Како пребарувањето на интернет сади стебла

13.12.2019 00:43
Како пребарувањето на интернет сади стебла

„Инвестираме 100 проценти од профитот, секој месец барем 80 проценти директно одат во проекти за садење нови стебла, додека еден дел одвојуваме за фондот за кризни ситуации, за случаи како пожарот во Амазонија каде ситуацијата беше итна. Но, најпосле сѐ оди за садење дрвја“, објаснува Фатима Гонзалес-Торес, од берлинската канцеларија на Екозија, компанија која го направи истоимениот пребарувач на интернет кој ви овозможува секое пребарување да го насочите во корисни цели, садење стебла.

Бидејќи пребарувачите со секое пребарување зарабоуваат од огласувачите, приближно четириесетина пребарувања ќе заработат доволно за едно ново стебло. Досега се посадени 72 милиони стебла, според бројчаникот нацртан на плоча која се наоѓа во нивната канцеларија.

До идејата дошол Кристијан Крол, основачот на компанијата, кога како студент патувал низ светот и ги видел проблемите и размерите кои ги создало сечењето на шумите во разни делови од планетата. Бидејќи имал искуство во правење пребарувачи ја согледал можноста преку пребарување да се финансира садењето нови шуми. После десет години работа, компанијата денес има 8 милиони корисници ширум светот и вработува четириесетина луѓе, а веќе импресивниот број стебла кои ги посадиле расте секој ден. Повеќето стебла се посадени во земјите во развој, во земји како Бразил, Индонезија, Уганда...

„Едноставно е да се посади стебло, покомплицирано е да се избере вистинскиот вид, вистинската сезона за садење, да се осигура дека стеблото ќе преживее, ако не преживее да се сфати зошто, дали на тој начин се поддржува локалната заедница, каква корист има од стеблата. Затоа на терен работиме со експерти и локални организации. Се обидуваме да им помогнеме нивните проекти да пораснат или започнуваме нови проекти таму каде што ги нема“, истакнува Гонзалес-Торес, која е вработена во Екозија како стратег и регионална директорка за Јужна Европа.

Насочени се кон подрачјата со богат биодиверзитет, а бидејќи Медитеранот е важна еколошка зона, помеѓу африканската и јужноамериканската земја, започнале проект за садење во Шпанија.

„Секако дека на светот му требаат стебла и регенерација на тлото секаде зашто тлото е во колапс, но моравме да селектираме каде да почнеме па избравме подрачја кои се важни за екосистемот на целиот свет. Исто така, развиениот свет има пари и знаење да го обнови тлото, но оние што ја имаат власта не сакаат да го прават тоа. Затоа најмногу се фокусиравме на земјите кои немаат средства за садење, но ги поддржуваме и движењата како што се Fridays For Future, кои вршат притисок над властите во развиение земји за да почнат со вистински промени“, рече нашата соговорничка.

Но, Екозија на својата веб страница има формулар преку кој секој може да испрати предлог за некоја нова локација за садење или проект на кој му треба поддршка. Иако не се фокусирани на Европа, во Екозија велат дека секако може да се разгледа секој предлог.

„Прво сакаме да видиме колку тоа подрачје е важно за биодиверзитетот, дали постојат други проекти за садење и слично. Нашите експерти за садење стебла секогаш разгледуваат и одговараат на секој предлог“, вели Гонзалес-Торес.

Од Екозија разгледуваат и други активности поврзани со регенерацијата на тлото па така финансираат и еден пермакултурен проект во Франција. „Фрустрирани сме од тоа што нештата не се одвиваат побрзо. Затоа инвестираме и во нови нешта за да видиме како функционираат во практиката па можеби ќе помогнеме да се прошират во светот. И ние учиме преку овој пермакултурен проект“, нагласува таа.

Пребарувачот работи во партнерство со поголемиот пребарувач Бинг, но користат разни јавно достапни листи кои ги рангираат компаниите според разни критериуми за одржливост па ви покажуваат кои компании се „позелени“ од другите.

„Имаме зелена ознака која дава информација дека некоја компанија е добро позиционирана според одредени критериуми, или ако станува збор, на пример, за термоелектрана на јаглен, имаме ознака дека таа компанија е штетна за околината. Но, не ги одбиваме огласите зашто соработуваме со Бинг и немаме контрола над огласувачите, но во своите пребарувања вклучуваме јавно достапни податоци. Најпосле, ако корисникот сака да кликне нешто тоа е негова одлука. Исто така, сметам дека во сржта на проблемот не станува збор за една или неколку лоши ’компании’, туку станува збор за структурални проблеми кои владите мора да сакаат да ги решат“, објаснува.

Од Екозија вложиле и во соларни електрани на две локации во Германија така што денес функционирањето на нивните сервери се базира на енергијата од сонцето, а произведуваат и вишок електрична енергија која оди во германската мрежа. Исто така, тие се првата компанија во Германија која стекна сертификат на Б корпорација која го издава организацијата B Lab чие седиште е во САД и издава вакви сертификати на деловни субјекти кои се особено заинтересирани за одржливоста и заштитата на околината, ги почитуваат правата на работниците и слично. Накратко, се обидуваат да ги мотивираат компаниите да бидат подобри интерно и екстрено.

Она што исто така први го воведоа во Германија, а можеби и во светот, е климатското отсуство. Ако одлучите да учествувате во некој климатски протест, како што е актуелниот Extinction Rebellion во Берлин, или да одите во шумата Хамбах, за тоа ќе добиете слободни платени денови во Екозија. Ако пак завршите во притвор, компанијата ќе ви ги плати трошоците за евентуални казни или за адвокат.

„Во врска со климатската криза многу е важно секој поединец да учествува во притисокот врз властите да спроведат реални промени. Ние како компанија правиме сѐ што можеме за да ги поддржиме целите кои ги заговараат движењата како што се Fridays for Future не само преку садењето стебла. Сметавме дека мораме да им овозможиме на вработените да бидат дел од тоа и сакавме таа практика да биде запишана и формална, да значи обврска и како таква да комуницира кон надвор, да ги инспирира и другите компании да воведат нешто слично зашто климатската криза влијае на сите нас. И некои други компании не ги казнуваат вработените за одење на протести, но единствени сме што го имаме тоа како постојана политика и се однесува на кој било меѓународен или локален протест“, опишува.

На нивната веб страница вработените објавуваат блогови за животната средина, од кои се гледа дека се упатени во пошироката слика на проблемот со губењето на шумите како што се климатските промени, губењето на биодиверзитетот, водата и слично.

Секој втор четврток имаме време за самоедукација. Можеме да го користиме тоа време за да учиме што сакаме. Научивме многу и од нашите експерти за стебла. Исто така соработуваме со многу надворешни експерти со кои проверуваме дали е правилно она што го правиме. Имаме слична политика како Fridays for Future, сѐ што објавуваме е фактографски проверено“, рече Гонзалес-Торес.

За да се осигураат „Екозија секогаш да остане она што е“, ја претворија во компанија која самата себеси си е сопственик.

„Сакаме да се осигураме дека никој не може да ја продаде компанијата и да го користи профитот за нешто друго. Не сакавме да станеме здружение, а немаше некои други легални опции кои немаше да нѐ ограничуваат. Иако се надеваме дека тоа нема да се случи, размислувавме и што би се случило ако исчезне Кристијан. Основавме компанија која е сопственик на акциите и потпишавме дека компанијата никогаш нема да има некоја цел која не е општествено одговорна. Денес сме компанија која се поседува себеси, сопственици се сите кои работат во неа, а истовремено никој не е сопственик“, објаснува.

Пребарувањето на интернет е нешто од кое нема да се откажат повеќето најрадикални активисти, речиси сите учествуваме во тоа и патем заработуваме за некоја корпорација, со мала можност за избор. Иако работат во партнерство со поголем пребарувач за што некои ќе им замерат, Екозија сепак почна да бара поинаков пат и сѐ уште го бара.

„Не постои целосно приватна компанија и комплетно приватна сопственост. Споделувањето не е избор туку факт зашто и водата и воздухот ги користиме сите. Секоја компанија мора да врати нешто во општеството. Ние мислиме дека во иднина тоа ќе биде единствен начин на работа“, заклучува Гонзалес-Торес.

Извор: http://www.h-alter.org/

ОкоБоли главаВицФото