Нејзиниот отпор е пасивен, но силен, зашто наоѓа сочувство, милост и соработка на место каде што сите правила бараат бескруполозност и суровост. Ова е причината поради која таа станува симбол на отпорот и опасност во очите на Сноу, кој во немоќта да се ослободи од неа, без при тоа да ги прекрши неговите правила, ја вклучува во нова игра и несвесно ѝ дава уште повеќе моќ.Промена на општеството преку менување на личноста

Од друга страна ова е филм за растењето и трансформацијата на личноста што ѝ се случува на хероината Кетнис Евердин, како и на секоја друга адолесцентка која може, а и не мора да го гледа филмот или да ја чита книгата.

Кетнис се наоѓа во најтешките формативни години на нејзината личност 16-18г, и сите реални развојни психички промени кои ги поминуваат младите во тие години можат да се споредат со интензитетот на една сеопшта револуција со крв жртви и насилство. Побуната на Кетнис е побуна против опресија и насилство. Против лицемерието и моќта која корумпира. Нејзините мотиви се лични, но вредностите и борбата толку човечки што поттикнуваат револуција. 

Сепак, пораката не е дека доколку се водиме од племенити вредности ќе успееме да го смениме светот, но дека мора да сме храбри да се избориме за себе, и така може да повлечеме и други.

Вака делува едноставно, но самата авторка на книгата се потрудила условите и препреките да ги направи толку реални и тешко пребродливи што се одвиваат во услови на војна. Тоа и не е толку чудно, ако знаете колку навистина е турбулентен периодот на адолесценција. Период кога се прават животосменувачки одлуки, кога се гради и трасцендира личноста, кога се отфрла сѐ непожелно и се составува она со што ќе останеме до крајот на животот.

Личноста која Кетнис ја гради е храбра и бескомпромисна, особено кога се работи за највисоките хуманистички вредности што таа ги застапува. Застанува очи во очи со неправдата и иако дозволува да биде експлоатирана од страната на побунетите, како маскота која го води отпорот, никогаш не дозволува да биде проголтана од неговата едностраност.

Кетнис во нејзината непослушност кон татковската фигура на претседателот Сноу, не покажува непослушност и отпор кон татковството воопшто, зашто сите нејзини вештини што ѝ помагаат да опстане во животот и во играта се оние кои ги научила токму од нејзиниот татко. 

Борбата против патријархатот не бара мразење на татковците, не бара укинување на тие улоги, но само нивно подобрување. Проблемот кај мажите не се мажите, туку нивната одлука да поддржат насилство, штета и повреда на некој друг само за да победат. Проблемот кај татковците, односно патријархатот не се татковците, но методите на опресија, недоверба, постојана присмотра, казна и потценување.Овој филм прави многу добра дистинкција помеѓу пожелните и непожелните машки особини и помеѓу деструктивните и прогресивните методи што одлучиле да ги користат. Тоа особено е воочливо кај двете момчиња кои ја имаат афекцијата на Кетнис: Гејл и Пита. 

Гејл е мачо дечко кој ја сака Кетнис и сака да биде со неа, има слични размислувања со неа. Силен е воинствен и пожртвуван и веднаш се придружува кон револуцијата. Но во текот на дејството Кетнис се повеќе ја забележува неговата себичност, негрижата за другите, како и користењето на радикално штетни методи за да се добие војната. Таков пример се бомбите кои експлодираат два пати, за да ги убијат и оние кои ќе пристапат да им помогнат на ранетите, кои отпорот ги користи во последната битка да ги убие децата на Капитол, при што загинува и сестрата на Кетнис како дел од болничкиот тим. Со ова тој ултимативно покажува дека не се грижи и не ги разбира мотивите, желбите, потребите и емоциите на Кетнис и не ја разбира идејата за вистинска рамноправност.

Пита пак е грижлив, нежен и рационален. Во него нема жар и пламен како во Кетнис, но смиреност и разбирање. Тој автентично се грижи за неа и неговата љубов е пожртвувана и вистинска. Од друга страна тој е привлечен за Катнис поради неговата ранливост и нејзината потреба да заштитува. Нивната динамика е отсликана преку постојаната грижа и заштита еден за друг, кај што постојано еден со друг се спасуваат. Така градат врска во која се наоѓаат секогаш во рамноправна позиција и никогаш едниот не доминира над другиот.

Овој приказ го крши стереотипот за тоа какви мажи им се потребни на жените и на какви момчиња „паѓаат“ девојките.

Можеби најважната поента на филмот е тоа што побуната на Кетнис не е само против тоталитаризмот на Сноу, но и против бескруполозноста и манипулативноста на претседателката Коин - водачот на револуцијата. Ако Сноу е татковската негативна фигура, Коин е мајчинската. Додека тој претставува конзервативен и ригиден родител, кој се држи до строги правила и неприговорлива дисциплина, неретко зачинета со насилство, таа е постмодерен либерален родител, кој нуди привидна слобода и мир, додека се користи со сомнителни методи за контрола.

На крај Кетнис не го убива Сноу, кој секако е полумртов и поразен, но Коин, која како што ја добива моќта сѐ повеќе ја презема неговата опресивна улога. 

Ова повторно го објаснува растењето, каде што тинејџерите за да станат свои личности треба симболично да ги убијат двата родители и да се издигнат над нивните грешки, избирајќи ги своите вредности и својата вистина. 

Но нема да згрешиме и ако го гледаме како единствен начин да се излезе од лажниот дуализам на политиката денес, нудејќи една трета опција на заедништво и еднаквост. 

Борбата на Кетнис Евердин пред сè е женска борба, зашто е водена од милост и емпатија и уште поважно таа е искрено хуманистичка борба против насилството, тиранијата и нееднаквоста. Револуцијата која таа ја предизвикува не е замена на еден тиранин со друг, без разлика на полот името и декларативните вредности, но е револуција на духот кој треба да се издигне над политиканските игри и осудите мотивирани од еднодимензионална морална одговорност. 

Она што го постигнува Кетнис е целта кон која треба да се стреми секој човек поединечно и човештвото во целина, доколку сака да преживее.