„Уметнички простори и резиденции“ - дискусии во Кино Култура

12.12.2019 11:28
„Уметнички простори и резиденции“ - дискусии во Кино Култура

Здружението Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата во четврток и петок (12 и 13 декември) во Кино Култура организира Самит на тема „Уметнички простори и резиденции”.

Самитот има цел да обедини на едно место уметници и културни работници од домашен и меѓународен контекст кои ќе разговараат и споделат професионални искуства и знаење на две теми: уметнички простори и резиденции, низ перспективата на „заеднички простори“ и „простори на
меѓусебност“.

„Овој Самит е покана да ги здружиме искуствата од различните општествено-политички и економски перспективи на тие теми, да размислиме и да дискутираме која е политичноста на ваквите простори и на
кој начин се тие претходно конфигурирани? Исто така, што би значело критичкото лидерство или курирањето во заедничките простори и во просторите на меѓусебност? Како да го пробиеме нормираниот пат на развој на просторите на уметноста и формите на работа, според кој треба
да ги моделираме рутински, преку повторување, без да се соочиме со нивното присуство во сегашноста? Дали е ова можно во клиентелистичкиот и криминалистички капитализам каде што јавноста е длабоко заразена со
популистички, коруптивни и десничарски политики?
Материјалната инфраструктура на просторите и институциите треба да биде второстепена, па затоа треба да разговараме и да размислуваме за содржината, вредностите, релациите и политичноста што ги обликуваат. Би
сакале да размислиме за невидливите односи кои ги обликуваат просторите и формите во кои создаваме, како на пример резиденциите, но не само тие. 
Што произведуваме во овие простори и кои се невидливите односи што ја создаваат политичноста и го обликуваат просторот во сегашноста и за иднината? Како да ги направиме видливи?“, велат организаторите. 

Самитот се реализира во рамки на два работни денови а форматот на работа ќе опфати работилници и работни сесии од затворен карактер со учество на поканетите уметници и културни работници и 2 модерирани дискусии од јавен карактер, отворени за публика. „Во рамките на овие 2 дена ќе ги споделиме нашите искуства за предложените перспективи и прашања. Исто така, ќе дискутираме и размислуваме за можни сценарија – Како да се
изгради една децентрализирана институција и уметничка резиденција, но и што би значело тоа“, додаваат организаторите.

Јавниот програмски дел се состои од 2 модерирани дискусии ќе се реализираат на 12 декември во Кино Култура.

Дискусиите ќе се реализираат во форма на презентации на работата на поканетите учесници на самитот со цел јавноста да се запознае со различната и богата културна и уметничка пракса во сферата на уметнички простори и резиденцијалните програми.

Првата дискусија на тема „Уметнички простори” ќе се одржи во периодот од 15.00 – 16.30 часот

Модератор: Биљана Тануровска Ќулавковски (Локомотива, Кино Култура)

Учесници:
Андреас Либман (Копенхаген/Данска)-уметник;
Јан Филип Посман (Манхајм/Германија)-драматург, театарски режисер и продуцент; Мортен Гол (Копенхаген/Данска)-уметник, основач на основач на Тrampoline Сentre https://www.trampolinehouse.dk/; Маријана Цветковиќ (Белград/Србија)-културен работник и менаџер на Station Service for contemporary dance,
http://www.dancestation.org/station/;
Ивана Васева (Скопје)-куратор и културен работник
http://akto-fru.org/en/

Втората дискусија на тема „Резиденции” ќе се одржи во периодот од 16.30 – 18.00 часот
Модератор: Виолета Качакова (Локомотива, Кино Култура)

Учесници:
Дејан Срхој (Љубљана/Словенија)-кореограф, Nomad Dance Academy Slovenia
и Cofestival Ljubljana;
Дане Теодориду (Брисел/Белгија)-независен уметник и истражувач
www.danaetheodoridou.com;
Милица Илиќ (Париз/Франција)-истражувач за културна политика и менаџер во културата, RESHAPE Coordinator and International Adviser at Onda; Оливер Мусовиќ (Скопје)-независен уметник,
http://cargocollective.com/olivermusovik/C; Слободанка Стевчевска (Скопје)-уметница, Колектив ОПА (Опсесивно Посесивна Агресија) www.o-p-a.org/OPAcv.doc;
Филип Јовановски (Скопје)-самостоен уметник, основач на ФРУ и АКТО фестивал за современа уметност, http://akto- fru.org/en/

Програмски уредници: Биљана Тануровска Ќулавковски и Виолета Качакова.

Настанот е во организација на Локомотива - Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Северна Македонија во партнерство со Номад танц академија, Словенија.

Самитот се реализира во рамки на програмата на Локомотива во Кино Култура во 2019 година, програмска линија „Современа култура и јавни политики“ поддржана од град Скопје, Министерството за култура и Општина Центар. Програмата е подржана од Креативна Европа во рамки на проектот Life Long Burning, програмска линија
Performance situation room.