1028 hPa
28 %
19 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 14:34
Извор: Дојче веле
Британскиот премиер Борис Џонсон ги одведе конзервативците до историска победа и големо мнозинство. Во кампањата речиси се' се вртеше околу Брегзит и ова е и глас за паролата на Џонсон „Get Brexit Done“. Џонсон слави голема победа: конечните резултати сѐ' уште се чекаат, но неговите конзервативци по пребројувањето на гласовите во повеќето од вкупно 650 изборни единици некаде околу 6 часот наутро по локално време можеше да прогласи победа во 326 од нив. Тоа е магичната граница со која конзервативците освоија апсолутно мнозинство во Долниот дом во британскиот парламент. Според последните прогнози, ториевците би можеле да освојат до 360 од вкупно 650 мандати.
„Се надевам дека вечерва ќе можете да славите“, им напиша Џонсон во електронска порака на членовите на својата партија. Лабуристите предводени од левичарот Џереми Корбин претрпеа историски пораз, освојувајќи само 203 изборни едниници. Корбин пред изборот вети „вистински пресврт“ кој избирачите очигледно не го сакаат. Тој најави дека ќе остане засега на чело на партијата, но дека никогаш повеќе нема да се кандидира за премиер.
Како референдум
Џонсон сега има слободен пат до поддршка во парламентот за договорот со ЕУ, можеби и до исполнување на предизборното ветување - Брегзит до 31 јануари. Двата големи табора, ториевците и лабуристите, ги прогласија овие избори за историски. Џонсон зборуваше за „најважни избори за нашата генерација“. Се' звучеше како да се работи за нов референдум за Брегзит по системот - кој ќе гласа за Џонсон, гласа пред се' за неговото мото „Get Brexit Done“.
Така успеа пресметката на Џонсон. Застана против Корбин кој се залагаше за нови преговори со ЕУ и нов референдум, како и шкотските националисти и Либералните демократи.
„Зарем не би било прекрасно да ја јадеме божиќната мисирка со извесност дека Брегзит е завршена работа?“, ги праша Џонсон своите симпатизери на последниот митинг. Критичарите се плашат дека Џонсон повторно нема многу да направи во рамки на договорите со ЕУ и оти Британија без никаков договор ќе ја напушти ЕУ последниот ден наредната година, до кога трае преодниот период. Џонсон досега водеше малцинска влада, а сега ќе има апсолутно мнозинство. Вети економски бум, повеќе јавни инвестиции во здравството и во полицијата. Дури рече и дека во Велика Британија ќе се раѓаат повеќе бебиња бидејќи луѓето ќе бидат посреќни по Брегзит.
Инаку според британскиот мнозински изборен систем, кандидатот со најголем број освоени гласови во изборната единица го добива мандатот. Во многу изборни единици, кандидатите од опозициските социјалдемократи и либерал-демократите заедно имаа мнозинство. Сепак, бидејќи партиите не се откажаа од своите кандидати, конзервативците во многу изборни единици победуваа со освојување на само малку повеќе од една третина од гласовите. „Брегзит-партијата“ на европратеникот Најџел Фараж пак не успеа да освои ниту еден мандат. Многу приврзаници на Брегзит претпочитаа да гласаат за конзервативците за да им обезбедат мнозинство во Долниот дом. Фараж ноќеска рече дека земјата сега најверојатно со години ќе преговара за трговските договори со ЕУ . Тој се залагаше за излез без договор, тешката варијанта на Брегзит.
Шкотска гласаше против Брегзит
Северниот дел на Велика Британија пак гласаше сосема спротивно на трендот на оваа изборна ноќ. Во Шкотска, имено, Шкотската национална партија (СНП) оствари убедлива победа. Таа освои 52 од можните сите 59 пратенички во Шкотска. СНП се залага Шкотска да остане во Европската унија, и покрај тоа што остатокот на Велика Британија сега веројатно ќе излезе од Унијата на крајот на јануари. Премиерката на Шкотска, Никола Старџон, изборната победа значи налог за повторно гласање за државна независност на Шкотска. Во 2014 година на референдум Шкотите ја отфрлија независноста.