Медиум на друм (9): Општество на спектаклот (2)

12.12.2019 16:31
Медиум на друм (9): Општество на спектаклот (2)

НЕГАЦИЈАТА И ПОТРОШУВАЧКАТА ВО КУЛТУРАТА

Ќе доживееме политичка револуција? Зарем ние, современици на овие Германци? Драг пријателе, па вие верувате во она што си го посакувате. Бидејќи јас ја судам Германија според нејзината сегашност, не можете да ми приговорите дека целата нејзина историја е фалсификат, ниту дека целиот нејзин јавен живот не го претставува вистинското мислење на луѓето. Читајте ги кои било весници и ќе се уверите дека не престанува величањето - а ќе признаете дека цензурата никому не му забранува да престане - на слободата и среќата на својот народ...
Руге (писмо на Маркс, 1843)

180
Културата е општа сфера на сознанието и на претставата за проживеаното во историското општество поделено на класи; тоа значи дека таа е моќ на соопштување (и воопштување) која постои одвоено, како интелектуална поделба на работата и како интелектуална работа на поделбата. Културата е одвоена од единството на митското општество, „кога моќта за унификација исчезнува од човечкиот поглед и кога спротивностите го губат својот однос и својата жива интеракција та постигнуваат автономија...“ Достигнувајќи независност, културата го започнува империјалистичкото движење за збогатување, коешто едновремено е и пропаст за нејзината независност. Историјата која создава релативна автономија за културата, како и идеолошки илузии за таа автономија, се изразува и како историја на културата. Целокупната освојувачка историја на културата може да се збие како историја на откривањето на својата недоволност, како чекорење кон сопственото самопотиснување. Културата е место на потрага по загубеното единство. Во таа потрага по единството, културата како одвоена сфера е обврзана да се порекнува самата себе.

181
Борбата помеѓу традицијата и иновацијата, што е начело на внатрешниот развој на културата на историските општества, може да се следи само преку постојаното победување на иновацијата. Но, иновацијата во културата не носи ништо друго туку тотално историско движење коешто, бидејќи е свесно за својата тоталност, тежнее да ги превозмогне сопствените културни претпоставки и се насочува кон потиснување на сите одвојувања.

183
Културата е изданок на историјата која го укинала начинот на живот на стариот свет, но како одвоена сфера таа сè уште е само разум и осетлива комуникација, коишто и понатаму се делумни во делумно историското општество. Таа е смислата на светот во кој има премалку смисла.

184
Крајот на историјата на културата се искажува на две спротивставени страни: првата е проект за нејзино надминување во тоталната историја, а втората е организација на нејзиното одржување како мртов предмет во една контемплација на спектаклот. Првото движење ја поврза својата судбина со општествената критика, а второто со одбраната на класната моќ.

186
Губејќи ја заедницата на митското општество, општеството ги загуби сите повици кон еден навистина заеднички јазик, сè до моментот кога резовите на недејствувачката заедница можат да се надминат со издигнувањето во стварно историска заедница. Уметноста, која го создаде заедничкиот јазик на општествената неактивност, станува независна во модерната смисла, тргнувајќи од својот првобитен, религиозен универзум, а станувајќи поединечно производство на одвоени дела, исто така го запознава и движењето коешто доминира со историјата на одвоената култура. Потврдата за нејзината независност е почеток на нејзиното расточување.

190
Уметноста во периодот на своето расточување, како негативно движење кое тежнее кон надминување на уметноста во историското општество во коешто историјата веќе не се живее, едновремено е и уметност на промената. Колку нејзиниот стремеж е посилен, толку повеќе нејзиното вистинско остварување е вон нејзиниот дофат. Таа уметност насила е авангардна и не е. Нејзината авангардност е нејзино исчезнување.

193
Културата која во потполност станала стока мора да стане врвна стока на општеството на спектаклот. Clark Kerr, еден од најистакнатите идеолози на таа тенденција, пресметал дека компликуваниот процес на производство, распределба и потрошувачка на знаењето зафаќа 29% од националниот производ на САД; тој предвидел дека културата во втората половина на веков би требала да биде движечка сила на стопанскиот развој, како што тоа во првата половина беше автомобилот, а железницата во втората половина од минатиот век.

207
Идеите се подобруваат. Во тоа учествува смислата на зборовите. Плагијатот е нужен. Него го имплицира напредокот. Плагијатот ја прогонува реченицата на некој автор, се служи со неговите изрази, ја брише лажната мисла и ја заменува со вистинита мисла.

208
Диверзијата е спротивност на цитирањето, на теорискиот авторитет кого што секогаш го урива самиот факт дека авторитетот станал цитат - фрагмент откорнат од својот контекст, од своето движење, па најпосле и од своето време како глобална референца, точно или погрешно препознаена. Диверзијата е флуиден јазик на анти-идеологијата. Таа се појавува во комуникација којашто знае дека не може да се преправа дека во себе задржува какво било јамство. Согледана од највисоко стојалиште, таа е јазикот кого што ниедна стара и надкритичка референца не може да го потврди. Напротив, нејзината сопствена кохеренција во нејзе самата и со практични факти може да го потврди старото јадро на вистината кон која води. Диверзијата не е втемелена на ништо надворешно во однос на сопствената вистина како присутна критика.

209
Она што во теориската формулација отворено се претставува како предмет на диверзија, порекнувајќи ја целата трајна автономија на изразената теориска сфера, наведувајќи ја со истата сила да преземе активност којашто го пореметува и уништува целокупниот постоечки поредок, нè потсетува дека таа теориска егзистенција не е ништо во себе самата и може да се осознае само преку историска акција и историска исправка којашто е нејзина вистинска верност.

210
Само стварното порекнување на културата може да ја сочува нејзината смисла. Негацијата веќе не може да биде културна. Таа е своевиден остаток, на кој било начин, на ниво на културата, но во сосема поинаква смисла.

211
Во јазикот на противречието, критиката на културата се претставува како обединета: во мера во која доминира со целината на културата - и со знаењето и со поезијата - и во мера во која не се одвојува од критиката на општествената севкупност. Таа обединета теориска критика самата ќе се сретне со обединетата општествена пракса.

Избор и превод: Пандалф Вулкански
Извор: Guy Debord - La société du spectacle (1967)
Фотографиите се од филмот Dreamers, 2003
Гифови: Александар Јосифовски (врз фотографии од филмот Dreamers)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото