Климатски промени - паника завладеа со земјата

12.12.2019 09:32
Климатски промени - паника завладеа со земјата

„Сакам да ве обземе паника, да почувствувате страв... бидејќи вашата куќа гори!“ Зборовите кои Грета Тунберг ги изговори на почетокот на годината во Давос, сигурно ќе се најдат на листата најважни цитати од 2019 година. Ретко може да се доживее некој толку концизно духот на времето да го преточи во зборови. Изгледа дека илјадници млади луѓе само чекаа истрел за старт за конечно да почне она што треба да се направи: да се стане, да се излезе на улица и гласно да се подигне својот глас против човечки фактори предизвикани од климатските промени. Се чини дека во Германија, можеби и повеќе отколку во останатите европски земји, младата шведска активистка поттикна конечно ослободување од насобраната долгогодишна напнатост. Излезе вистинска лавина протести и огорченост, рушејќи сѐ што ќе ѝ застане на патот. Од неодамна во земјата владее паника и ја турка политиката пред себе.

Главна работа е „нешто да се работи“

Сѐ повеќе германски градови прогласуваат т.н. „климатска вонредна состојба“. Пред неколку дена дури и Европскиот парламент поведен од тоа прогласи „климатска вонредна состојба“ за цела ЕУ. Тоа немаше конкретни последици, со тоа ситуацијата со климата не е нешто подобра, но не е сè во тоа: тука се работи за создавање страв и паника во општеството. Најновиот придонес на бранот паника: Според наводите на германската организација за заштита на околината „Џерманвоч“, Германија е трета земја по загрозеност во светот, кога станува збор за екстремните временски промени. Иако, според Германвоч, индексот на загрозеност не дава заклучоци за влијанито на климатските промени на споменатите временски неприлики, а анализата има и извесни 'статистички нејаснотии'.

Но, пресудна е опомената: Растот на температурата ја зголеми веројатноста од екстремни временски појави во иднина. Со малку зборови, се прошири страв на сите страни. Од друга страна, стравот не е добар советодавач. Кога е човек во паника, ретко носи добри одлуки, а да не зборуваме за општеството. Во демократија, политичките одлуки треба да се донесуваат врз основа на рационални аргументи. Климата на страв е дијаметрално спротивна од тоа. Тогаш аргументите се користат како добредојдени помагачи само кога тоа на некој така му одговора.

Климата и временските состојби

На пример: оние кои за време на големите бранови студ (да, сѐ уште ги има!) прашуваат што е со глобалното загревање, би морале да научат дека постои разлика меѓу климата и времето. Ако од друга страна следат две суви и топли лета, тогаш несомнено се сметаат за знаци на прикрадувачки климатски промени. Уште еден пример: климатските активисти во своите тврдења дека климатските промени се случуваат секаде околу нас, се потпираат на наводно недвосмислени научни докази. Но, ако угледен климатолог, како Ханс фон Шторх, вели: „Сѐ е измешано, во сѐ се претерува“, тогаш неговиот научен интегритет веднаш се доведува во прашање.

Претерани очекувања

Тоа, секако се отсликува и на политичките партии во Германија. Додека климатските активисти буквално ги тераат традиционалните партии да сторат нешто, Зелените доживуваат нови рекорди во истражувањата на јавно мислење. Исто програмиран е новиот конфликт: Ако еден ден се вратат на власт, Зелените и нивните гласачи ќе сфатат дека разбудените големи очекувања во вистинскиот живот не се остварливи. А резултатот ќе биде: нови разочарувања, нови лутења, уште поголем страв. Секако дека може и треба да се расправа за климатската политика. И секако оти климатските активисти имаат добри аргументи. Но, климатската политика мора да биде онаква каква што во политиката секогаш би требало да биде: натпревар со моќта на подобар аргумент.

Климатските промени се премногу важна тема за да се препуштат само на климатските активисти. Нивните стравови треба да се сфатат сериозно, како и другите стравови на многу други општествени групи. Но, да се дозволи да преовладаат стравовите на една единствена група - тоа не е добра опција.

Слики:  Alexis Rockman

Извор: Дојче веле