Вечната дилема

12.12.2019 23:34
Вечната дилема

Како некакво специфично етичко „освежување“ во замена за нашите локални (не)етички судско-бирократски заврзлами доаѓа „случајот Хандке“ и неговата Нобелова награди за литература. И повторно ни ја става под нос, или на совест, вечната дилема: човекот или делото! Во случајов особено, односно по којзнае кој пат не’ исправа пред сомнежот што е побитно – творечкото или човечкото делување тоест постои ли етичка граница помеѓу двете; поклонувањето пред музите или пред реалполитиката односно поклонувањето пред поличките ставови, какви и да се; одвоиво ли е, и на кој начин и во колкава мера, професионалното од секојдневното човечко делување … И, во крајна консеквенца, мораме ли секогаш да го имаме предвид фактот дека човекот, особено луѓето од калибарот на еден Петер Хандке, се комплексни личности со повеќе „страни“ – или ликови, како сакате – кои се пројавуваат во различните домени на човековото битисување? Оттука, можеме ли да кажеме дека Петер Хандке е голем писател, ама мал човек? И наградувајќи го големиот писател нели автоматски го наградуваме и малиот човек (иако во неговиот случај поимот „мал“ е речиси деминутив!)?

А сепак, вака поставените репери можат и да се завртат наопаку, па да се постави прашањето: а како може таков калибар од писател во секојдневниот живот да се спушти на такво „прозаично“ (повторно деминутив) рамниште? И може ли / смее ли да го негира очигледното, јасното, јавно утврденото и пред се’ грозоморното? И тоа да остане „неказнето“, дури наградено?

Се чини дека Нобеловиот комитет за литература ги пресекол сите вакви дилеми објавувајќи ја својата одлука Хандке сепак да биде награден со Нобеловата награда за литература за 2019 година. Или, поинаку поставено, го наградува делото, а не човекот. Но, повторно: зарем делото е самосоздадено? Зарем тоа дело, колкаво и да е’, не го создал човекот Хандке, токму тој мал човек кој го негира геноцидот, го велича осудениот воен злосторник, држи огнени говори во негова полза, му оди на погреб … ? Ама, ќе рече некој, секојдневниот живот и приклученија на Петер Хандке и неговите размисли и постапки сепак не се критериумот, уште помалку се меродавни за оценките на квалитетот на неговото литературно творештво! Да, и тоа така и требе да биде и никој не заговара дека книгите на Хандке не треба да се издаваат, не треба да се продаваат во книжарниците, не треба да се читаат. Напротив, ама тоа сепак не значи дека еден таков човек треба да се наградува со највисоката светска награда за литература, нели?

Не сум сигурен дека кога и да е’ човекот ќе успее да ги разреши ваквите специфични етички дилеми. Сложеноста на човековата личност секогаш остава потенцијални процепи за изблици и на неговите темни, скриени страни, често дури и насилни или со толеранција за насилството. Односно, кога сега би почнале да правиме список на сите оние творци слични на Хандке кои само „од прва“ ни паѓаат на ум, списокот би бил прилично долг. И комплициран. И секој на него, почнувајќи да речеме од еден Грас, Неруда, Паунд, Хајдегер, Валдхајм и многу, многу други, би бил приказна за себе, етичка дилема за себе. Но, во овој и ваков третман има уште една голема квазиетичка – ја нарекувам квазиетичка и тоа подоцна ќе го објаснам – дилема (онаа што ја потенцира и Ѕ. Георгиевски): зошто еднакво не го осудуваме политичкиот ангажман на добитничката на Нобеловата награда за литература за 2018 година (Олга Токарчук)? А во таа насока и на бројни други навистина големи уметници со ист или сличен политички ангажман почнувајќи, на пример, од претставниците на Руската авангарда и нивниот отворен комунистички настап? Која е разликата? Па, мислам дека разликата е токму во етичкиот пристап кон нештата односно во етичките / моралните вредности на ангажманот! Или, ако сакате, токму во антиподните вредности на агресијата, геноцидот, национализмот / шовинизмот, ксенофобијата … наспроти мирољубивоста, хуманизимот, демократијата … ! А тоа се вистински, суштински морални антиподи. И конечно, на скалата на етичките вредности никогаш нема да ги сретнете агресијата, геноцидот, национализмот / шовинизмот, ксенофобијата, уште помалку некому, особено на помладите, нема да им ги посочите како вредности кон коишто треба да се стремат. Тука е разликата!

Но, од друга страна, ако пак почнеме да правиме слични такви списоци со исто толку големи творци кои во животот потклекнале пред други нешта (намерно не велам пороци) – алкохол, дроги, насилство, криминал итн. – тој список ќе биде уште подолг од оној првиот. Да, знам, не ги поистоветувам едните и другите, ама сепак. Или, дали Полок, на пример, е полош сликар само заради тоа што бил алкохоличар? Или еден Хемингвеј, Фицџералд и многу други големи писатели? Впрочем, и целото вонсериско творештво, но и смртта на Ван Гог се припишува на дејството на абсинтот врз сликарот! Или дали е Едгар Алан По паѓа на вредносната скала на писатели само заради фактот што пишувал користејќи „недозволиви супстанци“? Или еден Алистер Кроули, на кого му се припишува употребата на сите познати дроги (хероин, мескалин, кокаин, канабис … сите комбинирани со алкохол)? Сакам да кажам: кога некој од гореспомнатите денес би застанал пред нас „чистите“, би му дале ли некаква награда, па нека е и општинска плакета? И впрочем, што е ремек-делото „Д-р Џекил и мистер Хајд“ на Стивенсон ако не токму „ода“ на (најмалку) двојната природа на човекот?

Она што е еднакво интересно, барем за наши услови, е фактот што кај нас толку горливо се пристапи кон „случајот Хандке“, ама одлесно се заборавија сите наши државни награди доделени на едикоиси за нивни минорни заслуги и крајно сомнително поведение! Бргу се заборавија тоест, подобро речено, речиси целосно беа премолчани и наградите што ги доделуваше криминалецон од Будимпешта во улога на премиер на видни личности, меѓу кои и еден Орхан Памук! Но, впрочем, нам не ни требат ни Хандке ниту Нобел, ние и денес речиси секојдневно низ медиумите гледаме / читаме слични (не)етички циркуси, особено низ македонските судови, каде нештата се веќе толку помешани, каде криминалци ни се претставуваат како малтене херои, каде лагата и опачината на животот стануваат доминантен фокус на јавноста. Само ретко, тук-таму ќе чуете осамен етички глас контра агресијата на криминалните сапуници и нивните воспевани актери.

Слики: John Robinson

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото